Не, во последниве 10 година Македонија не го доживеа „најголемиот економски раст во историјата“

Најголем економски раст во историјата? Па, не баш! Фото: скриншот

Кога станува збор за движењето на една економија, односно за нејзиниот раст или пад, нема повеќе „релевантни индикатори“, тука има само еден. А, тоа е движењето на бруто домашниот производ (БДП) и тоа, пред сè, движењето на БДП на годишно ниво споредено со претходната година

 

 

Христијан Делев, заменик министер за економија, во дебатната емисија „Клик Плус“ на ТВ21 го изјави следново:

Сите релевантни индикатори покажуваат дека Македонија во последниве 10 години го доживеа најголемиот економски раст во историјата. И тоа е факт. Дали можело подобро, сигурно можело подобро. Дали можело поинаку, сигурно можело поинаку. Но, факт е дека Македонија во последниве 10 години имаше највисок економски раст во историјата.“

[Извор: ТВ21, Датум: 11.05.2016]

Оваа изјава истовремено е и невистинита и недоследна, но според методологијата на „Вистиномер“ ја оценуваме како невистинита:

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Како прво, недоследноста на изјавата се однесува на фразата „сите релевантни индикатори“. Кога станува збор за движењето на една економија, односно за нејзиниот раст или пад, нема повеќе „релевантни индикатори“, тука има само еден. А, тоа е движењето на бруто домашниот производ (БДП) и тоа, пред сè, движењето на БДП на годишно ниво споредено со претходната година. Само овој индикатор сеопфатно покажува дали една национална економија има раст во однос на претходната година или не. Иако не е јасно на што што Делев мисли кога вели „сите релевантни индикатори“, еве, да претпоставиме дека тие или некои од нив се однесуваат на падот на бројот на невработени или растот на извозот. Иако евентуални позитивни движења кај овие два индикатори, земени сами за себе, се добри за секоја економија, тие не означуваат автоматски економски раст. Нововработените лица можат и да не ја кренат продуктивноста или да не ја кренат доволно за да се надминат некои други негативни движења во економијата. Исто така, кај евентуални нови вработувања, ако се субвенционирани, цената на субвенциите може да е повисока од растот на продуктивноста и да се појави минус, а не раст. Кога станува збор, пак, за растот на извозот, иако тој е главно позитивен, сепак, може да биде пропратен и со раст на увозот, увозот да чини повеќе од извозот или дури и ако извозот носи зголемени приходи, тие да не бидат доволни да се надминат некои други негативни движења, кои се појавиле во друг сегмент од економијата. Така што, единствен индикатор на кој можеме да се потпреме кога станува збор за мерењето на економскиот раст е движењето на БДП.

Како што напомнавме, тој служи за да се оцени „здравјето“ на економијата на една земја (или група земји како Европската унија). Претставен е како парична вредност на сите добра и услуги произведени, односно дадени во одреден период. На него може да се гледа и како мерка за големината на економијата и тој се претставува како споредба во однос на претходното тромесечје или претходната година. На пример, ако БДП година за година пораснал 3%, ова значи и дека економијата пораснала 3% минатата година, објаснува „Инвестопедија“. За илустрација, бруто домашниот производ на Македонија во 2015 година изнесуваше 10,086 милијарди САД долари или 4.812,7 долари по жител, покажуваат податоците на Светската банка.

И тука сега веќе останува само да видиме што покажуваат податоците за движењето на македонскиот БДП во периодот 2003-2006 година, кога СДСМ беше на власт и во периодот 2007-2016, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт*. Тие податоци, кои се најпрегледно прикажани од Народната банка на Македонија, го покажуваат следново:

  • Просечен годишен раст на БДП во периодот 2003-2006 (СДСМ на власт): 4,175% годишно
  • Просечен годишен раст на БДП во периодот 2007-2016 (ВМРО на власт): 2,95% годишно

Ваквиот просечен годишен раст на македонскиот БДП е очекуван, ако се знае дека во периодот 2007-16 година имаше две години кога тој не само што не порасна, туку и доживеа пад, каков што беше случајот во 2009 и 2012 година, а освен во 2007 и 2008 година, тој потоа секогаш, кога бележеше раст, таквиот раст беше под 4 отсто. Од друга страна, пак, во периодот 2003-06, БДП, освен во 2003 година, кога растот беше 2,2%, во следните 3 години секогаш беше над 4 отсто.

Со оглед на ваквото движење на БДП, не може да се каже дека „Македонија во последниве 10 години го доживеа најголемиот економски раст во историјата“ и заради тоа ваквата изјава на заменик-министерот Делев ја оценуваме како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Владимир Петрески

 

*Напомена: Во 2002 година изборите на кои победи СДСМ се одржаа на 15 септември, а премиерот од оваа партија (Бранко Црвенковски) беше изгласан во Парламентот на 2 ноември, така што оваа година не влегува во периодот на владеењето на СДСМ. Во 2006 година, изборите на кои победи ВМРО-ДПМНЕ се одржаа на 5 јули, а премиерот од оваа партија (Никола Груевски) беше изгласан во Парламентот на 28 август, така што оваа година не влегува во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, туку на СДСМ.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција