НЕ за детали, описи и интервјуирање на соседи кога се работи за самоубиство

[Рецензија: Соседите изненадени од самоубиството на момчето, кое било мирен и добар сосед]

 

Текстот што го рецензираме има неколку аспекти што се проблематични и несоодветни на добрите новинарски практики. Во Прирачникот за етиката во новинарството, и, уште поважно, во Кодексот на новинарите (членовите 7 и 8), се наведува дека:

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност на јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост. (7)

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда. (8)

Но, во овој напис е постапено токму спротивно на етичките правила.

Линк до оригиналниот напис: Соседите изненадени од самоубиството на момчето, кое било мирен и добар сосед

Датум на објавување: 2 март 2020 11:58

Датум на рецензирање: 5 март 2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

Во конкретниот случај со самоубиството, воопшто не треба да се известува. Не станува збор за јавна личност, не станува збор за информација од јавен интерес. Како што е повеќепати констатирано во светската журналистичка пракса, пишувањето и известувањето за самоубиствата се во директна корелација со мотивирање на оние што се на работ да извршат самоубиство. А ова особено се однесува на адолесцентите.

Во историјата на новинарската пракса познати се случаите од Британија во 1972 година, кога повеќепати медиумите известиле за самоубиство изведено со самозапалување. Следната година се регистрирани 60 самоубиства со самозапалување. Истото се случило и во 1980 година, кога германска телевизија детално известувала за самоубиство на тинејџер, кој се фрлил под воз. Наредните денови на сличен начин се самоубиле други луѓе.

 

НЕОПХОДНА Е МАКСИМАЛНА ДИСКРЕЦИЈА

Дискрецијата и внимателноста се неопходни не само поради превенирањето нови случаи, туку и поради тоа да се избегне дополнително трауматизирање на семејствата и на блиските.

Во случајов имаме објавена фотографија од зградата во која живеело момчето, што е преблиска идентификација, траума за семејството, блиските и пријателите, кои во моментов се соочуваат со голема жалост за загубата. Се отишло предалеку –  новинарот ги интервјуирал соседите, па уште и барал причина за самоубиството!

Секогаш е болно кога човек ќе почине и треба да се остави семејството приватно да жали поради загубата, наместо да се додава сол на раната со анкетирање  соседи, објавување мислења што се комплетно ирелевантни за случајот и имаат сензационалистички призвук.

Воопшто не е потребно да се оди на самото место, да се интервјуираат соседи. Што се очекува да се постигне со ова? Кој е јавниот интерес? Тој не постои, а на семејството му се нанесува дополнителна штета.

 

ДВОЈНА ВИКТИМИЗАЦИЈА

Сосема е неважно какво било момчето, дали било мирно, бурно, весело, тажно. Тоа на ниеден начин не ја олеснува ситуацијата, туку само дополнително, преку интервјуирањето на соседите, ги изложува блиските на жртвата на двојна виктимизација.

Наведувањето на адресата, возраста, експлицитните описи на тоа како изгледало телото, што носел починатиот е неоправдано во ниеден случај. Дури и да се работи за лице што е јавно, а во ситуација кога станува збор за човек што не бил дел од јавниот живот, не извршувал јавна функција, туку е приватно лице, е комплетно сензационалистичко, неумесно и симболизира начин на кој не треба да се постапува кога станува збор за известување од самоубиства.

За новинарскиот однос кон информациите што вклучуваат одземање на животот, треба да се напомене и дека треба да биде ослободен од односот како кон вести од рубриката „Црна хроника“. Самоубиствата не се кривично-правни настани, односно не треба да се третираат така. Ако веќе се информира, би било добро тоа да се прави на едукативен начин, за превенција, а не за сензација или за задоволување на љубопитноста.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција