Не запираат теориите на заговор дека нè прскаат со отрови од воздух!
Манипулативен пост сее паника дека од небото се фрлаат некакви биолошки или хемиски отровни агенси, а главниот доказ за тоа се трагите кои зад себе ги оставаат авионите! Позната теорија на заговор, која во најобичната физичка појава на кондензација гледа заговор против човештвото, преку тајна програма за распрскување отрови
Манипулативен пост сее паника дека од небото се фрлаат некакви биолошки или хемиски отровни агенси, а главниот доказ за тоа се трагите кои зад себе ги оставаат авионите! Позната теорија на заговор, која во најобичната физичка појава на кондензација гледа заговор против човештвото, преку тајна програма за распрскување отрови
Објава на социјалната мрежа Фејсбук шири дезинформации дека народот се „запрашува“ со отрови од воздух. Ова, практично, е уште една од низата теории на заговор која оди на линија на сомнежот дека од авиони се испупштаат опасни отрови кои имаат за цел да предизвикаат масовно нарушување на здравјето на граѓаните.
Во овој манипулативен пост, меѓу другото, се тврди:
Денес ич не штедеа отров. На најјако.
Што чекаме? Има ли некој нормален останат? Зарем има нешто посвето за кое вреди да се живее од – токму нашите животи? Зарем има поголем повик за борба од таа за здравјето на нашите деца?
Иако во постот не е прецизирано на што поконкретно се мисли, контекстот е јасен, а впрочем, тоа го потврдуваат и коментарите под него – дека, наводно, станува збор за авионско труење на популацијата.
За ваквите тврдења, се разбира, дека нема никаква научна поткрепа, арно ама тие се податливи за социјалните мрежи и сеењето на заговорнички сценарија и паника кај народот, оти „од горе“ му се фрлаат некакви биолошки или хемиски отровни агенси! Главниот доказ за тоа и во овој случај се трагите на небото кои зад себе ги оставаат авионите.
Ваквите „хемтрејл“ теории на заговор, кои во најобичната физичка појава на кондензација гледаат заговор против човештвото преку некоја си тајна програма за распрскување отровни хемикалии, досега се повеќепати разоткриени од проверувачите на факти, меѓу кои, чешкиот сервис за проверка на факти, Manipulatori.cz., српскиот сервис Istinomer.rs , како и во некоклку рецензии на „Вистиномер“.
Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден „ниту еден веродостоен доказ дека ‘кемтрејлс“ постои“.
Исто така, во врска со оваа тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата.
Оваа теорија на заговор е актуелна од појавата на интернетот. Уште може да пронајдете бројни интернет страници, кои го промовираат овој вид на псевдонаука. Нашето истражување покажа дека научната заедница не се согласува со тврдењата оти владата, армијата, авиокомпаниите и други субјекти се здружиле во широка мисија да ја отрујат планетата со прскање преку авиони, вели Стивен Дејвис, професор и научник од универзитетот Ирвин во Калифорнија.
Според ова истражување, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е зашто тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, односно дека има многу повеќе авиони, кои учествуваат во авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.
На крајот да споменеме и тоа дека постот е објавен пред повеќе од една недела (24 октомври), а за „отровот“ кој, наводно, е „пуштен на најјако“ не слушнавме дека предизвикал масовни труења?!
Истовремено, не е за занемарување ниту упатениот „повик за борба за здравјето на нашите деца“, со оглед на тоа што оваа опасно манипулативна објава е прилично вирална – во моментот кога е пишуван текстот има 46 споделувања, но и стотина допаѓања и коментари, кои главно поддржуваат теории на заговор. Што, во секој случај е поразително.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар