Не, жена не се разведе од Ајфеловата кула за да се венча за ограда
Тврдењата дека „се заљубила во ограда“ потекнуваат од саркастични и невистинити објави. Сепак, вреди да се нагласи дека законски не е можно да се стапи во брак со нежив предмет, ниту во САД ниту во Франција, па затоа таквиот брак не е официјално признаен во тие земји.
Тврдењата дека жена „се заљубила во ограда“ потекнуваат од саркастични и невистинити објави. Сепак, вреди да се нагласи дека законски не е можно да се стапи во брак со нежив предмет, ниту во САД ниту во Франција, па затоа таквиот брак не е официјално признаен во тие земји
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Овој свет без никакви кочници оди во провалија.
Во склоп на објавата се споделува дека „жената што стапи во брак со Ајфеловата кула се разведува зашто се заљубила во ограда“ и дека човек „се оженил со кукла од видеоигра и жали што семејството не му дошло на свадбата“.
Како што пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“, не е точно дека Ерика Ајфел која во 2007 година одржа церемонија за да декларира дека ја привлекуваат неживи предмети, односно церемонија за посветување на себеси на Ајфеловата кула – се заљубила во ограда и се развела од Ајфеловата кула. Тврдењата дека „се заљубила во ограда“ потекнуваат од саркастични и невистинити објави.
Сепак, вреди да се нагласи дека законски не е можно да се стапи во брак со нежив предмет, ниту во САД ниту во Франција, па затоа таквиот брак не е официјално признаен во тие земји, пишуваат проверувачите на „Сноупс“.
Ерика се „омажила“ за Ајфеловата кула на церемонија на обврзување, која таа ја опишала како „само мала, неформална церемонија“ и додала:
Ми беа прочитани завети на француски јазик, а потоа ѝ прочитав песна на англиски јазик.
Церемонија на обврзување, според речникот Меријам-Вебстер, е „церемонија на која две лица јавно ја признаваат својата посветеност еден на друг во заедница слична на брак, но без правен статус“. Што се однесува до тврдењето дека нејзиниот „брак“ со Ајфеловата кула завршил и дека сега е заљубена во ограда, тоа тврдење првпат се појави на интернет во 2022 година, кога го објавија разни новински веб-страници.
Сепак, таа приказна беше веднаш сомнителна од многу причини, пред сè тоа што церемонијата на нејзиното посветување на Ајфеловата кула не беше правно обврзувачко, па затоа беше невозможно судот да издаде решение за раскинување на бракот – односно, развод, пишуваат проверувачите на факти на „Сноупс“.
Другите објави на кои Ајфел зборува дека физички ја привлекува ограда првично беа снимени за документарец од 2008 година, насловен „Омажена за Ајфеловата кула “, продуциран од Агњешка Пјотровска. Во еден момент од документарецот, Ајфел беше прикажана како допира црвена ограда, велејќи дека „дефинитивно е физички привлечена од оваа ограда“ и „би сакала подобро да ја запознае“.
Што се однесува на делот од објавата каде се тврди дека маж се оженил со кукла од видеоигра, станува збор за жител на Токио, Акихико Кондо, кој се појави во светските медиуми во ноември 2018 година, кога на 35-годишна возраст се венча со Хатсуне Мику, виртуелен лик што изгледа како 16-годишна девојка и се појавуваше во видеоигри, на виртуелни концерти, па дури и на турнеја со популарната пејачка Лејди Гага.
Кондо ја открил Мику во 2008 година . Во тоа време му било кажано да земе отсуство од работа откако му била дијагностицирана нарушена адаптација. Неговите колеги наводно го малтретирале, а двајца од нив го нарекувале „одвратен“ и го избегнувале. Според Кондо, песните на Мику му помогнале да заспие, а нејзината музика на крајот го мотивирала повторно да излезе и да се врати на работа. Како што пишува Дојче Веле, Кондо не можел законски да го регистрира својот брак бидејќи според јапонскиот закон не е дозволено да се венча со виртуелен лик. Наместо тоа, тој добил алтернативен венчален лист од компанија која прифаќа регистрации за неконвенционални врски.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар