Недоследно-доследни изјави на Заев за рекламирање во приватни медиумите со јавни пари

Зоран Заев. Фото: Влада на РСМ (архива)

По екстремно лошото искуство со трошење на јавни пари во приватни медиуми од страна на владите на Никола Груевски, по стопирањето на истото со измени во законот од претходната Влада на Зоран Заев во 2018 година, сега Заев повторно бара законски измени за да може да се трошат јавни пари за кампањи од јавен интерес

По екстремно лошото искуство со трошење на јавни пари во приватни медиуми од страна на владите на Никола Груевски, по стопирањето на истото со измени во законот од претходната Влада на Зоран Заев во 2018 година, сега Заев повторно бара законски измени за да може да се трошат јавни пари за кампањи од јавен интерес

 

Премиерот Зоран Заев вчера даде изјава околу измени на законот за Аудиовизуелни аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, што би овозможило повторно владино рекламирање во приватни медиуми и која ја оценуваме за недоследна:

Јас на пример не би можел мирно да спијам ако државата не е подготвена да го анимира, информира своето население при евентуални катастрофи, земјотреси, пожари, поплави или слично. Ние немаме начин како. Секаде во светот постојат тие алатки. Затоа сакам да ја отворам вака дебатата за низ дебата да ги изнајдеме решенијата и на крајот коректив да бидат тие што се будното око…

Еве доаѓа лето, што ако се случат пожари? Може живот ќе спасите затоа што медиумот не е должен да ја пренесе изјавата на соодветен министер, премиер, претседател или кој било, а должноста на државата е да го анимира или информира населението, а може некогаш да значи и спасување и на живот и на материјални добра. Секаде во светот како што постои. Вториот дел е други видови на катастрофи. Третиот дел важен пред којшто сме сега исправени како да ја доближиме потребата со сите неопходни информации за вакцинацијата до населението во услови кога само 50 отсто од нашето население има позитивен став за вакцинацијата.

[ ИЗВОР: Макпрес – Што ако се случат пожари.., датум: 06.05.2021]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Овие изјави на премиерот Заев уследија како одговор на новинарско прашање околу неодамнешната вест што ја лиферуваше МИА и во која се навестува измени на членот 102 во Законот што го регулира ова прашање и формирање на Фонд за медиуми.

Заев вчера акцентот го става на потребата од јавни кампањи или кампањи од јавен интерес, споменува и контролни механизми, нагласува дека немало да се дозволи владата да рекламира владини политики и на тој начин да се поткупувале медиуми, итн. Но, Заев никаде не споменува зошто и на чие барање Владата во 2018 година го измени законскиот член 102 со кој стриктно се забрануваат пари на Владата да се даваат за рекламни цели во приватните радиодифузери.

 

Првата забрана уште во 2017 година

Имено, токму преку овој член, кој во таа форма прв пат беше воведен во 2013 година, но претходно се користеа други законски форми, во периодот од 2010 до 2017 година тогашната Влада на Никола Груевски одлеа во медиумите, според едни податоци 26 милиони евра, според други преку 30 милиони. Парите кои се одлеале преку локалните самоуправи во локалните и регионалните медиуми никогаш не се дознаа во целост, зашто на сите напори во таа насока што ги правеше и ЗНМ и поедини медиуми во своите истражувања, локалните самоуправи не одговараа ниту половината од нив за да ги достават податоците.

Токму поради ваквата политика на претходните влади на Груевски, Владата на Заев уште во август 2017 година донесе одлука за забрана на владино рекламирање на медиуми, наведувајќи дека со тоа е исполнет дел од „Планот 3-6-9“, со кои се правеа реформи за добивање на претпристапни преговори со ЕУ. После одлуката, самата Влада соопшти дека Груевски на медиуми потрошил 38 милиони евра од 2008 до 2015 година.

По ова следуваше и формалната забрана со измена на членот 102 на 30 декември 2018 година. Но, уште првата анализа на Вистиномер за измената која важи и денес и која Заев повторно бара да се измени – покажа дека членот е така напишан, што забраната и не е баш забрана во целост и дека сепак има простор за јавни пари во приватни медиуми.

Сега, Владата на Заев или самиот Заев, повторно иницира промени на членот 102, во смисла да се тргне забраната.

 

Размислувањата за измени почнаа уште во 2020 г.

До ова не дојде случајно. Цели две години имаше поплаки од национални и локални медиуми дека со таквата забрана биле доведени во тешка материјална состојба пред затворање. По ова уште во декември 2020 година Заев иницираше и најавуваше измени на овој член. Веќе во февруари 2021 година Владата повторно најави измени на членот 102, а тоа веднаш беше дочекано со одобрување од асоцијацијата во која членуваат петте најголеми приватни телевизии ММА.

Сега ова барање повторно се актуелизира, без никакви анализи на тоа што донела забраната, дали навистина известување „за пожари, за природни несреќи или пак вакцинацијата“ не се обврска на приватните радиодифузери што преку концесија користат јавен ресурс и се задолжени да информираат за настани и кампањи од најсуштествен јавен интерес, ниту пак, анализа на тоа за што се не Владата на Груевски го користеше еуфемизмот јавен интерес за да ги истура буџетските пари во приватни медиуми и на тој начин да ги „купува“ уредувачките политики во истите.

Сите погоре наведени аргументи и факти јасно кажуваат дека барањето за измени на членот 102 од Законот за АВМУ од страна на Зоран Заев е недоследно.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција