Неформален список на пријавени последици не е доказ дека за нив се виновни вакцините

Фото: Принтскрин видео

Самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана. Тоа што авторката на видеото не го кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, а кои таа ги листа на видеото, не се потврдени. Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила  дека пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи, а тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот

Самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана. Тоа што авторката на видеото не го кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, а кои таа ги листа на видеото, не се потврдени. Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила  дека пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи, а тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот

 

Рецензираме вирално видео коешто е прегледано над 12 илјади пати, а во кое за корисниците на интернет авторката наведува, наводно, ексклузивни информации коишто на традиционалните медиуми не се емитувале, а во нив какошто тврди таа, се смртните случаи коишто се пријавени од вакцината против ковид-19.

Таа влегува на сајтот на американскиот федерален систем за пријавување на несакани ефекти од вакцинација (ВАЕРС) и со напредно пребарување ги извлекува сите пријавени случаи на смрт после вакцинацијата против ковид-19 за јануари и февруари во САД.

Проверете самите пред да се вакцинирате. Еве ви чекор по чекор како. На македонски е видеово. На македонски ви е објаснето. Проверете самите колку смрт има од ковид 19 вакцините, а не ви е кажано никаде. Проверете сами! Еве ви официјална страна со чекор по чекор се опишано, се наведува во описот над видеото.

Но, дали листа од пријави на ВАЕРС, докажува дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат смрт? Апсолутно НЕ!

 

ШТО ПОКАЖУВААТ ФАКТИТЕ

Фактите се следните:

Информациите коишто авторката на видеото ги претставува како некакво „скриено богатство“ коешто ќе ги просветли граѓаните, односно ќе им даде дополнителни информации, кои, инаку, традиционалните медиуми ги кријат, се јавно достапни и транспарентно објавени. Штом самата авторка на видеото пристапува до нив, тоа значи дека тие не се скриени, ниту тешки за пребарување. Потребно е само во дата базата да се наведат специфичните параметри кои таа ги пребарува, а кои во случајов се смрт и сериозни реакции, за датабазата да ги исфрли токму тие барани информации. Толку за наводното ,,криење” на информациите.

Да се каже дека има ,,многу” починати од вакцините, а да не се каже колкав е бројот на вакцинирани граѓани и притоа да не се земат предвид фактите дека други здравствени состојби, односно коморбидитети како и останати фактори, можеби влијаеле на смртта што настапила после вакцината, исто така, е замајување на јавноста со непотполни информации.

Тоа што некој починал по администрирана вакцина, не покажува причинско последична врска со самата вакцина. Самата пријава на ВАЕРС, не е доказ дека вакцината ја предизвикала смртта. Можно е други болести, состојби, сообраќајки, канцер, старост – буквално еден куп причини да предизвикаат смрт, откако вакцината е администрирана.

Тоа што авторката на видеото не го кажува е дека самиот ВАЕРС систем наведува дека индивидуалните случаи кои се пријавени, а кои таа ги листа на видеото, не се потврдени. Системот дополнително, не наведува дали и во кои случаи е потврдено дека смртта е резултат на самата вакцина, односно дека има причинско последична врска меѓу вакцината и смртта. Лекарите во САД со закон се обврзани да ги пријавуваат сите несакани ефекти кои се појавуваат одреден период по вакцинацијата. Како што е наведено овде, секој може да поднесе извештај на ВАЕРС.

Во видеоматеријалот, не може да се види колку години имаат починатите луѓе кои ги споменува авторката, дали имале претходни заболувања, дали се навистина многу, или малку, само детално се гледаат пријавите онака како што ги поднел некој близок на починатите, а не е испитано ниту објавено од страна на ВАЕРС дека во овие случаи смртта настанала како последица на вакцината против ковид-19.

 

РАН СИСТЕМ НА ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

ВАЕРС системот користи метод на широк дијапазон на информации, научен пристап со кој огромен број на груби и дури и недоверливи информации се спојуваат, за да се најдat врските меѓу нив. Индивидуалните пријави и сите детали во нив, не се потврдени и верифицирани, станува збор за случаи каде со самопријавување се даваат информации и тие не се поентата на пристапот на ВАЕРС односно нивната цел! Станува збор за ран систем на предупредување, а не точен инструмент за мерење!

Не беше возможно да ги пребараме конкретните пациенти кои што авторката на видеото ги посочува, затоа што на видеото не се прикажани нивните генералии, но сосема е можно тие пријави да се однесуваат на пациенти со коморбидитети, можеби хоспитализирани подолг период.

 

БРЗА ДЕТЕКЦИЈА НА НЕСАКАНИ ЕФЕКТИ

Изоставен е важен контекст. Примарната и основна цел на ВАЕРС системот за пријавување е брза детекција на ретки несакани настани. Со други зборови, целата оваа група на извештаи и пријави на несакани ефекти е корисна само во агрегатот, а многу помалку во секој еден индивидуален случај. Причината за тоа е зашто се бараат сличности меѓу случаите.

Сосема манипулативно и лажно е тврдењето дека од видеото, ќе се дојде до докази дека вакцините против ковид 19 предизвикуват смрт. Неточно е и дека податоците се скриени и дека од инструкциите на авторката која го поставила видеото, граѓаните ќе се информираат за оваа ,,чувана тајна”. Самиот центар за контрола и превенција на болести во САД има тринаесетминутно видео во кое во детали е објаснето како да се пристапи во системот ВАЕРС, а кое е објавено од 2015 година

Во ова видео во 11 минута и 36 секунда е наведено:

Ограничувањата на ВАЕРС системот се тоа што нема невакцинирана група за споредба, не може да искалкулира колку често несаканите ефекти се случуваат, и генерално не може да утврди дали вакцината го предизвикала несаканиот ефект.

Дополнително, во видеошто што го рецензираме не се земени предвид и следните факти кои самиот систем ги наведува како забелешка:

Оние што ја администрираат вакцината се охрабрени да ги пријавуваат важните здравствени проблеми после вакцинацијата на ВАЕРС, без разлика на тоа дали веруваат или не, дека самата вакцина е причина за нив. Пријавите смее да вклучуваат непотполни, неточни, коинцидентни или неверификувани информации. Бројот на пријави не смее да се интерпретира или да се користи за да се донесуваат заклучоци за постоењето, сериозноста, интензитетот, фреквентноста или стапката на проблемите кои се поврзуваат со вакцините и ВАЕРС податоците треба да се интерпретираат во контекст на други научни информации. 

 

НЕВЕРИФИКУВАНИ ИЗВЕШТАИ

Портпаролката на Американската агенција за храна и лекови, Алисон Хант, за проверувачи на факти  во САД изјавила:

Пријавените случаи на ВАЕРС се неверификувани извештаи. Тоа што некој ќе пријави несакан ефект на ВАЕРС не е документација дека вакцината го предизвикала ефектот. Кога би имало зголемен број на смртни случаи тоа би го задржало вниманието на властите. Сите извештаи за несакани ефекти од вакцинацијата ги земаме серионзно, а во случајот на ковид-19 вакцините, Центарот за контрола и превенција на болести активно е ангажиран да ја следи безбедноста на овие вакцини. Секоја пријава за смрт по администрирањето на вакцината брзо и ригорозно се истражуваат заедно со Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Се прави опсервација на секој клинички случај. Дополнително имаме и голем број начини на кои ја мониторираме самата безбедност на вакцините, вели таа додавајќи дека досега нема зголемување на смртноста поради вакцините.

Сите овие изјави и забелешки за тоа како да се толкуваат пријавите на ВАЕРС, кои јасно се наведени на нивната страница, се со цел да не се шират антивакцинални наративи и паника дека вакцинта предизвикува смртност, како што тоа го прави авторката на видеото.

Откако пријавата ќе дојде во ВАЕРС, следува долго и темелно испитување на медицинската историја на секој пациент, се бараат заеднички нусефекти од вакцините во големи дата бази и тие податоци се разгледуваат во контекст на поширока медицинска истражувачка пракса, а не само со скролање на екран каде таксативно се наведени информации.

Оттука, бидејќи и самиот систем тоа јасно го нагласува, да се каже дека пријавените случаи на ВАЕРС се еквивалент на смрт од вакцина, е лажно тврдење, кое ја доведува јавноста во заблуда.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција