Неготино доби нов тениски терен

Тениското игралиште во Неготино Фото: Општина Неготино

Проект: Изградба на нов тениски терен во Oпштина Неготино. Во рамки на проектот за изградба на сто тениски терени, на нашите млади тениски таленти им овозможуваме да се развиваат во идни професионални тенисери, а истовремено им овозможуваме на заинтересираните рекреативци да се занимаваат со овој спорт. Тенискиот терен во Oпштина Неготино ќе биде изграден со современа подлога во согласност со стандардите на Светската тениска асоцијација, како и целосно инфраструктурно поврзување со осветлување за ноќни натпревари, пристапни патеки и жичена ограда (во соработка со Владата на Република Македонија). Извор на Средства: Буџет на Република Македонија. (Рок за реализација: 2013-2015 година)

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Проектот за изградба на нов тениски терен во Oпштина Неготино е дел од изборната програма на градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов, за локалните избори 2013-2017 година. Во споменатата програма насловена како „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобра Општина Неготино!“ (стр.23), е наведено дека овој проект треба да се реализира во периодот 2013-2015 година. Проектот е целосно завршен во 2016 година, така што,  ветување го оценуваме како исполнето, со забелешка дека тоа е направено со задоцнување од една година.

Проектот за изградба на тениско игралиште во Неготино, градоначалникот Апостолов, освен во предизборната програма, го најави и на 04.02. 2014 година, давајќи отчет за сработеното во 2013 година.

Со финансиски средства од Агенцијата за Млади и Спорт во населбата Саат-Кула се изгради мултинаменско игралиште со терени за фудбал, ракомет и кошарка, а овој спортски комплекс ќе го заокружиме со изградба на тениски терени.

На 02.04.2015 година, Пулс радио објави дека е потврдена информацијата за изградба на тениското игралиште во текот на 2015 година.

Во рамки на проектите кои се дел од Програмата за работа на Владата на Република Македонија и Програмата за работа на општина Неготино, а врз основа на остварените контакти на градоначалникот Ванчо Апостолов и директорот на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија Марјан Спасески потврдено е дека во текот на 2015 година ќе бидат изградени нови тениски игралишта.

На 07.11.2016 година, порталот Курир информира дека во тек е изградбата на игралиштето и дека увид во работите на терен извршил лично градоначалникот Апостолов.

Како што може да се види на лице место, работите на терен се во фаза на напредок. Комплет целата инсталација е поставена, при крај е и оградата. Треба да бидат поставени само уште мрежите. На крајот, на овој фин асфалт треба да се постави акрилната подлога што е карактеристична за овие игралишта на тврда подлога. Тоа е најмодерниот тип на тениско игралиште со тврда подлога, рече Апостолов.

Целосната изградба, како што информира Неготино инфо завршила на 14.12.2016 година.

За само 2 месеци комплетно завршија работите околу изградбата и поставувањето на опремата и реквизитите, со што граѓаните на Неготино на располагање добија нов, модерен и современо опремен двоен тениски терен со тврда подлога. Како што информираше градоначалникот Ванчо Апостолов вкупната вредност на проектот изнесува 9.200.000 денари и истиот е реализиран преку взаемна соработка помеѓу Агенцијата за спорт и млади на РМ и општина Неготино.

Информацијата беше пренесена и на официјалната веб – страница на Општината.

Имајќи го предвид сето ова, може да се заклучи дека ветувањето на градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов, за изградба на нов тениски терен во Општината, е исполнето.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција