Неисполнето: Болницата во Штип ќе „почнеме да ја градиме од 2014 до 2018“

Новата штипска болница, според проектот. Фото: Министерство за здравство
 

Објектот на новата Клиничка болница во Штип ќе биде изграден на сегашната локација на болницата, на местото од објектот на стара педијатрија. Зградата на сегашната Педијатрија во иднина ќе се реновира за потребите на штипскиот Медицински факултет, зградата на Инфективното одделение ќе продолжи да работи со сегашната функција, а содржината односно местоположбата на големата болничка зграда е место кое се планира за просторен развој на болницата во иднина. Болничките одделенија ќе ги вклучуваат одделенијата за: Хируршки болести, Уролошки болести, Ортопедија и трауматологија, Акушерство, Очни болести, Оториноларингологија, Внатрешни болести, Градни болести и ТБЦ, Невролошки болести, Психијатриски болести, Максилофацијална хирургија, Детски болести, Неврохирургија, Онкологија (со аплицирање на цитостатска и зрачна терапија), Кожно-венерични болести. Капацитетот на новата Клиничка болница ќе биде 354 постели, од кои 300 постели ќе бидат сместени во новиот болнички објект. Објектот ќе вклучува и технички и сервисни одделенија, како и одделот за патологија и судска медицина. Во ниското приземје се сместени Ургентниот центар, Радиолошко-дијагностичкиот оддел, централните гардероби, лабораторијата, болничка аптека и стерилизацијата. Во рамките на КБ Штип ќе има 17 амбуланти дополнети со специјализирани простории за прегледи и третман и дневни болници за трансфузиологија, дијализа, дневна хирургија со 3 мали сали, хемотерапија, психијатрија, служба за превенција и третман на зависности од дрога. Овој објект е проектиран како нискоенергетски објект со максимална потрошувачка на примарна енергија до 90 kWh/м2. (Рок: Почеток на градба 2014-2018 година. Буџет 37.000.000 милиони евра)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветената Клиничка болница во Штип е слична, но нешто поинаква приказна од Клиничкиот центар во Скопје, иако елементите на празни ветувања, доцнења, зголемување на најаваената цена на чинење, се речиси исти. Та сепак, иако работите се во тек, и за овој објект може да се каже дека е неисполнето ветување, поради повеќе аспекти.

Клиничката болница е „во тек“ на изградба од 2013 година, но, иако темелите требаше да и бидат удрени во октомври лани, засега нема вести за такво нешто.

Локалниот огранок на опозициската СДСМ  соопшти пред два дена (17.02.2016), дека

најавите за изградба на новата Клиничка болница никогаш не се реализираа.

Инвестиција за реконструкција на постоечката болница за првпат е најавена во програмата на владејачката партија во 2011 година, додека како целосно нов објект за првпат е најавена во програмата на ВМРО ДПМНЕ во 2014 година. Во 2011 година се мешаат и поимите, па се зборува за „универзитетска клиничка болница“ , и од тогаш, како што рековме,  работите  „се во тек“.

Впрочем, дека „е во тек“, тврди партијата и во својата брошура за отчетот за период 2011-2014, издадена пред последните, трети вонредни по ред парламентарни избори:

Активностите за изработка на основниот проект се во завршна фаза. Првата фаза од меѓународниот тендер за изведба е распишан во согласност со Банката за развој при Советот на Европа. Се очекува тендерската постапка да се финализира до почетокот на јуни 2014 година, по што би следело отпочнување со градежни работи. Вкупната вредност на инвестицијата би изнесувала околу 30 милиони евра.

Прва поконкретно обраќање на министерот за здравство Никола Тодоров го најдовме во 2013 година и тоа со изјава дека „до крајот на годината ќе стартува со изградба“.  Но изградбата не стартуваше ниту во 2013, ниту во 2014, ниту во 2015 година, иако во 2014 година Тодоров соопшти дека бил објавен тендер од Банката на Советот на Европа.

Во 2015 година, на почетокот од годината, премиерот, исто така, најави тендер , овој пат за избор на најповолен понудувач за изградба. Потоа, при крајот на годината, може да се пронајдат вести и за тоа дека било издадено одобрение за градба, за во август, Тодоров веќе да го претстави проектот, со најава:

Изградбата на објектот, односно поставување камен темелник е предвидено за октомври годинава (2015)

Конечно, во 2015 година можеше да се види  и точната проектирана сума за новиот објект. При усвојувањето на Законот за задолжување кај Банката за развој при Советот на Европа, се дозна дека изградбата на новата клиничка болница нема да чини ни 30, ни 37 милиони евра, како што беше пишувано и изјавувано дотогаш, туку 47 милиони евра (веројатно со опремата што ќе треба да се вгради или набави).

Само уште да забележиме, дека многу вешто во програмата на ВМРО ДПМНЕ (2014 – 2018) за проектот: „Изградба на нова клиничка болница во Штип“, е напишано дека „почетокот на градба ќе биде од 2014 до 2018“, што е прилично растеглив период. Тоа е некоректно и е најобична игра на зборови, која им дава комоција на ветувачите, дури и во декември 2018 да започне изградбата, да можат да тврдат дека го исполниле тоа што ветиле .

Ако се земе предвид дека работите за изградбата сè уште не се започнати, а таа е ветена неколку пати, ветувањата може да се сметаат за неисполнети. Иако, за разлика од случајот со скопскиот Клинички центар, тука работите навистина се мрднати од мртва точка и се во некоја фаза пред почеток на градење.

ИЗВОРИ:

Оценил: Тео Блажевски

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција