Некохерентниот говор на Камала Харис во ова видео е компјутерски манипулиран

Фото: Принтскрин видео

Видеоклипот што се споделува во постот е дигитално изменет во аудио делот. Навидум бесмислениот монолог на потпретседателката на САД е дигитално изменет. Од оригиналната снимка објавена на страницата на Белата куќа ( 1 час и 1 минута од видеото) се гледа дека Харис кажала нешто сосема поинакво од тоа што се прикажува во кусиот видеоматеријал. На Твитер постои профил кој објавува изменети видеа од политичари, од каде оригинално се проширило и видеото од постот

Видеоклипот што се споделува во постот е дигитално изменет во аудио делот. Навидум бесмислениот монолог на потпретседателката на САД е дигитално изменет. Од оригиналната снимка објавена на страницата на Белата куќа (1 час и 1 минута од видеото) се гледа дека Харис кажала нешто сосема поинакво од тоа што се прикажува во кусиот видеоматеријал. На Твитер постои профил кој објавува изменети видеа од политичари, од каде оригинално се проширило и видеото од постот

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува видеоматеријал од 22 секунди, во којшто е прикажана потпретседателката на САД, Камала Харис. Во постот се вели:

Утрешни маки вчерашни, денес живеени.

Видеото ја прикажува потпретседателката Харис како држи говор, а пред неа на панел е испишано „репродуктивна слобода“. Видеото лажно ја прикажува Харис дека кажала:

Денес е денес. И вчера беше денес – вчера. Утре ќе биде денес – утре. Така што, живејте денес за иднината денес да биде како минатото – денес. Како што е утре.

Но, клипот долг 22 секунди е компјутерски манипулиран односно изменет во аудио делот. Навидум бесмислениот монолог е дигитално изменет, сменети се оригиналните зборови на потпретседателката. Од оригиналната снимка објавена на страницата на Белата куќа се гледа дека Харис кажала нешто сосема поинакво од тоа што се прикажува во видеото од постот што го рецензираме.

Како што пишуваат проверувачите на факти на Франс Прес, во неизменетата верзија од видеото емитувана на Фејсбук на 26 април од страна на непрофитната група NARAL Pro-Choice, евидентно е дека движењата на Харис коишто кореспондираат со оние во видеото од постот почнуваат на 1 час и 1 минута.

Според снимката и официјалниот транскрипт објавен од страна на Белата Куќа, Харис вели:

Така што, мислам дека е многу важно за нас (како што слушнавте од многу неверојатни лидери), да го видиме моментот во времето во кое постоиме и сме присутни и да бидеме спремни да го контекстуализираме – да разбереме каде постоиме во историјата и во моментот, како што тој е поврзан не само со нашето минато туку и со иднината. И ќе им кажам на сите тука, во момент од времето каде многу од нашите тешко освоени слободи се нападнати, и ова е момент за нас да станеме и да се бориме.

Харис продолжува во видеото со говор за пристапот до абортус и правата на жените да направат избор за своите сопствени тела. Како што пишуваат проверувачите на факти на Квинт, на Твитер постои профил кој објавува изменети видеа од политичари, од каде оригинално се проширило и ова видео од постот.

Изменетото видео на Твитер има над 4 милиони прегледи. На Твитер под видеото има известување дека врз материјалот е поставено аудио кое не е од Камала Харис, односно дека е дигитално изменето. На следниот линк претставена е и жената која што го имитира гласот на Харис во конкретниот случај.

До исти заклучоци дојдоа и проверувачите на факти на Мит Детектор.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како пост во кој содржината е изменета (altered content).

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција