Неколку невистини на Османи зошто немало да има локални избори
Османи во причините зошто немало да има локални избори на есен наведува повеќе невистини врз кои го темели ставот дека Албанците во земјата биле делегитимирани и дека тоа значи длабока политичка криза. Помеѓу невистините се загрозеноста на албанскиот јазик, непостоењето на Бадентер, загрозеноста на Охридскиот рамковен договор, правичната застапеност, итн…
Османи во причините зошто немало да има локални избори наесен наведува повеќе невистини врз кои го темели ставот дека Албанците во земјата биле делегитимирани и дека тоа значи длабока политичка криза. Помеѓу невистините се загрозеноста на албанскиот јазик, непостоењето на Бадентер, загрозеноста на Охридскиот рамковен договор, правичната застапеност, итн…
Бујар Османи, поранешниот претседателски кандидат на ДУИ и поранешен висок функционер во извршната власт, во интервју за ТВ 21 искажа неколку невистини за причините зошто ќе има длабока политичка криза и зошто немало да има локални избори наесен:
Не е во прашање ДУИ. Албанците не ќе дозволат. Ти не ќе дозволиш утре да дојдеш на работа како ништо да не се случило, бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што дадоа живот за овој јазик. И дали ќе глумиме како да ништо не се случило? Претседателот на Уставниот суд одлучил, и утре ќе излеземе да пиеме кафе во град!? И утре ќе правиме кампања за општините!? Затоа кажувам, длабока политичка криза, којашто не може да продолжи во истиот начин без да седнеме и дискутираме што ќе правиме со Охридскиот договор, без да го вратиме Балансерот, без да го вратиме Бадентер, легитимитетот и без да го гарантираме јазикот, нема да има политика како обично.
[Извор: ТВ 21 – Османи: Нема да има локални..; – Датум: 03.03.2025]
Образложение:
Неколку невистини може да се забележат во изјавата на поранешниот претседателски кандидат на ДУИ Бујар Османи, дадена како одговор на прашање на новинарот на кој начин како опозиција ќе го спречат одржувањето на локалните избори, закана што претходно истиот ден ја упати лидерот на ДУИ Али Ахмети, а во врска со претстојната расправа во Уставен суд за Законот за употреба на јазиците.
Бидејќи почнува со тврдењето дека Албанците од земјава дале животи за албанскиот јазик, најдобро е ако се дообјасни, зашто не бил само јазикот во прашање, туку и други права кои ги бараа како колективитет. Конфликтот од 2001 година започна како амбиција со територијални претензии искажани од поранешната ОВК, за да се трансформира во борба за поголеми национални права на албанското малцинство во тогашна Република Македонија (види стр.10). Тоа резултираше со Охридскиот рамковен договор кој доведе до измени на Уставот. Со измените во член 7 во кој се вгради амандманот V од Уставот, навистина се прошири и употребата на албанскиот јазик, кој врзан за процентот од 20 отсто од населението, стана службен јазик исто како и македонскиот. И тоа гарантирано право останува и никој не го чепка. Но, повторно, конфликтот не беше само за јазикот, туку генерално за проширување на правата на албанската заедница во повеќе сфери, што може да се забележи од десетина амандмани на Уставот кои се составен дел од овој темелен документ.
Османи во продолжение говори за длабока политичка криза ако не „седнеме и дискутираме што ќе правиме со Охридскиот Договор“. Не постои никакво прашање за Охридскиот договор кај ниту една релевантна политичка група или заедница во РСМ. Тој договор после две и пол децении е вграден во Уставот, како што е појаснето погоре, соодветно спроведуван низ многу закони и подзаконски акти.
Во истата реченица Османи го става како услов и враќањето на Балансерот. Тука невистината е во тоа што според одлуката на Уставен суд од 9 октомври лани, Балансерот се отстранува од позитивните законски прописи поради негова неусогласеност со други права и слободи на граѓаните, но тоа никако не значи укинување на уставните одредби за правична застапеност, исто така гарантирани со Уставот. Согласно тоа, извршната власт е задолжена заедно со законодавецот да достави нов правен акт преку кој ќе се спроведува уставната обврска за соодветна и правична застапеност.
Понатаму, во истата реченица Османи наведува „без да го вратиме Бадентер“, т.е принципот на гласање со двојно мнозинство, исто вграден во Уставот од 2001 г.. Овој принцип никогаш не бил ни укинат и оттаму Османи искажува невистина, а не му е ни првпат, за што сведочи овој текст на „Вистиномер“.
Реченицата ја завршува со уште една невистина, „без да го гарантираме јазикот“, делумно објаснета и погоре, но сега уште еднаш. Тоа што Уставниот суд отвора расправа за Законот за употреба на јазиците врз база на повеќе иницијативи за да ја провери усогласеноста на дел од членовите со Уставот и почнувајќи со подготвителна расправа на која треба да учествува и висок експерт од Венецијанската комисија на Советот на Европа, не значи воопшто дека јазикот не е гарантиран. Гаранцијата останува вградена во Уставот во членот 7 кој е идентичен на амандманот V (овде), a расправата во Уставен суд се однесува на Законот за употреба на јазиците, кој во одреден член или членови се(е) оспорен(и).
Поради сè погоре наведено може да се оцени дека изјавата на Османи се базира врз повеќе невистини, со што во целина изјавата е невистина.
Извори:
- (03.03.2025) ТВ 21 – Османи: Нема да има локални… – [Проверено на 04.03.2025)
- (2008) Фондација Фридрих Еберт – Поделба на власта и спроведување на Охридскиот рамковен договор – [Проверено на 04.03.2025)
- (2001) Собрание на РСМ – Одлука за прогласување на амандмани од IV – до XVIII на Уставот на РМ– [Проверено на 04.03.2025)
- (09.10.2024) Уставен суд на РСМ – Прес конференција на претседател… – [Проверено на 04.03.2025)
Оценил: Теофил Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар