Некористењето на мерките на пробацијата им олесни на бегалците од законот

Фото: commons.wikimedia.org

Ни побегнаа во Грција високите полициски функционери Грујовски и Бошковски, исто така и експремиерот Груевски, веќе со упатница за служење казна затвор. Тој сега се препушта на услугите на будимпештанските хотели а ние откриваме дека не ги користевме мерките за пробација кои многу го олеснуваа контролирањето на движењата на ваквите бегалци претходно. Ама некористењето на електронските алки за следење може да ја чини земјава 850.000 евра

 

Деновиве дознавме дека кај нас постои Закон за пробација, дека наводно постојат технички услови за користење на оние специјални алатки со кои се контролира движењето на лицата за кои правдата е посебно заинтересирана, а сепак се наоѓаме пред можноста како земја да платиме казна од 850 илјади евра по основ на некористење на мерката – пробација?!

 

Пишува: Љубомир Kостовски

 

ШТО Е ТОА ПРОБАЦИЈА?

Секој просечен гледач на американски крими-филмови сигурно знае што е тоа пробација. Или, поверојатно, има претстава за таа форма на контрола на осудени лица или лица во постапка на иследување, иако не го знае стручното име за неа.

Пробација претставува мерка преку која се контролира движење на лица за кои казнениот систем е загрижен дека би побегнале, а не се во класична притворска или затворска институција.

Најчесто пробацијата се врзува за условна казна, а битно е да се воспостави контрола врз однесувањето на луѓето кои се изложени на ризик после изрекувањето на казни или по напуштање на затворските институции.

Особено, како што гледаме во американските филмови, пробацијата се практикува за малолетни престапници во која учествуваат центрите за социјална работа во соработка со други релевантни институции, семејството или други, кои би биле дел од рехабилитацијата на осуденикот. Американската казнена практика ја користи оваа форма на контрола за лица кои во одреден период треба да се ресоцијализираат, а веќе им е изречена казна. Државата сака да влијае на ризик факторите кај сторителот, со цел на негова реинтеграција во заедницата. Постапката ја препишува судот со правосилна пресуда и одлуки на државниот обвинител, судијата или институции на извршители на казните.

Условна казна и кога е изречена, според правната мисла во светот, може да содржи во себе одредба за контрола на слободата на осудениот за време на траењето на условна казна, а  ќе ја надгледуваат одредени јавни службеници преку користење на професионални процедури, што пак,  влијаат на елиминирање на факторите на ризик на сторителот со цел за ресоцијализација и реинтеграција на сторителите во заедницата.

Според анализата на „Телма“ некористењето на 400 електронски алки кои четири години стојат конзервирани во Управата за извршување на санкции, можат да ја чинат Македонија 850.000 евра. Европската комисија, како што дознава оваа телевизија, неодамна ја предупредила земјава дека поради некористење на алките предвидени со Законот за пробација, набавени со помош на европските фондови, земјава ќе мора да ги врати парите назад.

Набрзо по предупредувањето од Комисијата, на 28 декември е изречена првата пробациска условна осуда на осуденик, кому треба да му се стави алка што би значело пробациски надзор.

Досега на ниедно лице не му е ставена електрична алка, иако опремата за следење и Законот со се подзаконските акти се од поодамна донесени. Законот за пробација стапи на сила на 1 ноември 2016 година , додека алките за електронското следење се набавени уште во 2014 година, во рамки на твининг проектот за имплементација на Законот за пробација, кој започна во 2010 и има вредност од 1,8 милиони евра. Заедно со алките кои се од израелски производител, набавени се и батерии, инсталиран е и софтвер за нивно следење, обучени се 10 лица во Министерството за правда и отворен е мониторинг центар. Во Кривичниот суд има и три канцеларии наменети за пробациската служба, а такви канцеларии предвидени се и во Битола, Прилеп, Гостивар, Охрид, Куманово, Велес, Тетово, Кочани, Струмица и Штип. Во нив треба да бидат вработени 90 службеници

Порталот „Сакам да кажам“, уште во декември 2017 година информираше дека  за пет лица од скопското апелационо подрачје и 12 лица од другите апелациони подрачја е изречена мерка според Законот за пробација.

 

(НЕ)ВРЗУВАЊЕ НА АЛКАТА

„Врзување на алката“, како што во жаргон се нарекува примената на мерката, досега  веројатно можела да биде ставена со пресуда кон еден уметник – наркоман, ама не е применувана. Таа, „алката“ или „ножниот ѓердан“ како се нарекува примената на пробацијата кај нас е само термин за кој правниците учеле, но не го применувале. Ниту порано, а ниту во блиско минато, освен можеби во иднина, кога заради заборавноста на правниот систем може како земја да имаме финансиски реперкусии.

Адвокатот Јован Јоанидис, кој е со големо искуство во однос на истражната постапка и како обвинител, во изјава за „Вистиномер“, вели дека „пробацијата е во токму таква позиција во правниот систем: ја имало ама не се користела никогаш!“

Системот за да биде рационален треба да се применува на поголем број потенцијални осуденици или лица во истрага, кои се во домашен притвор и кои треба да се јавуваат (експремиерот Груевски се јавуваше секој петок во Основниот суд, додека потоа му се припиша мерка на јавување во судот, додека е во домашен притвор, од еднаш месечно, по што тој избега!). Значи за да биде во функција како што треба, добро е да се користи врз поголем број осуденици, бидејќи сам по себе врзува поголем број на службеници.

Алките кои ги поседува Управата за извршување санкции не се со ЏПРС систем на следење на сигналот, туку се со СД картички со што движењето на осуденикот е ограничено во одреден параметарски круг. Добро информирани извори за „Телма“ наведуваат дека системот бил оперативен откако е инсталиран, но не бил применуван.

 

СВЕТСКИ ИСКУСТВА

Светските искуства се врзуваат со можноста казнетиот со условни казни да ги извршува задачите во соработка со заедницата, со цел да се заштити општеството од сторителите и да се намали ризикот од рецидиви на сторителите преку ресоцијализација и реинтеграција во заедницата, односно правовремено да биде заштитен осудениот од темната страна на општеството, фактички од подземјето. Тоа решение не наметнува ниту, пак, може да ја менува мерката, одговорноста и санкциите, но тоа решение за пробација трае само врз основа на правосилни пресуди и одлуки на државниот обвинител, судот или судија на извршување.

Нашите искуства сега треба да се врзуваат и за бегството на обвинетиот Никола Груевски, како и оние претходно побегнати лица битни за нашите судови  – Горан Грујески и Никола Бошковски, кои несомнено немаше така лесно да побегнат во други земји ако пробацијата беше применувана. Закон постоеше, околностите за лицата кои беа пуштени дома до конечното заминување зад решетките, исто така, беа евидентни, ама мерката ја немаше.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Оставете реакција