„Некро-сатиричен“ пост дезинформира дека Антонио Милошоски загинал во сообраќајка

Кабинетот на д-р Калигари, класичен нем хорор филм (1920). Колаж: Вистиномер

Со оглед на тоа што Вистиномер во договорот со Фејсбук ја користи методологијата на социјалната мрежа, во која, пак, не може да се очекува дека би можело да има оценка која би се однесувала конкретно на ваквиот начин на изразување, а со оглед на фактот што во постот недвојбено има дезинформации во буквална смисла и од техничка гледна точка, решивме токму таквата оценка да ја искористиме во конкретниов случај заради начинот на изразување, кој е премногу близок од говорот на омраза за да остане без реакција

 

Во Фејсбук пост на некро- и квази-статиричен начин е изнесена дезинформација, која е блиска до говорот на омраза, каде се тврди дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, наводно загинал во тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Брисел. Информацијата не е точна, а постот е вирален, односно има над сто реакции и неколку споделувања, по што стигнал и до блиски на пратеникот Милошоски што предизвикало шок и вознемиреност. Во постот се вели:

Загинал Антонијо Милошоски!? На автопатот Скопје-Брисел, денеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби Антонијо Милошоски.  Пратеникот на Злото. Македонија е во шок.
Телото на починатиот ќе биде изложено во Музејот на македонската борба против слободата.
Починатиот ќе биде погребан во Алејата на говњарите на градските гробишта во Скопје. Пола во македонската земја што толку многу ја сакаше, а пола над земјата, како споменик на себе и на своето (не)дело!

Вистиномер стапи во контакт со Милошоски кој ни изјави дека самиот е изложен на бројни критики и секакви дезинформации поради неговата позиција, меѓутоа во случајов биле вознемирени блиски луѓе од неговото семејство, кои постојано му се јавувале на телефон да го проверат, односно да се осигураат дека напишаното во постот не е точно.

Тој демантираше дека настанот се случил и се осврна и на говорот на омраза во пост на својот Фејсбук профил.

Памфлетскиот начин на изразување на Тричковски прави обид да се скрие зад сатирично изравуање, но тоа го прави неуспешно. Сатирата треба во себе да содржи димензија или сегмент на хумор, кој овде недостасува. Овде е искористен сатиричниот начин на изразување, но без никаков хумор, за да се рашири крајно сериозна, невкусна и непотребна порака. Можно е блиските и пријателите на Милошоски, поттикнати од сопствените емоции на загуба на свој близок, да ги игнорираат суптилните знаци од кои може да се види дека станува збор за невистина и да помислат дека настанот навистина се случил. За ова говори и постот на Милошоски во кој тој вели дека од блиски роднини и пријатели добил токму таква реакција.

Вчера ми се јавија блиски луѓе вознемирени од ,,веста” на Б.Тричковски, новинар платен од редовите на владеачката партија, дека сум загинал во сообраќајка и згрозени од текстот. Што да се каже? Во ова време на пандемија, смрт и семејни несреќи од кои сите сме загрозени, навистина е умоболно на било кое семејство или поединец да му злокобиш со желби за смрт? Политиката е политика и не е чудно во неа да сретнеш и лични напади, и навреди, и шпекулации, и да се справуваш со тоа. Но ова што го прави платеникот на пропагандниот тим на власта, е навистина мрачно и затруено со слепа омраза кон било кој поистакнат политичар кој ја критикува владата. А сеењето на говор на омраза никогаш не донело ништо добро ниту на извршителот кој ја шири омразата, ниту на политичарите кои ја нарачуваат ваквата некрофилија. Ова не е ниту демократски, уште помалку човечки чин, а на Македонија само И создава лош имиџ пред ОБСЕ и ЕУ, како држава во која хибридниот режим злоупотребува ментално нестабилни платеници за да предизвикуваат трауми кај семејствата на политичките неистомисленици. Дно! Да се поднесува пријава до обвинителството или до МВР за ваквата морбидна некрофилија, во време кога и двете овие институции се дел од хибридниот режим на власта нема многу смисла. Но, корисно би било и за сегашните властодршци да сфатат дека политичката битка не треба да биде изговор за да се погази минимумот на човечки однос кон било кого на јавната сцена. Во целиот овој зломрачен нарачан напад сепак најмногу ми значеше поддршката од најблиските во семејството, од пријателите, но и неколкуте јавувања и пораки од мои познаници во СДСМ , кои иако не јавно, сепак најдоа за сходно лично да се оградат од морбидната некрофилија на Тричковски. Им благодарам на сите нив. Животот, семејствата и пријателствата се сепак посилни од некрофилија на јавната сцена. Посакувам многу здравје и добри мисли на сите!, напиша Милошоски.

Постот е бездруго некрофиличен, содржи дезинформации (денеска се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби Антонијо Милошоски…), навреди и говор на омраза кон Милошоски и политичка групација ( …пратеник на злото…, …Алејата на говњарите…). Иако за соодносот меѓу некрофилијата и говорот на омраза нема многу литература, сепак, не треба да се биде антрополог, психолог или социолог за да се сфати дека посакувањето, промовирањето или користењето на нечија измислена смрт со цел да се изврши политичка критика е нешто што е премногу блиску до говорот на омраза и не може да се биде комотен таквиот начин на изразување да не се сфати сериозно и како манифестација на омраза кон друго лице. Ако се сакало да се критикуваат политиките, однесувањето или изјавите на пратеникот Антонио Милиошоски (нешто што Вистиномер постојано го прави кога станува збор неговите изјави), ова во никој случај не е начин. Едноставно е отидено предалеку. Толку многу далеку што ваквиот начин на изразување и говорот на омраза стануваат непријатно блиски, дури и испреплетени.

Со оглед на тоа што Вистиномер во договорот со Фејсбук ја користи методологијата на социјалната мрежа, во која, пак, не може да се очекува дека би можело да има оценка која би се однесувала конкретно на ваквиот начин на изразување, а со оглед на фактот што во постот недвојбено има дезинформации во буквална смисла и од техничка гледна точка, решивме токму таквата оценка да ја искористиме во конкретниов случај заради начинот на изразување, кој е премногу близок од говорот на омраза за да остане без реакција.

Без разлика на тоа дали намерата на авторот на постот била да биде некаква „темна сатира“ или да изрази поостра критика кон политичар, она што е постигнато е далеку посериозно од тоа, односно со дезинформација за смрт на Милошоски, вознемирено е неговото семејство, самиот пратеник и неговите блиски.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Cancel Reply

2 Реакции
  1. Бранко Героски :

    Не постои нешто како “некрофилична квазисатира”. Не ја релативизирајте вината на Тричкоски. Ова е класична лна вест, пласирана со намера да ги повреди чувствата на жртвата и на нејзините најблиски.

    1. Владимир Петрески :

      Почитувани,

      Не сметаме дека употребениот израз „некрофилична квазисатира“ во рецензијата е искористен за релативизација на вина за изнесените дезинформации во содржината која се рецензира. Особено што таквиот израз е ставен и во наводници. Едноставно, во оваа проверка на фактите, на повеќе места е јасно кажано дека станува збор за невистина и дезинформација и дека криењето зад бајаги сатирата не ја намалува невистинитоста на изнесените дезинформации. Но, ако било кој може да го сфати тој термин дека води до било каква релативизација, ние немаме ништо против да го отстраниме во насока на поголема јасност на рецензијата, како што е и сторено.

      Срдечен поздрав,
      Редакција Вистиномер