Нелогично е СДСМ да бара дефокусација преку СЈО
Иво Котевски, висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ на 12.06.2017 пред СЈО даде изјава во врска со релациите на СДСМ со СЈО:
Котевски: Гледаме дека Зоран Заев и СДС имаа огромни ветувања кон граѓаните. И многу очекувано е за да извршат дефокус од обврските што ги имаат кон граѓаните, дека ќе продолжат со политичките нарачки кои што ги има кон СЈО за прогон на функционери од ВМРО-ДПМНЕ
[Извор: Телма ТВ/веб сајт, датум: 12.06.2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Изјавата на директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ и член на ИК на партијата, Иво Котевски, не е поткрепена со ниту еден доказ, а дополнително, бидејќи нема допирни точки со она што се случува во реалноста и во даденото време, ја оценуваме како невистина.
Ако се тргне од првиот дел од реченицата во изјавата на Котевски – кој поврзува политички нарачки до СЈО од страна на партијата на власт, само затоа што СДСМ имала (белким се уште има – н.з.), огромни ветувања кон граѓаните, па сега сакале да извршат дефокус од ветувањата – тоа е тврдење кое е засновано на нелогичка премиса. Зашто, СДСМ како политичка партија на власт и предводник на коалиција со ДУИ, со која штотуку имаат формирано влада, секако дека не може големите програмски реформи во земјата да ги направи преку ноќ. Тоа му е јасно на секој граѓанин, тоа е изговорено многу често од водството на СДСМ, тоа е запишано и во Програмата и на Владата. Она што беше ветено дека ќе се стори веднаш, беше и сторено – се укина одредбата од Законот за образование, која налагаше екстерно тестирање на учениците.
Заклучокот е дека не постои логична поткрепа во тврдењето на Котевски. Она што, де факто е тврдењето, е чиста политичка изјава заснована на добро познат и цврст став на неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, повторуван стотици пати – дека Специјалното јавно обвинителство е непрофесионално, еднострано и работело како партиска подржужница на СДСМ.
Но, овој политички став, кој што вчера, патем, беше повторен од Иво Котевски, исто така, нема поткрепа во реалноста. Прво, курсот на ВМРО-ДПМНЕ на критики кон СЈО започна уште во јануари–февруари минатата година, кога СЈО побара ослободување од притвор за обвинетите за познатиот случај „Пуч“ (Верушевски, Лазаревски и другите), кој што беше алфа и омега на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски, дека СДСМ во соработка со странски служби прислушкувале незаконски.
Како понатаму се развиваа работите, како се подигнуваа нови истраги и обиненија од СЈО, како се отворија истрагите и обвинението за уништивање на опремата и другата деловна документација од УБК (случај Тврдина), конечно, како се отвори истрагата „Таргет“ во која се наведуваат сомненија дека, всушност, ВМРО-ДПМНЕ ја злоупотребувал тајната полиција и прислушкувал, така гневот на партијата кон СЈО стануваше сè поголем, а изјавите се понепријатни и покритични.
Се разбира, тука се мисли и на истрагата обелоденета пред извесно време под кодно име „Талир“, во која се сомничат највисоките функционери на ВМРО-ДПМНЕ, поранешни и сегашни пратеници, дека переле пари и фалсификувале документи преку финансирањето на партијата, односно го претставувале како редовни доннации од членови, симпатизери, компании. Осомничените лица, еден по еден доаѓаат на распит во СЈО, а Иво Котевски, кој се споменува дека е вмешан во овој случај, вчера рече дека бил да подигне докази, иако предметот е сè уште во фаза на истрага…
Поради погоре наведените аргументи дека тврдењето на Котевски нема логична заснованост во реалноста (СДСМ во овој момент нема потреба од дефокус), ниту пак дека таквото тврдење може да се поткрепи со работата на СЈО, изјавата на Котевскки спаѓа во редот на политички кфалификации и е невистина.
ИЗВОРИ:
- (12.06.2017) ТВ Телма – Димовски и Котевски не дале исказ туку побарале увид во доказите за случајот „Талир“ – [Проверено на 13.06.2017]
- (13.06.2017) Влада на РМ – Програма на Владата на РМ 2017-2020 г – [Проверено на 13.06.2017]
- (13.06.2017) Вистиномер – Сите истраги на СЈО – [Проверено на 13.06.2017]
- (18.11.2016) Вистинимер – СЈО: УБК прислушувала 6.000 луѓе, само Груевски поштеден – [Проверено на 13.06.2017]
- (13.06.2017) Вистиномер – „Талир“ – СЈО отвори истрага за незаконско финансирање на ВМРО ДПМНЕ – [Проверено на 13.06.2017]
Оцени: Тео Блажевски
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар