Нема да има никаков ,,крај на Фејсбук каков што го познаваме”

Фото: Принтскрин ФБ пост

Засега дури и промената на името на компанијата, е во доменот на шпекулациите, но дефинитивно е дека тврдењето во постот дека самиот Марк Закерберг најавил ,,крај на социјалната мрежа каква што ја знаеме” е невистинито. Не постои таква изјава од Закерберг, ниту пак, се најавува затворање на компанијата, како што навестува овој пост

Засега дури и промената на името на компанијата, е во доменот на шпекулациите, но дефинитивно е дека тврдењето во постот дека самиот Марк Закерберг најавил ,,крај на социјалната мрежа каква што ја знаеме” е невистинито. Не постои таква изјава од Закерберг, ниту, пак, се најавува затворање на компанијата, како што навестува овој пост

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека за 7 дена, Фејсбук „заминува трајно во историјата“. Во постот ваквото тврдење се атрибуира на основачот Марк Закерберг.

Основачот и мнозинскиот сопственик на моќната американска компанија Фејсбук, потврди дека за една недела ќе објави се за крајот на социјалната мрежа што ја знаеме…, пишува на фотографијата во склоп на постот.

Поставен на ваков начин, постот лажно сугерира дека Фејсбук ќе престане да постои, иако тоа е далеку од вистината. Насловот е заведувачки и асоцира на кликбејт. Тој е објавен во склоп на овој текст, но во постот нема линк до текстот, што прави да биде уште поголема веројатноста постот погрешно да се интерпретира, а корисниците на Фејсбук да бидат заведени и да мислат дека оваа социјална мрежа ќе престане да постои.

Но, што ќе се случи за 7 дена, односно на 28 октомври годинава?

Како што пишува респектабилниот британски „Гардијан“, се планира Фејсбук да го смени името на компанијата, но не и името на социјалната мрежа која што сите ја знаеме. 

Медиумот The Verge“ извести дека новото име за компанијата може да е поврзано со Хорајзон, збор користен во најмалку две платформи за виртуелна реалност кои ги развива компанијата. 

За „Гардијан“ од Фејсбук изјавиле дека не коментираат шпекулации.

Потегот да се ребрендира Фејсбук, исто така, е поврзан со изградбата на таканаречениот ,,метаверз”, онлајн свет каде луѓето може да користат различни уреди за да комуницираат во виртуелна реалност, според извештајот на порталот „Врџ“.

Фејсбук инвестираше многу во виртуелна реалност и има намера да ги поврзе корисниците низ повеќе апликации. Деновиве компанијата објави дека планира да отвори 10 илјади работни места во ЕУ наредните пет години за да помогне во изградбата на „метаверз“, пишува „Ал Џезира“.

Значи, засега дури и промената на името на компанијата е во доменот на шпекулациите, но дефинитивно е дека тврдењето во постот, дека самиот Марк Закерберг најавил ,,крај на социјалната мрежа каква што ја знаеме” е невистинито. Не постои таква изјава од Закерберг, ниту, пак, се најавува затворање на компанијата, како што навестува постот што го рецензираме.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција