Нема да се објавуваат сите што се во самоизолација, туку само несовесните

Насловот на овој текст е неточен, ја наведува јавноста да донесе погрешен заклучок и со тоа врши груба манипулација Во насловот се тврди дека оние што одат во самоизолација поради постоење веројатност дека се заразени со корона-вирусот, ќе бидат јавно објавени. Ова не е точно

 

Линк до оригиналниот напис: ОФИЦИЈАЛНО: Доколку одите во самоизолација почнувајќи од денеска јавно ќе бидете објавени

Датум и време на објавување: 19.6.2020

Датум на рецензија: 21.6.2020

Рецензент: Симона Атанасова

Фактичката ситуација е дека јавно ќе бидат објавени имињата на лицата на кои здравствените власти не можат да им ги достават решенијата за самоизолација, односно лицата што одбиваат да ги примат решенијата. Дел од нив даваат погрешни податоци и погрешни адреси и тоа е основната причина. Станува збор за 450 такви лица, кои не соработуваат со властите во нивните напори да се намали ширењето на вирусот.

Листата што ќе биде објавена е со имињата на овие несовесни лица, а не со имињата на сите лица што се во самоизолација. Значи листа со оние што одбиваат да соработуваат, а не и на оние што ги почитуваат правилата и се држат до препораките.

„Тоа се луѓе што се огромен ризик ако се асимптоматски носители на вирусот и доколку се движат помеѓу луѓе и не почитуваат самоизолација, може болеста да ја шират“, изјави министерот ФИЛИПЧЕ.

Во текстот, информацијата, односно изјавата на Филипче е точно пренесена, но насловот е некоректен и изваден од контекст. Оној што ќе го прочита само насловот, а не и целиот текст, ќе биде доведен во заблуда и ќе биде погрешно информиран.

Тоа е спротивно на професионалните и етичките станарди во новинарството, а придонесува за ширење дезинформација.

 

Овој напис е дел од специјалното известување на „Критинк“ за дезинформациите поврзани со епидемијата на корона-вирусот Ковид-19. Кликнете на линкот за најнови вести и проверени информации од оваа област. 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција