Нема да се укинуваат кај нас државните празници

Фото: meta.mk

Вистиномер испрати прашање до Владата, дали е точна информацијата дека се размислува за укинување на државните празници и дали до Владата пристигнал таков предлог, оттаму кратко ни одговорија дека информацијата не е точна

Вистиномер испрати прашање до Владата, дали е точна информацијата дека се размислува за укинување на државните празници и дали до Владата пристигнал таков предлог, оттаму кратко ни одговорија дека информацијата не е точна

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

 Ќе се укинуваат државните празници за да зајакне економијата?

Објава споделува и линк до напис со ист наслов.

На прв поглед изгледа како објавата да се однесува на С. Македонија, односно како македонската влада да размислува да ги укине празниците. Дека тоа е така, може да се види и во коментарите под објавата.

Објавата е доста вирална и има преку 200 коментари.

Но кога ќе го отворите споделениот напис, ќе видите дека тој нема никаква врска со С. Македонија, туку станува збор за „неколку европски држави“.

Неколку европски држави разгледуваат идеја која на прв поглед звучи економски логично – да се укинат дел од државните празници со цел да се зголеми бројот на работни денови и да се поттикне економски раст. Аргументот е дека секој „изгубен“ ден значи помалку производство, помал приход и послаб буџет, стои на почетокот на написот.

Станува збор за преземена анализа од порталот Денар.мк во која се консултираат аналитичари за тоа дали би било добро да се укинат државните празници во С. Македонија. Никаде нема информација дека македонската влада планира вакво нешто, туку целиот текст е „што би било кога би било“.

Од таа причина Вистиномер испрати прашање до Владата, дали е точна информацијата дека се размислува за укинување на државните празници, дали до Владата пристигнал таков предлог?

Владината портпаролка Марија Митева кратко ни одговори:

Не е точно.

Инаку, како што објави Дојче Веле на 8 септември, неколку европски држави предлагаат укинување на државни празници, тврдејќи дека тоа им помага на буџетите и го поттикнува растот. Сепак, контрааргументите сугерираат дека продуктивноста не зависи само од бројот на работни денови.

Укинувањето на државни празници е „во мода”. Францускиот премиер Франсоа Бајру во јули предложи Велигденскиот понеделник и Денот на победата над фашизмот (8 мај) да бидат избришани од списокот на неработни денови во Франција, кои вкупно се 11 во годината. Предлогот наиде на жестоки критики од речиси целата политичка сцена.

Порано годинава, Словачка укина еден државен празник во обид да ја стабилизира фискалната состојба, а Данска уште во 2023 година се откажа од еден празник после Велигден. Владата во Копенхаген го оправда потегот со потребата да се обезбедат дополнителни средства за покривање на растечките трошоци за одбрана.

Дебатата не е ограничена само во Европа. Американскиот претседател Доналд Трамп на 19 јуни, денот што го одбележува крајот на ропството, објави на социјалните мрежи дека „САД имаат премногу неработни денови“ и дека тоа наводно ја чини економијата милијарди долари, стои во написот на Дојче Веле.

Очигледно е дека објавата, со самиот факт што не нагласила дека не се однесува на Македонија, сакала да привлече што е можно поголемо внимание на Фејсбук од своите следбеници. Со тоа, тие се доведени во заблуда, ширејќи понатаму дезинформации.

Поради сето ова, оценуваме дека на објавата што ја анализираме ѝ недостига контекст.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција