Нема доказ за „жестокиот говор“ на германската десничарка Вајдел против Зеленски
Говорот кој наводно ѝ се припишува на Вајдел, а кој го пренесува објавата која ја анализираме, не е потврден од релевантни медиуми или официјални извори како оригинално обраќање на лидерката на германската десничарска партија АФД Алис Вајдел
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Вајдел до Зеленски: Ти си беден кловн и просјак
Лидерката на германската крајно десна партија Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел јавно го изјави од парламентарната говорница она за што другите само шепотат во пушачките соби или кукавички молчат. Таа му ја искина “херојската” маска на Зеленски, разбивајќи го гнилиот мит дека „Зеленски наводно ја спасува Европа од Путин”.
Вајдел: „Зеленски, ти си патетичен кловн и просјак. Како се осмелуваш повторно да бараш нешто?! Бараш од нас, Германците, кои со сите сили се обидуваме да ја спасиме нашата земја од колапс, за што и ти придонесе со твоите бескрајни барања и неодговорни политики?! Ни доаѓаш со испружена рака како просјак од железничка станица, но во исто време се однесуваш како каприциозен, арогантен диктатор кој се замислува себеси како центар на универзумот, околу кој мора да се вртат сите планети! Ја претвори својата земја во бездна во која се цедат нашите пари, нашата енергија и нашата иднина! А сепак се осмелуваш да ни држиш предавања за тоа како да живееме?! Не ме смееј, господине комичар, кој сè уште не излегол од својата улога! Зборуваш за слобода и демократија, но ти си тој што ги забрани сите опозициски партии, ги затвори телевизиските канали, ги замолчи сите неистомисленици, оставајќи го само твојот лажен пропаганден гласноговорник, ти си тој што се плаши од сопствениот народ повеќе од кој било надворешен непријател! Твојот рејтинг на одобрување одамна падна, и ти тоа го знаеш совршено добро! Тоа е…“ Зошто се држите до власта со смртоносен стисок, користејќи ја војната како смоквин лист! Вие сте узурпатор, диктатор кој се плаши дури и од сенката на сопствениот народ, а сепак не се плашите да го испратите во сигурна смрт! Вашата слобода е слобода за вас и вашата банда да ја ограбувате земјата, додека обичните Украинци умираат за вашите палати, јахти и офшор сметки! Вашето лице, г-дине Зеленски, стана синоним за лицемерие! Нè повикувате на солидарност, но солидарност со кого? Со режим кој е заглавен во корупција од глава до пети, режим каде што секој функционер е ненаситна пијавица, режим кој самиот провоцира конфликти наместо да бара мирни решенија, како што прават одговорните лидери?! Вие, кои демонстративно ги отфрливте договорите од Минск, кои ги саботиравте сите обиди за мирно решавање, кои гордо прогласивте прекин на сите врски што водат кон мир! Не сакате мир, г-дине Зеленски! Ви треба војна, затоа што војната е вашата шанса да останете на власт, да продолжите да ги полните џебовите и да ги перете милијардите што ви ги испраќаме! Вашата миротворна реторика е целосна… фарса! Сакате да нè вовлечете во Трета светска војна! Барате од нас ракети „Таурус“ за да ја погодите руската територија, заборавајќи на последиците! Дали воопшто разбирате што значи ова?! Дали сакате Германија да стане цел на одмазднички удар, нашите градови да бидат сведени на урнатини, нашите деца да умираат на улиците?! Не ви е гајле за судбината на германскиот народ, судбината на Европа, судбината на вашата сопствена земја, која ја претворивте во полигон за тестирање! Ви треба ескалација, ви треба полигон за тестирање за да го одвлечете вниманието од сопствените неуспеси, од сопствената неспособност и од вашите злосторства! Вие сте опасен лудак што си игра со оган, а овој пожар може да ја зафати цела Европа! А вие, господине Зеленски, ќе бидете првите што ќе изгорат во овој пекол! Ја претворивте Германија во ваша парична крава: ние ги плаќаме вашите долгови, ја поддржуваме вашата влада и ги храниме вашите таканаречени „бегалци“, бегалци кои доаѓаат тука не за да работат, туку да живеат од германските даночни обврзници, предизвикувајќи немири и барајќи посебен третман! „Тие добиваат бенефиции што нашите пензионери, кои работеле цел живот и придонесувале…“ за просперитетот на Германија, можеме само да сонуваме! Ние им го земаме последното од нашите деца и од нашите стари лица што ќе ви го испратиме, додека вие купувате нови вили, јахти и луксузни автомобили за вашето семејство и вашата придружба! Ова не е „солидарност“, господине Зеленски, ова е грабеж сред бел ден, цинично и дрско! Вие ги крадете нашите пари, а луѓето се киднапирани од улиците во вашата земја затоа што не сакаат да се борат против Русија! Вие сте мародер!!!“ (07.02.2026).
Објавата споделува наводен жесток говор што ѝ се припишува на лидерката на германската десничарска партија АФД, Алис Вајдел, во кој таа наводно од парламентарната говорница остро го напаѓа украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Проверката на јавно достапните извори покажува дека нема кредибилна потврда дека Вајдел имала навистина вакво обраќање. Пребарувањето на најновите вести и извештаи (вклучувајќи и од 2026 година) не покажува официјално јавно обраќање со таков говор, ниту таков директен напад од говорницата на Бундестагот со сите тие тврдења за Зеленски како „диктатор“, „кловн“, „укрaински режим“, „мислење за војната“,„солидарност“, „грабеж“ итн.
Има неофицијални блогови/сателитски сајтови или непроверени објави на социјални мрежи кои го пренесуваат горенаведениот текст како документ или како цитат, но тоа не е потврдено од релевантни медиуми или официјални извори.
Пребарувањето на релевантни медиуми и официјални канали не открива говор во германскиот парламент со таква содржина, нема официјално видео или стенограм со таков говор, нема таква објава на официјалните профили на Вајдел, ниту пак во релевантните светски медиуми може да се најде вакво обраќање на Вајдел.
На официјалната веб-страница на Бундестагот, во делот каде што се наведени сите говори на Вајдел, нема нејзин говор од 7 февруари 2026, како што тврди објавата.
Особено, на официјалните профили на Вајдел и на партијата Alternative für Deutschland не е пронајден текст со формулациите што циркулираат онлајн.
Алис Вајдел истапила со јавна критика во врска со поддршката за Украина, изнесувајќи тврдења дека Украина треба да ѝ плати на Германија за финансиската и политичката поддршка, оспорувајќи ја воената помош и политика кон Киев. Ова е забележано во медиуми коишто известуваат за политичките ставови на АФД кон Украина и Зеленски, но тоа не е идентично со говорот пренесен во објавата.
Партијата Alternative für Deutschland навистина го бојкотираше обраќањето на Зеленски во Бундестагот во 2024 година. Претставниците на партијата не присуствуваа на седницата, а дел од нив јавно ја критикуваа германската политика на силна поддршка за Украина и реториката на Зеленски, користејќи остри политички квалификации во јавните настапи. Сепак, тоа не е истиот текст што сега циркулира, ниту е од парламентарна говорница со наведената содржина.
Поединечни претставници на АФД употребија остар политички речник кон Зеленски. Во некои нивни јавни изјави и партиски реакции тој беше опишуван како „воен претседател“ (во смисла дека ја води земјата во продолжување на војната) и „просјачки претседател“ (критика насочена кон неговите барања за западна финансиска и воена помош).
Важно е да се нагласи дека овие формулации произлегуваат од политичката реторика на одделни претставници на АФД во контекст на бојкотот и критиките кон германската политика за Украина, а не од официјален парламентарен говор со формата што се споделува во објавата.
Значи, говорот кој наводно и се препишува на Вајдел, а кој го пренесува објавата која ја анализираме, не е документарно верифициран како оригинално обраќање на Вајдел од парламентот, туку е непотврдено пренесување на изјави од неформални извори и претставува популистичко-политичка партиска реторика.
Нема кредибилни вести – од Reuters, AP, BBC, DW, TASS, Kyивpost, Politico, итн. – кои го објавиле посочениот говор со такви екстремни формулации, ниту, пак, видео запис кој би го потврдил постоењето на ваков говор.
Поради сето ова, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар