Нема докажан линк помеѓу вакцините и менструацијата, но има дека не влијаат на плодноста

Фото: Marco Verch (CC2.0)/Flickr.com

На социјалните мрежи излезе непоткрепено тврдење дека вакцините протов ковид-19 влијаат врз менструацијата, како и врз плодноста. Нашето истражување покажа дека за првото тврдење нема никакви научни докази, а дека второто, според науката, е невистина

На социјалните мрежи излезе непоткрепено тврдење дека вакцините протов ковид-19 влијаат врз менструацијата, како и врз плодноста. Нашето истражување покажа дека за првото тврдење нема никакви научни докази, а дека второто, според науката, е невистина

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук на македонски јазик ги обвинува медиумите кај нас дека не известувале за последиците од анти-ковид вакцините врз менструалниот циклус кај жените,  а со тоа и на женската плодност.

Со ваквата објава, на која и недостига контекст и факти, се шири страв кај јавноста, кој научно е непоткрепен. Во објавата се наведува:

Неколку израелски жени пријавиле неправилни менструации и абнормално крварење откако примиле вакцина на Фајзер против КОВИД19.

Илјадници други жени, исто така, пријавиле неправилности во нивниот месечен циклус откако примиле вакцина против корона вирус – покажува истражувањето на Универзитетот Илиноис.

Вакви сведоштва секојдневно се споделуваат во групите на социјалните мрежи чиишто членови го пренесуваат искуството по примањето на вакцина против САРС-КоВ-2 вирусот. Иако врвни експерти предупредуваа за можна поврзаност на mRNA вакцините со плодноста кај жените, мејнстрим медиумите повторно молчат за овие несакани реакции.

Притоа, се дава и линк од  веб порталот „Хајваер“ (The Highwire), на кој основачот и продуцент на интернет шоуто, де факто, цело време се занимава со фармацевтските компании и истакнува дека станува збор за „целосна утка со вакцините која мора да престане“. Практично, извор на постот објавен на ФБ е анти-ваксерска интернет платформа, која, за разлика од другите слични, сепак, се занимава со новинарство.

 

Нема докази за влијание врз менструацијата

Најпрво и во самиот пост се започнува сo реченицата „неколку израелски жени…“, за потоа во вториот пасус да се наведе „илјадници други жени…“. Ова укажува дека авторот на постот е релативно несигурен во бројките кои евентуално би биле доказ дека станува збор за повообичаен или помасовен несакан ефект од вакцините.

Она што може да се најде по сериозните светски медиуми е дека не постои доказ базиран врз научно истражување оти вакцините против ковид-19 произведуваат чест несакан ефект, кој се одразува врз промената на менструалниот циклус или самата менструација кај жените, иако, барем по социјалните мрежи, вакви странични ефекти можат да се сретнат. Во повеќето изнесени мислења од сериозни научни експерти се истакнува дека нема никакви докази, ниту од производителот, ниту од официјалните тела што регистрираат несакани ефекти. Тоа го тврдат професор Марк Турентин, доктор Џен Гинтер, доктор Џенифер Ештон, доктор Селин Гаундер, и многу други.

Последно споменатата докторка во изјава за „Њујорк Тајмс“ вели „не постојат научни докази дека вакцината влијае на менструацијата. Тоа е исто како да кажете дека, бидејќи денеска се вакцинирав, вечер ќе има полна месечина“, вели докторката, чија изјава се наоѓа на крајот од текстот.

Ниту еден од споменатите експерти не исклучува дека постојат такви примери, но наведуваат дека „биолошки гледано менструалниот циклус зависи од многу други фактори“, како и фактот дека „ниту една од вакцините не е поврзана со елементи кои влијаат на хормоналниот статус“.

Но, затоа, во повеќе медиуми може да се најде токму обратен пример, дека кај заразените жени со ковид-19, како една од последиците се регистрира и влијание врз менструацијата, што е потврдено и со научна студија, а други експерти, кои го потврдуваат истото, беа пренесени и од домашни медиуми.

Не постои влијание врз плодноста и бременоста

Она што е пострашно од недокажаното тврдење дека постои поврзаност меѓу mRNA вакцините и менструацијата, е тврдењето во постот дека постои влијание врз плодноста. За среќа, ваквите непоткрепени тврдења се отфрлени и научно и за нив можете да прочитате и на линковите погоре, но тоа го потенцираат и нашите имунолзи.

Професор доктор Катерина Ставриќ, клинички имунолг-педијатар, тоа го посочи на емисијата „Топ Тема“ на ТВ Телма (од 45 минута во видеото), истакнувајќи дека неодамнешни испитувања во САД покажале дека вакцините не влијаат, ниту на зачнувањето, ниту на периодот за време на бременоста, ниту по породувањето, туку напротив, било докажано дека вакцинираните мајки за време на бременоста дури и им пренеле анти тела против корона вирусот на новороденчињата.

Според погоре изнесените аргументи, во најмала рака може да се констатира дека објавата што ја рецензираме е без дополнителни факти, се потпира на еден извор и недостасува контекстот.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција