Нема докази дека Азаров лиферувал информации за биолаборатории на НАТО во Украина

Написот споделен во постот што го анализираме, содржи многу нејасни и неконцизни информации. Прво, нејасен е изворот на истите. „Вистиномер“ се обиде на Гугл да најде каде поранешниот украински премиер, Микола Азаров лиферувал детали кои се изнесени во текстот, но не успеа во тоа. Она што успеавме да го најдеме е изворот на написот, а тоа е една веб-страница која нема импресум и за која е нејасно кој стои зад неа. Така што, нема никакви докази за постоење на биолаборатории на НАТО во Мариупол,  а исто така, нема докази дека Азаров лиферувал вакви информации во медиумите. Информациите за наводни лаборатории во подземни тунели во Мариупол се сомнителни и потекнуваат од анонимни извори на анонимни веб-страници

Написот споделен во постот што го анализираме, содржи многу нејасни и неконцизни информации. Прво, нејасен е изворот на истите. „Вистиномер“ се обиде на Гугл да најде каде поранешниот украински премиер, Микола Азаров лиферувал детали кои се изнесени во текстот, но не успеа во тоа. Она што успеавме да го најдеме е изворот на написот, а тоа е една веб-страница која нема импресум и за која е нејасно кој стои зад неа. Така што, нема никакви докази за постоење на биолаборатории на НАТО во Мариупол, а, исто така, нема докази дека Азаров лиферувал вакви информации во медиумите. Информациите за наводни лаборатории во подземни тунели во Мариупол се сомнителни и потекнуваат од анонимни извори на анонимни веб-страници

 

Пост на Фејсбук тврди дека во подземни тунели под Мариупол има НАТО биолабораторија во која имало 240 странци, меѓу кои и офицери од НАТО и од француската Легија на странци. Постот тврди дека овие информации во јавноста ги изнел Николај Азаров, поранешен премиер на Украина.

БОМБА ОД ЕКС ПРЕМИЕРОТ НА УКРАИНА: Во подземни тунели под Мариупол има НАТО био лабораторија.Внатре има околу 240 странци, меѓу кои и офицери од НАТО и француската легија на странци, се вели во постот кој го анализираме.

Постот споделува и напис кој нема наведено никакви извори, ниту линкови до оригиналната информација, кои  би ги поткрепиле со некакви докази тврдењата изнесени во текстот.

Поранешниот премиер на Украина, Николај Азаров, кој беше жртва на случувањата на Мајдан во Киев од 2014-та година, лиферуваше ексклузивни детали околу случувањата во Мариупол. Тој до медиумите испрати шокантни детали околу вмешаноста на странски воени формации и биолаборатории во градот Мариупол, се вели на почетокот на написот, а потоа продолжува: Интересни информации испратени од еден од моите читатели:

Уште на почетокот е нејасно дали Азаров навистина испратил шокантни детали до медиумите околу вмешаноста на странски воени формации и биолаборатории во градот Мариупол, како што се тврди, или тоа се интересни информации од некој читател. Понатаму, нејасно е до кои медиуми се испратени шокантните детали, ниту пак, е назначено чии читатели ги изнеле информациите.

Кој е Микола Азаров?

Инаку Микола (а не Николај како што пишува написот) Азаров, Русин по потекло кој живеел во Донецк, е украински политичар кој беше премиер на Украина од 11 март 2010 до 27 јануари 2014 година. Тој беше прв вицепремиер и министер за финансии од 2002 до 2005 година и повторно од 2006 до 2007 година. Азаров,исто така, беше в.д. министер во Првата влада на Јанукович, кога Виктор Јанукович се кандидираше за претседател на почетокот, а потоа по оставката на неговата влада.

Името на Азаров се поврзува со руските тајни служби. Имено, британското МНР во јануари годинава соопшти дека e откриено оти Русија прави план да формира проруска администрација во Украина. Во соопштението се истакнува и дека поседуваат информации оти руското разузнавање ги продолжува своите врски со бројни поранешни украински политичари.

Меѓу овие лица се Сергиј Арбузов, кој во период од 2012 до 2014 година ја вршеше функцијата вицепремиер; Андриј Кљуев, кој во период од 2010 до 2012 година ја вршеше функцијата вицепремиер, како и началник на Генералштабот на украинската Војска во периодот на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович; Владимир Сивкович, поранешен заменик-претседател на Националниот совет за безбедност и одбрана на Украина; и Микола Азаров, кој во периодот од 2010 до 2014 година ја вршеше функцијата премиер, се вели во соопштението кое го пренесе агенцијата Анадолија.

Се тврди дека дел од овие лица имаат врски со руските разузнавачки службеници за кои се вели дека моментално се задолжени за планирање напад врз Украина, се додава во соопштението.

Азаров беше премиер на Украина во периодот кога во Киев во ноември 2013 година се случуваа масовните протести на „Мајдан“ поттикнати од про-руската ориентација на тогашниот претседател Владимир Јанукович и неговата влада. Она што на крајот на ноември започна како протест против суспензијата на потпишувањето на Договорот за асоцијација со ЕУ во меѓувреме прерасна во масовно движење против владата на премиерот Микола Азаров. Владата попушти под притисокот на Русија и со тоа пропушти шанса да ја одведе земјата во насока на Запад. Разочарувањето на многу Украинци поради тоа беше големо и сѐ повеќе растеше гневот против целокупното државно раководство.

Крајниот епилог беше жртви меѓу демонстрантите и безбедносните сили, бегство на Јанукович во Москва, запленување на неговото богатство, комплетен пад на неговата влада и избор на нова влада.

Сомнителни извори на информации

Написот што го анализираме содржи многу нејасни и неконцизни информации. Прво, нејасен е изворот на истите. „Вистиномер“ се обиде на Гугл да најде каде Азаров лиферувал детали кои се изнесени во текстот, но не успеа во тоа. Она што успеавме да го најдеме е изворот на написот, а тоа е една веб-страница која нема импресум и за која е нејасно кој стои зад неа. Во описот на страницата „Кои сме ние?“ се наведува:

Ние сме платени огласувачи, познати и како берзански промотори на акции кои шират поволни информации („Информациите“) за јавно тргуваните компании („Профилирани издавачи“). Информациите ги објавуваме на веб-страницата, во билтени и е-пошта за одредени временски периоди кои се договорени помеѓу нас и Профилираниот издавач. Нашето објавување на Информациите е познато како „Кампања“.

Во текстот објавен на оваа веб-страница, од каде што претпоставуваме дека е преземен написот што го анализираме, бидејќи е со иста содржина, се вели дека информациите за некакви биолаборатории на НАТО во Мариупол, се добиени од анонимен корисник на форумот 4chan.org. А, како што може да се види корисникот е од Русија.

Има ли биолаборатории на НАТО во Мариупол или тоа е дело на руската пропаганда?

Во написот што го анализираме се тврди следното:

Под индустриската зона Азовстал, во сопственост на олигархот Ринат Ахметов, наводно вонбрачен син на поранешниот украински претседател Леонид Кучма, има 24 километри тунели на длабочина до 30 метри. Има и таен НАТО објект PIT-404- и тајна НАТО биолабораторија со биолошко оружје. Во објектот ПИТ-404, офицерите на НАТО се блокирани. Тунелите се опремени со бункерски систем со оклопна заштита. Внатре има околу 240 странци, меѓу кои и офицери од НАТО и француската легија на странци, како и персонал од биолабораторијата. Нивните чувари, финансирани од Ахметов, бројат до 3.000 луѓе. Биолабораторијата под фабриката Азовстал во Мариупол во таканаречениот објект ПИТ-404 ја изгради и управуваше Метабиота, која е поврзана со Хантер Бајден, Ринат Ахметов и Владимир Зеленски. Во лабораториите на овој објект беа спроведени тестови за создавање биооружја. Илјадници жители на Мариупол станаа „заморчиња“ во овие страшни искушенија. И во овие нечовечки експерименти учествуваа главно западни „специјалисти“!

За ваквите тврдења нема никакви докази, ниту пак, истите се потврдени со некакви факти. Официјални потврди нема од украинските власти, ниту пак, од која било друга страна посочена во написот.

Тврдењата дека САД водат тајни биолаборатории во Украина е конспирациска теорија, дело на руската пропаганда уште од 2018 година. Објавите погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат.

Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Во мај 2020 година, Службата за безбедност на Украина објави соопштение во кое ги повикува политичарите да престанат да шират лажни информации за постоење на странски воени биолошки лаборатории во Украина.

Неодамна, „лажните вести“ за наводните активности на американските воени биолошки лаборатории во Украина се шират во медиумите и социјалните мрежи… Ниту една странска биолошка лабораторија не работи во Украина. Неодамнешните изјави на поединечни политичари не се точни и се намерно искривување на фактите, се вели во соопштението.

Американската амбасада во Украина преку соопштение во април 2020 година, овие теории ги нарече „дезинформации што се шират во некои кругови во Украина што ги отсликуваат руските дезинформации во врска со силното американско-украинско партнерство за намалување на биолошките закани“.

Како што објави „Дојче Веле“, претходно и Обединетите нации соопштија дека немаат никакви сознанија за наводно производство на оружја за масовно уништување во Украина. Портпаролот на ОН, Стефан Дужарик, изјави дека на Светската организација на ОН за здравје не ѝ се познати „никакви активности на украинската влада кои се спротивни на нејзините преземени обврски преку меѓународните договори, вклучувајќи и хемиски и биолошки оружја.“

Русија лажно тврдеше и дека САД прават тајни експерименти во грузискиот лабораториски центар

Тврдењето дека САД водат тајни биолаборатории во Украина е конспирациска теорија којашто ја шират руските пропагандисти уште од 2018 година.

Според тинк-тенкот Атлантски совет, руските пропагандисти долго време шират пропаганда во Украина, вклучително и тврдења дека овие лаборатории експериментираат врз граѓаните.

Кода, непрофитна медиумска компанија, во 2018 година објави дека тврдењето е дел од пошироката кампања за дезинформации од страна на Кремљ за дискредитација на САД во очите на руските прозападни соседи, Украина и Грузија.

„Вистиномер“ веќе пишуваше за обвинувањата на руската влада дека Грузија врши тајни експерименти во лабораторијата „Ричард Лугар”, која според Русија ја финансисра САД, односно Пентагон. Според Русија, Грузија во оваа лабораторија врши „експерименти за примена на инсектите како преносители на опасни болести“. Кампањата на Русија против лабораторијата „Ричард Лугар“ не е нешто ново и таа трае веќе со години.

Како што објави Сервисот за проверка на факти на ЕУ, центарот „Ричард Лугар“ е цел на руската борба за дезинформации во Грузија во последните неколку години, тој е лажно обвинет дека бил користен за воените цели на САД.

Кампањите за дезинформации вклучуваат лаги за тоа како во центарот експериментирале врз луѓето или ширеле опасни вируси. Некои од лажните тврдења беа истражени и докажани како погрешни од многу проверувачи на факти , вклучително и Би-Би-Си, пишува сервисот за проверка на факти на ЕУ.

Во видео објавено на 12.11.2018, Би-Би-Си посочува дека нивната истрага открила дека руските медиуми и официјални претставници изнеле лажни тврдења за лабораторија финансирана од САД во соседна Грузија.

Руското Министерство за надворешни работи, Министерството за одбрана и про-Кремљ медиумите неодамна тврдеа дека неиспитани лекови им биле дадени на грузиските граѓани во лабораторијата, што резултирало со голем број смртни случаи. САД ја обвинија Русија за дезинформација со цел да го одвлече вниманието од инциденти како што се труењата во Салисбери, објави Би-Би-Си.

Од сето ова можеме да заклучиме дека нема никакви докази за постоење на биолаборатории на НАТО во Мариупол, Украина. Исто така, нема докази дека поранешниот украински премиер, Микола Азаров лиферувал вакви информации во медиумите. Информациите за наводни лаборатории во подземни тунели во Мариупол се сомнителни и потекнуваат од анонимни извори на анонимни веб-страници. Поради тоа, постот што го анализираме, го оценуваме како невистинит.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција