Нема докази дека ЦИА го убила поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди

Џон Ф. Кенеди со соработниците во Овалната соба, мај 1963 година | U.S. Department of Agriculture, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Доскорешниот претседател на САД Бајден декласифицираше документи поврзани со атентатот врз поранешниот претседател Кенеди. Во тие документи имаше досие за личноста на Ли Харви Освалд што за него го водела ЦИА пред и по смртта на Кенеди, извести Политико. Но, во документите нема референца за план на ЦИА да го убие Кенеди. 

Доскорешниот претседател на САД Бајден декласифицираше документи поврзани со атентатот врз поранешниот претседател Џон Ф. Кенеди. Во тие документи имаше досие за осомничениот атентатор Ли Харви Освалд што за него го водела ЦИА пред и по смртта на Кенеди. Но, во документите нема референца за план на ЦИА да го убие Кенеди

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео и пишува:

Поздрав до аналитичарите од територијата наречена СЕВЕРЏАНИЈА. Мојот покоен дедо Тодор на мои 8-9 години ме научи што е ЦИА, не дека јас бев паметен на тие години, него тоа се зборуваше секој божји ден дома кај нас. Затоа, пред Трамп да го обелодени, еве јас ви кажувам. Затоа паметете го ова најмалку два пукачи се каков црн Ли Харви Освалд, какви црни бакрачи. Одамна дедо Гоце ви кажа да размучкате кефалото на рамената што го носите и да видите како може Ли Харви Освалд да го убие Кенеди пукајќи од зградата а првиот куршум да дојде од подвожњак. За другите куршуми е дегутантно да се говори. П.С. Мy love CIA за поширока употреба името ѝ е The Company.

Теоретичарите на заговори со нетрпение чекаат да почнат да ги чешлаат илјадниците документи за атентатот на поранешниот американски претседател Џон Ф. Кенеди што ќе бидат достапни за јавноста откако Доналд Трамп потпиша извршна наредба да ги декласифицира, пишува Скај Њуз.

Кенеди според официјалната верзија на настаните беше застрелан во Далас на 22 ноември 1963 година додека се возеше во автомобил. Поранешниот маринец Ли Харви Освалд (24) се позиционирал со снајпер на 6 кат на зградата и истрелал повеќе куршуми, убивајќи го претседателот, според официјалната верзија на настаните. Освалд беше убиен два дена после атентатот за време на трансфер од еден во друг затвор: Џек Руби го застрелал Освалд практично пред телевизиските известувачи и нивните камери.

Една година после убиството комисијата за истражување на атентатот наречена „Комисија Ворен“ заклучи дека Освалд делувал сам и немаше докази за конспирација. Тој престојувал во Советскиот Сојуз пред да наполни 20 години во октомври 1959 година, научил руски, живеел во Минск и бил женет со Русинка со која добил две деца, што ги отвори шпекулациите за советска инволвираност, но и тоа беше отфрлено.

Атентатот на Кенеди беше снимен на 8 милиметарска филмска лента во боја од аматерскиот режисер Абрахам Запрудер кој имал совршена позиција додека поминувала отворената лимузина во која се возел Кенеди со сопругата Жаклин. Тоа видео е прикажано во објавата што ја рецензираме.

Снимката на Запрудер, како што пишува „Дојче Веле“ сугерира дека осомничениот атентатор, Освалд, тогаш 24-годишен поранешен маринец, не дејствувал сам. Меѓутоа, Вореновата комисија (наречената така неформално, според името на нејзиниот претседател Врховниот судија, Ерл Ворен), која ги истражуваше околностите на смртта на Кенеди, заклучи дека Освалд бил сам вооружен напаѓач кој ги испукал двата куршума во Кенеди од блискиот Депозитар за училишни книги во Тексас.

Теоријата на заговор дека ЦИА била некако инволвирана во атентатот на Кенеди е една од најпроминентните но никогаш не е докажана.

Кога проверувачите на факти на „Ју Ес Еј Тудеј“ ја проверувале содржината на невистинитото тврдење дека „ЦИА признала инволвираност во атентатот на Кенеди“, одговорот што го добиле од портпаролот на ЦИА во јануари 2023 бил:

Овие тврдења се крајно лажни и апсурдни, изјавил Тами Торп, портпарол на ЦИА за „Ју Ес Еј Тудеј“.

Доскорешниот претседател на САД Џо Бајден декласифицираше документи поврзани со атентатот врз претседателот Кенеди. Во тие документи имаше досие за личноста на Освалд што за него го водела ЦИА пред и по смртта на Кенеди, извести Политико. Но, во документите нема референца за план на ЦИА да го убие Кенеди.

Како што пишува Смитсонијан за видеото кое е во објавата што ја рецензираме, можно е да станува збор за оптичка илузија.

Кога ќе се погледне кадарот 313, силната импресија дека пукањето доаѓа од предната страна на Кенеди и ја разнесува неговата глава наназад е моќна. Има аргументи дека ова е оптичка илузија, најуверливата за мене, бидејќи Кенеди е погоден од позади, откако во претходниот кадар 312 ја удира нанапред брадата кон градите и главата му се одбива наназад во кадарот 313, пишува Рон Росенбаум во магазинот Смитсонијан.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина наведеното во објавата што ја рецензираме дека ЦИА имала врска со атентатот врз претседателот Кенеди.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција