Нема докази дека фотографијата од апсењето на Мадуро е вистинска

Николас Мадуро Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0, via Wikimedia Commons

Детал што сугерира дека фотографијата споделена во објавата би можела да биде лажна, е фактот дека на елекот на еден од војниците има иницијали на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), додека операцијата за апсење на Мадуро ја спроведе Делта Форс.

Детал што сугерира дека фотографијата споделена во објавата би можела да биде лажна, е фактот дека на елекот на еден од војниците има иницијали на Администрацијата за борба против дрога (ДЕА), додека операцијата за апсење на Мадуро ја спроведе Делта Форс (команда на специјалните сили на Армијата на Соединетите Американски Држави), според Си-Би-Ес

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Американската „демократија“ тропна и на венецуелската врата и го уапси Мадуро за дрога. Кај јенките, кога делат правда, не прашуваат за докази – важно е дали имаш нафта и дали си послушен. Пресудата е донесена уште пред апсењето; ако не се согласуваш, сигурно си дилер, диктатор или и двете. Демократијата доаѓа со авион, а заминува со танкер. Демократијата кај јенките тропа само таму каде што има што да се земе, но кога ќе тропне, виновник секогаш се наоѓа. Не прашува за факти – доволно е да има нешто што тие сакаат. Доказите доаѓаат со следниот авион, а законот важи само за оние што не се под нивно знаме. И така, светот повторно учи дека правдата е слепа… ама само на едно око, додека другото гледа исклучиво американски интерес. Важно Муцунски го поздрави апсењето на Мадуро.

Објавата споделува фотографија од наводно моментот на апсењето на Николас Мадуро на која се гледа венецуелскиот претседател облечен во темносина јакна, како под рака од двете страни го држат припадници на американската Агенција за борба против дрога (ДЕА). Во позадина може да се види авион и броен воен персонал.

Оваа фотографија ја пренесоа и дел од македонските медиуми (тука, тука, тука, тука).

Нема докази дека фотографијата од наводното апсење на Николас Мадуро, на која се гледаат двајца војници како го придружуваат венецуелскиот претседател откако се симнал од авион, е вистинска. Фотографијата не е споделена од ниедна американска агенција и првично била дистрибуирана од уметник кој создава слики користејќи вештачка интелигенција, пишува сајтот за проверка на фактите Верифика.

Фотографијата стана вирална на социјалните мрежи.

Таа првично е споделена од корисник на Икс кој произведува содржина направена со вештачка интелигенција, па затоа нема докази дека е вистинска.

Фотографијата што стана вирална на социјалните медиуми е направена од пренос во живо на аргентински Јутјуб канал.

Во видеото, како што пишува Верифика, водителот тврди дека му е испратена фотографијата од Вашингтон, но кога се појавува во емисијата, се забележува дека ја презел од социјалната мрежа Икс.

Пребарувањето на таа социјална мрежа потврдува дека Јутјуб каналот ја презел сликата од објава на корисник кој тврди дека е „ентузијаст за видео уметност“ направена со вештачка интелигенција и кој редовно објавува содржина генерирана од вештачка интелигенција.

Од друга страна, фотографијата не е дистрибуирана од профилот на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на Трут соушл, ниту од која било друга организација или член на Владата на Соединетите Американски Држави (1, 2, 3, 4).

Друг детал што сугерира дека фотографијата би можела да биде лажна е фактот дека елекот на еден од војниците ги носи иницијалите на Агенцијата за борба против дрога (ДЕА), додека операцијата за апсење на Мадуро ја спроведе Делта Форс (команда на специјалните сили на Армијата на Соединетите Американски Држави), според Си-Би-Ес.

Од сето погоре, можеме да заклучиме дека нема докази оти споделената фотографија во објавата опишана како фотографија од апсењето на Мадуро е вистинска, ниту пак, е дистрибуирана од кој било официјален канал на владата на Соединетите Американски Држави.

Поради тоа, објавата ја оценуваме како делумна невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција