Нема докази дека германски експерт за ЕУ ѝ порачал на Фон дер Лајен да престане да ги лаже Македонците
Не најдовме никаков коментар од Гералд Кнаус, уште помалку коментар во кој тој ѝ вика на Фон дер Лајен „доста ги лажеш Македонците, Македонија нема да влезе во ЕУ“, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.
Фон дер Лајен последен пат беше во посета на земјава на 15 октомври 2025 година. Не најдовме никаков коментар од Гералд Кнаус, уште помалку коментар во кој тој ѝ вика на Фон дер Лајен „доста ги лажеш Македонците, Македонија нема да влезе во ЕУ“, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме
Анализирме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
АЛО ПРЕТСЕДАТЕЛ И ЦЕЛА ВЛАДА.
Објавата споделува и фотографија од претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на која пишува:
Германски експерт за ЕУ до Урсула: Зошто ги лажеш Македонците? Ова не е успех и со ова Македонија нема да влезе во ЕУ.
Она што останува нејасно во објавата е кој е тој „германски експерт за ЕУ“ и за што тоа ѝ рекол на претседателката на ЕК дека ги лаже Македонците.
Се обидовме на Гугл да побараме изјава од некој германски експерт кој ја спомнува Македонија во контекст на Европската Унија и ја предупредува Фон дер Лајен да не лаже, но такво нешто не најдовме.
Она што најдовме е текст на порталот МКД прес ЕУ кој е познат по своите антизападни ставови и глорификацијата на Русија.
Текстот на овој портал во врска со германскиот експерт гласи вака:
Гералд Кнаус, германски експерт за евроинтеграции, ја го демантираше денешниот твит на Урсула Фон дер Лајен, шефицата на ЕК, која е во посета на Скопје. Со зборовите „Македонија нема да се движи напред кон членство” тој ѝ одговори на Фон дер Лајен дека „ѝ е мило што денеска е во Скопје“ и дека народот на Северна Македонија покажал посветеност кон вредностите на ЕУ.
Тоа е сè. Нема ниту линк до објавата на Фон дер Лајен, ниту принтскрин од зборовите на германскиот експерт – ништо. Од она што може да се сфати од овој краток текст е дека дента кога Фон дер Лајен била во посета на Македонија на социјалната мрежа Икс напишала оти ѝ е мило дека е во Скопје, а на тоа германскиот експерт наводно одговорил: „Македонија нема да се движи напред кон членство“.
Нема ништо околу тоа за што лаже Фон дер Лајен, кој е тој „неуспех“ со кој „Македонија нема да влезе во ЕУ“, нема никаков издржан став и некакво објаснување од тој наводен германски експерт. Едноставно, нема ништо што би одело во прилог на тврдењето изнесено во објавата.
Гералд Кнаус (Gerald Knaus) инаку е австриски интелектуалец, политички аналитичар и експерт за европски интеграции и миграциски политики.
Тој е основач и претседател на тинк-тенкот “European Stability Initiative” (ESI) — независен институт со седиште во Берлин, кој се занимава со прашања на европска политика, проширување на ЕУ и човекови права.
Работел во различни земји од Југоисточна Европа, особено на Балканот, и има долгогодишно искуство со темите поврзани со евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Во однос на евроинтеграцијата на Македонија, Кнаус во 2022 година предупредува на опасноста од одложувања и од тоа дека блокадите од Бугарија ја подриваат довербата во процесот.
Во изјава од 2022 година, Кнаус, осврнувајќи се на пречките со кои се соочува Северна Македонија во однос на блокадите од страна на соседни земји (на пр. Бугарија) рекол:
Започнете ги преговорите за пристапување во ЕУ со Северна Македонија: Држете се до зборот. Зајакнете ги реформите.
Претседателката на ЕК јавно изјавила дека ЕУ ја поддржува Северна Македонија и дека следниот значаен чекор е усвојување на уставните промени.
Кнаус, како експерт за евроинтеграции, честопати зборува за процесот на Западниот Балкан и за Северна Македонија, но не пронајдовме извори што покажуваат дека тој јавно ја нападнал или критички се обратил лично до Фон дер Лајен по прашањето на Македонија.
Фон дер Лајен последен пат беше во посета на земјава на 15 октомври 2025 година.
Вистиномер ги побара нејзините објави на Икс кои се однесуваат на посетата на Скопје. Фон дер Лајен нема објава дека „и е мило што е во Скопје“, како што тврди написот на МКД прес ЕУ.
Таа има две објави. Во првата објава вели:
Ние целосно ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ. Можете да сметате на нас. Следниот и единствен чекор пред почетокот на преговорите е јасен. Треба да ја направите договорената уставна промена. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена.
We remain fully behind North Macedonia on its EU path.
You can count on us.
The next and only step before the opening of the negotiations is clear.
You need to make the agreed constitutional change.
The ball is in your court. The EU is ready. pic.twitter.com/s890meaZLP
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
Во втората објава таа пишува:
Во меѓувреме, ја приближуваме вашата земја до нас. За тоа се работи во Планот за раст! Отвораме центар за вештачка интелигенција (AI Factory antenna) во Скопје. Ве вклучуваме во Единствената платежна зона на Европа. И исплаќаме 16 милиони евра благодарение на реформите што ги направивте
In the meantime, we’re moving your country closer to us.
That’s what the Growth Plan is all about!
We’re opening an AI Factory antenna in Skopje.
We’re including you in Europe’s Single Payment Area.
And we’re disbursing 16 million euros thanks to the reforms you have made. pic.twitter.com/YhpaV89vtZ
— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) October 15, 2025
Ги разгледавме и коментарите под објавите на Фон дер Лајен, но не најдовме никаков коментар од Гералд Кнаус, уште помалку коментар во кој тој ѝ вика на Фон дер Лајен „доста ги лажеш Македонците, Македонија нема да влезе во ЕУ“, како што тоа го тврди објавата што ја анализираме.
Поради сето погоре, оценуваме дека објавата е невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар