Нема докази дека градоначалникот на Днипро проневерил британска парична помош
Фејсбук објавата сугерира дека Борис Филатов живеел од плата од 600 долари и дека имал мотив да краде од британската парична помош за Украина, но пред да влезе во политиката тој веќе беше милионер и си купи хеликоптер и билет за вселенски лет, а како градоначалник одби рекордно мито од 22 милиони евра.
Фејсбук објавата сугерира дека Борис Филатов живеел од плата од 600 долари и дека имал мотив да краде од британската парична помош за Украина, но пред да влезе во политиката тој веќе беше милионер и си купи хеликоптер и билет за вселенски лет, а како градоначалник одби рекордно мито од 22 милиони евра. Медиумите сега го поврзуваат со вила во Италија, што буди сомнеж за злоупотреби, но тоа уште не е расчистено и нема индиции дека таа е купена со украдени британски пари
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, која вели:
Украински градоначалник заработува 600 долари месечно.
За време на војната штотуку купил вила во Италија вредна 4 милиони евра.?!
Велика Британија досега испрати 21.8 милијарди фунти за Украина и вети по 3 милијарди фунти годишно „онолку долго колку што е потребно“ (зборови на самиот Стармер). Сето тоа без вистинска дебата во парламентот, додека на нас граѓаните ни се повторува дека поради војната во Украина се нема пари и мора да затегнат каиши… Мизерија!
Објавата е пропагандистичка (проруска) и ја манипулира јавноста со невистини, полувистини и намерни премолчувања. Таа сугерира (иако тоа не го вели директно) дека Британците мораат да гладуваат за да им се испрати парична помош на Украинците, а тие ја проневеруваат.
Како пример за тоа, објавата наведува афера на некој градоначалник, кого не го именува, туку само го прикажува на фотографија, најверојатно за да не можеме лесно да „прогугламе“ за него и да провериме дали е тоа точно. Но, со визуелно „гуглање“ на таа слика, ние го идентификувавме како градоначалникот на Днипро, Борис Филатов. Навистина, украинските медиуми го поврзуваат со некаква вила во Италија, што буди сомнеж за злоупотреби, но објавата премолчува битни факти.
Објавата го премолчува фактот дека Филатов стана милионер уште во 2005 г., т.е. тој си беше моќен бизнисмен уште пред влезе во политиката, што се случи во март 2014 г., кога тој накусо стана обласен заменик-претседател, а потоа накусо и собраниски пратеник, по што при крајот на 2015 г. стана градоначалник, функција на која беше реизбран и на која е до ден денес. До тој влез на Филатов во политиката, тој или неговата сопруга веќе поседуваа:
- Недвижнини на најпрестижни локации низ Днипро како трговскиот центар „Пасаж“, кај што тој беше сосопственик;
- Хеликоптер Eurocopter AS350B2 (произведен во 2007 г.);
- Скапи автомобили: Mercedes S600 (2012), Mercedes 200 (1969), Jaguar XJS Convert (1989), Porsche Panamera (2012), Porsche Cayenne (2008) и Porsche Carrera 911 (2007);
- Скапи мотоцикли и моторни чамци;
- Колекција на јапонска уметност;
- Билет од 175.000 долари за вселенскиот лет Virgin Galactic (всушност, суборбитален), што Филатов го купи во 2009 г., заради што посетуваше астронаутски тренинзи во САД.
За тоа сме сигурни дека тој го поседувал со сопругата пред влегувањето во политиката во март 2014 г., а зависно од изворот, пред тоа или набргу потоа тој набавил и автомобил DeLorean DMC-12 (1981) како од филмот „Back to the Future“, дрвена лаѓа во старински стил со едра, под назив „Русич“ и скапоцени часовници: Breguet, Cartier, Officine Panerai, Audemars Piguet и Atmos.
Но, по сето тоа, објавата нè убедува дека Филатов живеел на плата од 600 долари и дека имал мотив да краде британски донации, т.е. дека бил очаен за пари. Иронично, Филатов одбил рекордно мито од дури 22 милиони евра, кои во 2022 г. му ги понудил Максим Микитас, со цел неговата фирма да го гради метрото во Днипро без тендер, што Филатов дури го пријавил кај властите, по што Микитас бил уапсен, па зарем Филатов е човек, кој е очаен или стрвен за пари?
Се разбира, во Украина има политичари и бизнисмени, кои нечесно се богатат, па можеби така се збогатил и Филатов, но нема логика тој сега да краде британски донации, а објавата за тоа не нуди ни доказ. Сепак, таа успеала да ги изманипулира читателите, па еден од нив прокоментирал:
Сите плаќаме за Зеленски and company да живеат како мали богови.
Филатов не станал богат од некакви пари од Британија, а уште помалку од парите на Македонците, кои, за жал, се воглавно сиромашни. Но, зарем вилата, со која тој сега е поврзуван, не е доказ дека тој правел злоупотреби? Ние и тоа ќе го објасниме.
Објавата дезинформира дека вилата е „штотуку купена“, но тоа било сторено во 2018 г., само што тоа дури неодамна беше откриено од украинскиот медиум „Громко“, кој се бави со истражување на корупција. Тој нарачал електронски имотен лист од италијанскиот катастар и тој покажува дека сопственик на вилата е Катерина Филатова, а нејзиното име, презиме, место на живеење (Днипро), дата и земја на раѓање (4.7.1994 г., Украина), кои се наведени на тој имотен лист, се совпаѓаат со личните податоци на ќерката на Борис Филатов, кои можат да се најдат на интернет.
Позната пракса е политичари да регистрираат имот на име на роднини, со цел да ги затскријат своите махинации и да избегнат некои обврски, па можеби тоа го сторил и Филатов, но тоа сè уште не е докажано, а во Украина е воведен механизам за казнување на таа пракса, кој може да се примени ако тоа се докаже. Значи, тука има сомнежи за махинации, но тоа не е дефинитивно докажано, а камоли судски пресудено, но објавата веќе си донела своја пресуда.
„Громко“ нагласиле дека и покрај тие совпаѓања во личните податоци, не е сигурно дека лицето од имотниот лист е ќерка му на Филатов. Иако е мала веројатноста две лица со исто име и презиме да се родат на ист датум и да живеат во ист град, такви случаи има.
Но, мала е и веројатноста и обете лица да поседуваат толку големи пари, со кои би можеле да купат вила во Италија, па поверојатно е тоа да го сторила ќерката на Филатов. Но, дури и таа да е лицето од тој имотен лист, тоа само по себе не докажува дека тоа се украдени британски пари.
Прес-службата на градоначалникот тврди дека сето тоа со вилата е само ИПСО (Информационо-психолошка операција) на Русија за оцрнување на Украина, а дали тоа држи или е бегање од одговорност, ние не знаеме. Русија е озлогласена по дезинформациите, па и тоа е можно.
На крајот на краиштата, Филатова е ќерка на бизнисмен, кој е одамна богат, па, теоретски, можеби тој ѝ подарил пари пред да влезе во политиката, што тогаш не морал да го декларира или можеби ја научил да работи со акции и таа го купила тој имот со свои пари.
Кога тој влегол во политиката во март 2014 г., тој веќе морал да ги декларира и своите пари и оние на потесното семејство, што тој го сторил, но можеби ќерка му тогаш веќе живеела одвоено од него, па тој не морал да ги декларира и нејзините пари. Таа станала полнолетна во 2012 г.
Тешко е една толку млада личност веќе да се има здобиено со толку многу пари, дури и да е ќерка на богат човек, но тоа е теоретски можно и легално. Во моментот на купувањето на вилата во 2018 г., ќерката веќе имала 24 години.
Објавата вели дека вилата е „штотуку купена“ за да создаде лажен впечаток дека е купена среде актуелнава и сеопфатна руска агресија врз Украина, кога мета на бомбардирања е дури и самиот град на Филатов, што прави тој да делува како морален монструм.
И во 2018 г. било неумесно да се купува вила, затоа што во Украина тогаш веќе се водеше Донбаската војна, но таа беше од помал размер и барем градот на Филатовци не беше засегнат, што е некаква олеснителна околност за нив, макар и да е слаба (ако тие ја купиле вилата).
И, Украина тогаш не добиваше толку големи британски пари, од кои Филатов би можел незабележано да украде неколку милиони, а и тешко можел да има толку слободен пристап до нив. Тој тогаш беше и сè уште е најобичен градоначалник, а не некаков апсолутен владетел. Британската помош за Украина драстично се зголеми дури по сеопфатната агресија во 2022 г.
Кога таа вила била купена, Кир Стармер не беше премиер на Британија, па не е јасно зошто објавата го става во таа приказна (во смисла дека тој настојува на Украина да ѝ се дава парична помош, со која нејзините политичари си купуваат вили). Стармер не можел да придонесе за таа вила, барем не многу, затоа што во 2018 г. беше само пратеник, што стана во 2015 г.
За да не ситничариме многу, може да се рече дека платата на Филатов од 600 долари наведена во објавата е блиска до реалноста, но сумата за купување на вилата од 4 милиони евра е дискутабилна. Според „Громко“, тој имот во Италија не опфаќа само вила, туку и помошни објекти и земјиште, а сето тоа било купено за 8,43 милиони евра и била платена и провизија за посредник од околу 500 илјади евра.
Од каде објавата дошла до сумата од 4 милиони – не е јасно, а таа не нуди никакви извори, камоли кредибилни и релевантни. Таа информација во објавата е просто некритички преземена од некој сомнителен профил по социјалните мрежи (можеби овој тука) и тоа не е прописно истражено.
И руските политичари поседуваат огромни имоти, вклучително и на „трулиот Запад“, кого тие лицемерно го плукаат, а прашање е како сето тоа го спечалиле, но објавата за тоа не бара одговори, како што не ги бара ни за дворците кои му се припишуваат на Владимир Путин (види: тука и тука). Целта на објавата не е борбата против корупцијата, туку оцрнувањето на Украина.
Интересно, вилата со која се поврзува Филатов се наоѓа на северот на Италија крај езерото Комо, а своја вила таму има рускиот пропагандист Владимир Соловјов, кој сега го плука „трулиот Запад“, а до не така одамна одмораше во таа вила, додека не му ја „замрзнаа“ заради санкциите.
На крај го заклучуваме следново. Некаква вила навистина се поврзува со Филатов и тоа не е сосема неосновано, што на објавата ѝ дава доза на вистина, но поголемиот дел од неа се состои од манипулации и невистини, па ја оценуваме како делумно невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар