Нема докази дека Иран дал 24-часовен ултиматум за евакуација на Тел Авив
Tврдењето за „24‑часовен ултиматум“ упатено на Тел Авив од Корпусот на Иранската револуционерна гарда не е поддржано со проверливи факти или објавено од реномирани проверувачи на факти и мејнстрим медиуми.
Tврдењето за „24‑часовен ултиматум“ упатено на Тел Авив од Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) не е поддржано со проверливи факти или објавено од реномирани проверувачи на факти и мејнстрим медиуми
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
ВАЖНО ИЗВЕСТУВАЊЕ
За првпат од почетокот на конфликтот со Израел, командантот на иранската армија дава рок од 24 часа на сите жители на Тел Авив веднаш да го напуштат градот пред да биде предоцна.
„Се подготвуваме да започнеме вонреден напад врз Тел Авив. По следните 24 часа, Тел Авив ќе биде небезбедна и населива зона. Ќе го извршиме последниот удар на иранскиот гнев. Ова не е закана, туку реалност, а деновите ќе го докажат тоа. „рекоа пред Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Оваа објава е дезинформација и дел од психолошка војна (пропаганда). Нема никаква официјална потврда за ваков ултиматум упатен од страна на Корпусот на Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ).
Доколку Иран навистина упати ваков директен 24-часовен ултиматум за евакуација на милионски град како Тел Авив, тоа би била најголемата светска вест во сите глобални медиуми (Reuters, AP, BBC, CNN). Но, ниту еден релевантен медиум нема објавено такво нешто.
Текстот користи драматични фрази („конечен гнев на Иран“, „не е закана, туку реалност“) кои се типични за пропагандни објави на социјалните мрежи, а не за официјални воени или дипломатски соопштенија.
Израелските служби (како Home Front Command, сектор за цивилна заштита) не издале никакво предупредување до граѓаните за ваква специфична закана, што секако би го направиле доколку постоеше реално и потврдено предупредување.
Во минатото имало случаи во кои израелски државни медиуми цитирале ирански воени соопштенија за употреба на ракети и повикување на население да се евакуира од одредени краеви или воени цели, но тоа било во контекст на активни боеви операции со ракети или воздушни напади, а не формален ултиматум „за цел град да биде испразнет пред напад“.
Ја пребаравме објавата на англиски јазик и дојдовме до тоа дека истата потекнува од профил на социјалната мрежа Икс @VOBMUSLIMs (Voice of Bangladeshi Muslims). Според неговите неодамнешни објави, корисникот често споделува содржини поврзани со исламот, актуелни настани на Блискиот Исток (како Тел Авив) и прашања поврзани со муслиманската заедница во Бангладеш. Корисникот често ги поттикнува своите следбеници да коментираат за да го подобрат неговиот досег според алгоритмот на платформата. Профилот често објавува содржини со силна политичка и верска пристрасност.
Во светските вести за конфликтот со Иран и Израел се опишуваат реални ракетни напади, ескалации и силни реторички закани, но не постои потврда за официјален ултиматум со рок до цивили да го напуштат Тел Авив пред „последниот напад“. Се забележува дека Иран, на пример, користел силна реторика како „отворени врати на пеколот“ во воен контекст, но тоа е општ заканувачки тон, а не конкретна порака со рокови и инструкции за цивили.
Од сето ова можеме да заклучиме дека тврдењето за „24‑часовен ултиматум“ упатено на Тел Авив од ИРГЦ не е поддржано со проверливи факти или објавено од реномирани проверувачи на факти и мејнстрим медиуми. Па, со оглед на тоа што за ваквото тврдење не може да се најде ниту еден авторитетен доказ, сметаме дека станува збор за дезинформација.
Поради тоа, објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар