Нема докази дека ковид-пандемијата била лажна или дека вакцините убиле 17 милиони луѓе
Тврдењето во објавата дека ковид-пандемијата била лажна не е поткрепено со веродостојни научни докази. Особено деловите дека „немало пандемија“ и дека вакцините „убиле над 17 милиони луѓе“ се повеќепати проверени и оценети како неточни или без доволна научна основа.
Тврдењето во објавата дека ковид-пандемијата била лажна не е поткрепено со веродостојни научни докази. Особено деловите дека „немало пандемија“ и дека вакцините „убиле над 17 милиони луѓе“ се повеќепати проверени и оценети како неточни или без доволна научна основа
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Поранешниот потпретседател на Фајзер, д-р Мајк Једон:
„Немаше пандемија. Лажеа за да можат да инјектираат на 5,5 милијарди луѓе со намерно опасна супстанца која уби над 17 милиони луѓе“.
Објавата тврди дека немало пандемија и тоа го темели на став што го изнесува поранешниот главен научник и потпретседател на одделот за алергии и респираторни истражувања на фармацевтската компанија „Фајзер“, Мајкл Јидон.
Важно е да се напомене дека Јидон е британски антиваксерски активист и пензиониран фармаколог кој го привлече вниманието на медиумите во 2020 и 2021 година поради давање лажни или неосновани тврдења за пандемијата на ковид-19 и безбедноста на вакцините против ковид. „Тајмс“ го опиша како „херој на теоретичарите на заговор за ковид“ и „клучна фигура во движењето против вакцинација“. До 2011 година, тој беше главен научник и потпретседател на одделот за алергии и респираторни истражувања на фармацевтската компанија „Фајзер“, а е и коосновач и поранешен извршен директор на биотехнолошката компанија „Зиарко“.
Објавата тврди дека пандемијата на ковид-19 била лажна. Теоретичарите на заговор кои тврдат дека пандемијата била лажна постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе геноцид врз човештвото. Токму и објавата која ја анализираме ја шири оваа теорија на заговор.
Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија.
Според Светската здравствена организација (СЗО) во С. Македонија, од 3 јануари 2020 година до 2 март 2025 година, до СЗО биле пријавени 352.093 потврдени случаи на ковид-19.
На глобално ниво, до 26 октомври 2025 година во СЗО се пријавени 778.900.250 потврдени случаи на ковид-19.
Сите овие бројки не се само статистика, туку вистински луѓе. Неможно е да се манипулира со толкав број на заразени доколку ковид-19 не постоеше.
Што се однесува до тврдењето во објавата дека вакцините убиле 17 милиони луѓе, истото не е поткрепено со научни докази. Бројката потекнува од извештај кој не е објавен во кредибилно научно списание и кој е критикуван затоа што погрешно ги припишува сите случаи на вишок смртност по почетокот на вакцинацијата на самите вакцини, без да го земе предвид влијанието на ковид-19 и други фактори.
Повеќе научни анализи проценуваат дека вакцините спасиле милиони животи, особено кај постарите лица и оние со висок ризик, иако како и секој медицински производ имаат ретки, но реални несакани ефекти.
Вакцините против ковид не се поврзани со смртни случаи, откри една обемна американска студија. Истражувачите ги разгледаа „несаканите настани“ од речиси 300 милиони дози вакцини дадени во САД меѓу декември 2020 година и јуни 2021 година.
Резултатите од студијата се објавени во медицинското списание Лансет:
Од податоците на ВАЕРС, ЦДЦ прими повеќе од 340.000 извештаи за несакани настани по вакцинацијата, при што 92 отсто се регистрирани како благи. Најчести несакани ефекти биле главоболки, замор и треска. Од повеќе од 22.000 настани евидентирани како сериозни, најчест е отежнато дишење.
ЦДЦ уште во октомври 2021 година информираше дека нема зголемена опасност за смртност по примена вакцина против коронавирусот:
Нема зголемен ризик за смртност кај примателите на вакцини против ковид-19. Ова откритие го зајакнува безбедносниот профил на моментално одобрените вакцини против ковид -19 во САД. Сите лица на возраст над 12 години треба да примат вакцина против ковид-19.
Тврдењето во објавата не е поткрепено со веродостојни научни докази. Особено деловите дека „немало пандемија“ и дека вакцините „убиле над 17 милиони луѓе“ се повеќепати проверени и оценети како неточни или без доволна научна основа.
Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар