Нема докази дека кутиите со пица во видеото на Ендру Тејт довеле до негово апсење

Фото: Принтскрин видео

Нема јавно достапни докази дека кутиите со пица во видеото објавено од Ендрју Тејт ѝ ја откриле неговата локација на романската полиција. Романските власти го негираа таквото тврдење и рекоа дека браќата се под кривична истрага од април 2022 година, што е поткрепено со претходни јавни изјави на романската Дирекција за истражување на организиран криминал и тероризам (ДИИЦОТ) и со извештаи во медиумите

Нема јавно достапни докази дека кутиите со пица во видеото објавено од Ендрју Тејт ѝ ја откриле неговата локација на романската полиција. Романските власти го негираа таквото тврдење и рекоа дека браќата се под кривична истрага од април 2022 година, што е поткрепено со претходни јавни изјави на романската Дирекција за истражување на организиран криминал и тероризам (ДИИЦОТ) и со извештаи во медиумите

 

 

Рецензираме пост на Фејсбук кој тврди дека кутиите за пица во видеото објавено од поранешниот кикбоксер Ендрју Тејт довеле до апсење на Тејт и неговиот брат. Сепак, нема јавно достапни докази дека тоа е така. Романските власти го негираат ваквото тврдење.

Постот споделува напис со наслов: Полицијата го лоцирала Ендру Тејт благодарение на кутијата од пица, Грета Тунберг жестоко го исмеа: „Тоа се случува кога не рециклираш“

Откако Ендру Тејт заедно со својот брат беше уапсен поради истрага за трговија со луѓе во Романија, на Твитер се појави информација за детаљ од видеото на кое ја исмеваше активистката Грета Тунберг. Детаљот на кутијата од пица на видеото на Ендру им овозможил на романските власти да потврдат дека бил во земјата и на тој начин да го уапсат поради истрага за трговија со луѓе, се вели во написот.

За што всушност станува збор?

Ендрју Тејт, поранешен професионален кик-боксер и неговиот брат Тристан беа приведени заедно со уште двајца Романци во Букурешт на 29 декември под сомнение за трговија со луѓе, силување и формирање организирана криминална група.

Ендру Тејт претходно на Твитер имаше жестока полемика со активистката за климатските промени Грета Тунберг. Тејт, кој постојано го привлекува вниманието со мизогински изјави, се пофали со бројот на своите автомобили и на Тунберг ѝ напиша:

Те молам дај ми ја твојата имејл адреса за да можам да ти испратам целосен список на мојата колекција на автомобили и огромните емисии (на издувни гасови, н.з.).

Предводничката на глобалното движење за заштита на климата „Петоци за иднината“ реагираше со  зборовите:

Да, те молам просветли ме, пиши ми на [email protected].

На 28 декември, Тејт одговори со видео на Твитер во кое бара од лице, кое не може да се види на снимката, да му донесе пица и да се увери дека кутиите „не се рециклираат“.

Приближно во половина од остатокот од клипот, брендот и адресата на веб-страницата за романски пица ресторан отпечатена на кутиите можеа да се видат во кадарот.

Токму ова видео ги поттикна шпекулациите дека кутијата со пица ја открила локацијата на Тејт поради што и романските власти го уапсиле, а тоа се посочува и во  написот што го анализираме.

По твитот добил неочекуван одговор од младата активистка кој го натерал да објави 2-минутно видео во кое ја навредува, но не ни претпоставувал дека картонот од пицата која ја нарачал ќе го „издаде“ и на тој начин ќе го овозможи неговото апсење, стои во написот споделен во постот што го рецензираме.

Сепак, нема докази дека апсењето на Тејт е спроведено како резултат на кутиите за пица. Романските власти негираат дека е така и рекоа дека браќата биле под кривична истрага од април 2022 година, објави Ројтерс.

Јавните изјави од Дирекцијата за истражување на организиран криминал и тероризам во Букурешт (DIICOT) и медиумските извештаи кои датираат од април говорат за постоењето истрага и укажуваат дека романските власти ги лоцирале имотите на браќата Тејт пред да се појави видеото со кутии за пица.

На 11 април, романскиот весник „Гандул“ објави дека полицијата извршила претрес во вила идентификувана како сопственост на браќата. Извештајот вклучува снимки од вооружени полицајци кои опкружуваат автомобили паркирани во близина на ѕид со неонски светла на кои пишува „Тејт“.

Во соопштението за печатот од 12 април, Канцеларијата за информации и односи со јавноста при DIICOT изјави дека во врска со „криминална истрага во однос на извршување на кривични дела трговија со луѓе и силување“, извршени се претреси на куќи во две згради во округот Илфов.

Во соопштението за печатот за апсењето на браќата Тејт на 29 декември, DIICOT вклучи снимка од рацијата на она што се чини дека е истиот имот прикажан во видеото на „Гандул“ од април (видете го неонскиот знак околу 1:22 минута).

Дејли Бист и романскиот медиум Диги24, исто така, објавија за претресите на куќите во април.

Во  врска со тврдењата дека кутијата со пица била причина за апсењето на Тејт, портпаролката на јавното обвинителство на DIICOT изјави:

Ова се забавни шпекулации.

Според неа, не е точно дека кутијата имала улога во апсењето, пренесе Дојче веле.

Така, што, нема јавно достапни докази дека кутиите со пица во видеото објавено од Ендрју Тејт ѝ ја откриле неговата локација на романската полиција. Романските власти го негираа таквото тврдење и рекоа дека браќата се под кривична истрага од април 2022 година, што е поткрепено со претходни јавни изјави на романската Дирекција за истражување на организиран криминал и тероризам (ДИИЦОТ) и со извештаи во медиумите.

Според ова, можеме да заклучиме дека постот што го рецензираме е невистинит.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција