Нема докази дека Лаховски лекувал рак со фреквенции или дека бил „замолчен“ поради своите откритија
Точно е дека Жорж Лаховски развил уред базиран на електромагнетни фреквенции. Но, не постојат релевантни научни докази дека неговиот уред лекувал рак кај луѓе, ниту пак постојат докази дека бил убиен или замолчен поради своите истражувања. Објавата комбинира вистинити историски факти со непотврдени медицински тврдења и елементи на теорија на заговор
Точно е дека Жорж Лаховски развил уред базиран на електромагнетни фреквенции. Но, не постојат релевантни научни докази дека неговиот уред лекувал рак кај луѓе, ниту пак постојат докази дека бил убиен или замолчен поради своите истражувања. Објавата комбинира вистинити историски факти со непотврдени медицински тврдења и елементи на теорија на заговор
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Лечење со фрекфенции
Жорж Лаховски бил руско-француски инженер кој конструирал направа наречена Мулти-бранов осцилатор во 1928 година. Неговата теорија била едноставна: секоја клетка во човечкото тело е минијатурно осцилирачко коло. Кога клетките вибрираат на својата природна фреквенција, тие се здрави Кога таа фреквенција е нарушена од токсини, зрачење или болест, клетките заболуваат .
Неговиот уред емитувл широк спектар на фреквенции истовремено, овозможувајќи секоја ќелија да најде и да се’ приклучи на сопствената . Резултатите биле документирани во болниците низ Европа.
Болните од терминален рак се опоравувале . Туморите се’ намалувале до исчезнување. Хронични состојби кои се’ спротивставиле на секој конвенционален третман се’ подобрувале . Документацијата била објавена во рецензирани француски медицински списанија. Зачувани се’ фотографии од пред и после третманите со уредот.
Лаховски лекувал пациенти во повеќе болници во Париз. Тој ги лекувал и растенијата во болницата .
Лаховски , вакцинирал гераниуми со бактерии кои предизвикуваат рак, потоа дел од растенијата ги обработувале со осцилаторот.
Нетретираните растенија се’ сушеле и изумирале. Третираните растенија не само што преживеале, тие растеле поголеми и поздрави од обичните сродни германиуми.
Во 1942 година Лаховски се преселил во Њујорк. Почнал да лекува пациенти во голема болница со извонредни резултати. За неколку месеци го удрил автомобил и убил. Неговите уреди биле одземени. Неговото истражување исчезна од американската медицинска литература .
Истиот шема. Научник докажува дека фреквенцијата може да исцелува. Резултатите се’ документирани. Научникот наеднаш страда во хаварија . Технологијата исчезнува. Фармацевтската индустрија продолжува со продажба на лекарства од нафтени деривати кои ги прикриваат симптомите додека болеста не набере доволно сила да го убие домаќинот .
Рајф , Тесла, Пуанкаре , Рајх , Лаховски,… Списокот на научници кои ја откриле вистината или барем дел од неа и биле замолчени не е краток. Но вистината не може да биде убиена и закопана .
Жорж Лаховски (1869–1942) бил руско-француски инженер и пронаоѓач, познат по развојот на уредот „Multiple Wave Oscillator“. Според енциклопедискиот преглед на неговата биографија, неговите идеи биле контроверзни уште во негово време, а уредот бил промовиран како средство за третман на рак и други заболувања, но никогаш не бил прифатен како стандардна медицинска терапија.
Во објавата се тврди дека терминално болни пациенти оздравувале и дека туморите исчезнувале по третман со фреквенции. Меѓутоа, не се пронајдени современи клинички студии или медицински препораки од релевантни онколошки институции кои го потврдуваат ова тврдење. Националниот институт за рак на САД (NCI) наведува дека алтернативните терапии мора да бидат оценети преку научни и клинички испитувања пред да се сметаат за ефикасни, а за повеќето алтернативни третмани сè уште нема доволно докази за нивната ефикасност.
NCI дополнително објаснува дека поединечни случаи, анегдотски сведоштва и извештаи за наводни излекувања не претставуваат силен научен доказ. Во нивниот систем за проценка на докази се наведува дека таквите извештаи се сметаат за слаба форма на доказ, бидејќи резултатите честопати не можат да се репродуцираат кај други пациенти.
Точно е дека Лаховски спроведувал експерименти врз растенија и врз основа на нив ги развивал своите теории за електромагнетни вибрации. Сепак, успешен експеримент кај растенија не претставува доказ дека истиот принцип функционира кај луѓе или дека може да лекува рак. Современата онкологија се темели на клинички испитувања со пациенти, а не на резултати добиени од растителни модели.
Во објавата се сугерира дека Лаховски бил замолчен или ликвидиран. Достапните биографски податоци покажуваат дека тој починал во Њујорк во 1942 година по сообраќајна несреќа. Не се пронајдени веродостојни историски извори или академски трудови кои потврдуваат дека неговата смрт била резултат на заговор или организирана акција за прикривање на неговата работа.
Денешната медицина навистина користи електромагнетна енергија и различни форми на зрачење, како радиотерапија и други технологии, но нивната примена е поддржана со долгогодишни клинички испитувања. Националниот институт за рак нагласува дека алтернативните третмани не треба да се користат како замена за докажани терапии без научни докази за нивната безбедност и ефикасност.
Значи, точно е дека Жорж Лаховски развил уред базиран на електромагнетни фреквенции. Но, не постојат релевантни научни докази дека неговиот уред лекувал рак кај луѓе, ниту пак, постојат докази дека бил убиен или замолчен поради своите истражувања.Објавата комбинира вистинити историски факти со непотврдени медицински тврдења и елементи на теорија на заговор.
Поради тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како делумно неточна.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар