Нема докази дека млеко од кобила е лек против канцер

Фото: pixabay.com

Иако млекото од кобила има здравствени придобивки и претставува нутритивен дел од исхраната, сепак не може да се каже, односно нема докази дека ова млеко намалува канцерогени клетки за еден милиметар неделно, како што се тврди во постот што го рецензираме. Особено е важно пациентите со канцер да донесуваат информирани одлуки за тоа како ќе се борат против оваа болест, без притоа да бидат манипулирани со непроверени методи и алтернативни патишта кои може за нив да бидат фатални

Иако млекото од кобила има здравствени придобивки и претставува нутритивен дел од исхраната, сепак, не може да се каже, односно нема докази дека ова млеко намалува канцерогени клетки за еден милиметар неделно, како што се тврди во постот што го рецензираме. Особено е важно пациентите со канцер да донесуваат информирани одлуки за тоа како ќе се борат против оваа болест, без притоа да бидат манипулирани со непроверени методи и алтернативни патишта кои може за нив да бидат фатални

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели дека е презентиран лек против канцер, според кој пациентот што има канцер треба да пие млеко од кобила. Притоа, се тврди дека подобро од хемотерапија е да се намали карциномот со проверениот лек од кобилско млеко. Исто така, се тврди дека ако лице кое има карцином пие 250 милилитри ладно млеко од кобила секое утро, тогаш карциномот, доколку веќе не е метастазиран, седмично се намалува за еден милиметар.

Ова е проверено од лично искуство. Млекото може да го набавите на разни фармацевтски страници. Се добива во тетрапак од по 25 милилитри, се додава во постот што го рецензираме.

Меѓутоа, ова претставува дезинформација. Како што „Вистиномер“ претходно има пишувано, храната и пијалоците не се лек против канцер, иако се препорачува здрава и балансирана исрхана за сите луѓе, а со цел превенција и зачувување на општото здравје. Меѓутоа, балансираната исхрана, ниту пак, кој било специфичен прехранбен производ, не гарантира дека канцерот ќе се повлече како што тоа недокажано се тврди во овој пост.

На социјалните мрежи, во последно време станува мода да се споделуваат разни лекови и природни диети, посебни прехранбени продукти кои наводно ќе го победат канцерот. Таков беше случајот кога лажно се тврдеше, дека жена го победила ракот само со конзумирање моркови, што е комплетно медицински недокажано, непотврдено, непрепорачливо и опасно. Сличен е случајот и со постот што го рецензираме, зашто со него се промовира алтернативен начин на наводно лекување на канцерот, кој не е докажан од никого, а не се знае ниту чие лично искуство е споделено. Да се тврди дека млеко од кобила го намалува канцерот за еден милиметар неделно, е недокажано и не претставува медицински метод. Со ваквите алтернативни начини на наводно лекување на ракот се доведуваат во опасност животите на болните од канцер, бидејќи се ризикува тие да се излажат и наместо хемотерапијата, да прибегнат кон алтернативните и немедицински методи.

Во светот има луѓе кои лажно тврдеа дека се излекувале од канцер само со исхрана. Најеклатантниот пример за ваквата лажна приказна е онаа на австралијанката Бел Гибсон, која се збогати на начин што отвори блог за да им кажува на луѓето како туморот на мозокот го излекувала само со органска храна. Гибсон се наполни со пари, креирајќи апликација за здрава исхрана со која таа, наводно, го победила неоперабилниот тумор на мозокот. Потоа се дозна дека никогаш немала тумор, дека никогаш не се излекувала од истиот со здрава храна, а австралиската влада ја осуди на парична казна од 240 илјади долари, затоа што лажно ги терала граѓаните да уплаќаат хуманитарни средства, кои потоа завршувале во нејзиниот џеб.

На следното видео, на кое е прикажано интервју со Бел Гибсон, може да видите дека новинарката успева да ја разобличи нејзината лажна приказна, којашто, освен профит, донесе и тага за голем број пациенти кои навистина имаат канцер – затоа што ја оставаа конвенционалната медицина и хемотерапијата, за да се посветат на „алтернативните методи на Гибсон“ со кои веруваа дека се лекува туморот, а кои се состојат од јадење здрава храна. Катастрофалната и морбидна „маркетинг стратегија“ ја чинеше Гибсон јавна осуда од страна на светската јавност, а пациентите кои навистина имаат канцер завршија разочарани, изиграни од нејзината нечовечна постапка за профит.

Научните докази, кои се достапни, покажуваат дека пациентите со канцер кои одбираат само алтернативни терапии, умираат побрзо отколку тие што користат тестирани третмани. Според онкологот Давид Горски, поверојатно е дека стандардните третмани се одговорни за подобрувањето, заедно во комбинација со среќната околност дека туморите не биле агресивни.

Во полето на медицината, не постојат докази дека каква било храна ќе излекува канцер.

На официјалата веб-страница на Министерството за здравство во областа онкологија, има 21 вид на третман за лекување на различните видови канцер.

Третманот за рак може да се менува според некои различни околности на случајот. Видот на рак, фазата во која се развил, други фактори во телото на пациентот и медицинските средства што се нудат во установата за лекување, можат да придонесат во избраниот начин на лекување кај случаите на рак.

Знаеме дека борбата против ракот може да биде најтешкото нешто со коешто некој може да се соочи. Тоа е 24 часовна работа што може да ги исцрпи мозокот и телото. Во текот на ова тешко патување, за успешни резултати потребно е многу упорност и посветеност. При лекувањето на ракот најефикасни решенија се добиваат со примена на мултидисциплинарниот пристап. Од големо значење при дијагностицирањето и лекувањето на ракот е консултацијата меѓу лекарите од различни области и нивна блиска тимска соработка, пишува на официјалниот веб портал на здравствената установа „Систина“.

Директорот на универзитетската Клиника за радиотерапија и онкологија, доктор Нино Васев, во изјава за  „Вистиномер“  за сличен рецепт (12.03.2021) кажа дека не претставува никаков лек за рак.

Ми е жал кога ќе прочитам вакво нешто. Првпат слушам, би сакал следниот пат некој таканаречен научник да каже дека гледање во снег ќе нè направи бели во лицето. Нема никаква научна потврда дека исхрана лекува рак, ни изјави тогаш доктор Васев.

Универзитетот Јужнозападен Медицински Центар пишува дека не постои диета, супер храна, витамин или пијалак што може да излекува канцер. Канцерот генерално е предизвикан од повеќе години генетичка штета на клетките. Оваа штета може да настане од фактори во средината, како загадување, избори во животниот стил и генетика.

Кога еднаш е дијагностициран канцерот, не постои количина на кељ или витамини што ќе го направи да исчезне. Иако некои витамини минимално го намалуваат вашиот ризик за добивање некои видови канцер, често витамините може да ја зголемат шансата за развој на канцер, се вели на нивната веб-страница.

„Дејли Мејл“ има известувано за тоа дека млеко од кобила, според истражување во Казахстан, може да има антиинфламаторни дејствија и да помогне во превенцијата на канцерот, но ова истражување не се однесува на веќе дијагностициран канцер. И „Њујорк Тајмс“ пишува за превенцијата, а не за лекувањето со млеко од кобила како што се сугерира во постот.

Иако млекото од кобила има здравствени придобивки и претставува нутритивен дел од исхраната, сепак, не може да се каже, односно нема докази дека ова млеко намалува канцерогени клетки, за еден милиметар неделно како што се тврди во постот што го рецензираме. Особено е важно пациентите со канцер да донесуваат информирани одлуки за тоа како ќе се борат против оваа болест, без притоа да бидат манипулирани со непроверени методи и алтернативни патишта кои може за нив да бидат фатални. Оттаму оценуваме дека не е точно дека млеко од кобила е лек против дијагностициран канцер.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција