Нема докази дека Русите ги уништиле тенковите што Македонија ѝ ги донираше на Украина

Фото: https://commons.wikimedia.org/

Нема докази дека руската армија во Херсон ги уништила токму возилата кои биле донирани од Северна Македонија. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, запрашана дали се работи за истите возила, за Вистиномер одговори: „Тешко дека може некој да знае дали биле тие токму нашите. Скоро е невозможно. Таков тип на тенкови немаме само ние, имаат и Украина и други земји од источното крило“

Нема докази дека руската армија во Херсон ги уништила токму возилата кои биле донирани од Северна Македонија. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, запрашана дали се работи за истите возила, за Вистиномер одговори: „Тешко дека може некој да знае дали биле тие токму нашите. Скоро е невозможно. Таков тип на тенкови немаме само ние, имаат и Украина и други земји од источното крило“

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува медиумски напис во кој се вели дека во Херсон, Русите ги уништиле тенковите кои земјава ѝ ги донираше на Украина. Севкупната објава за свој извор има само еден канал на Телеграм, кој го носи името Милитарист. Во текстот се вели дека руската армија во Херсон уништила воени возила БТР-70.

Вечерва во Херсон Русите ги уништија тенковите Кои Македонија ги донираше на Украина, гласи насловот.

Меѓутоа, нема докази дека руската армија во Херсон ги уништила токму возилата кои биле донирани од Северна Македонија. Министерката за одбрана Славјанка Петровска, запрашана дали се работи за истите возила, за Вистиномер одговори:

Тешко дека може некој да знае дали биле тие токму нашите. Скоро е невозможно. Таков тип на тенкови немаме само ние, имаат и Украина и други земји од источното крило.

Настрана фактот што написот креира забуна самиот со себе, што го засилува впечатокот за невистинитост. Додека во насловот се спомнуваат „тенкови“ во текстот се говори за оклопните транспортери БТР 70. И останува нејасно што веста сака да каже – дали биле уништени тековите Т72, какви што С. Македонија испрати во Украина или, пак, станува збор за оклопни транспортери БТР70. Ако станува збор за вотрите, тогаш тоа нема врска со нашата земја затоа што нема информации дека ние имаме испратено вакви оклопни транспртери и тоа особено не дури 50 примероци. Објаснувањето за испраќањето на тенковите од македонска страна беше дека тие не се вклопуваат во борбените потреби на нашата армија (види подолу), но тоа не се однесува и на оклопните транспортери.

Инаку, БТР 70 е оклопен транспортер со осум тркала првично развиен од Советскиот Сојуз во доцните шеесетти години под производната шифра ГАЗ 4905. На 21 август 1972 година, тој беше прифатен во советската служба и малку подоцна станува предмет на широк извоз. Големи количини од ова возило се произведени и под лиценца во Романија, познати како ТАВ 77.

Исто така, невозможно е да се знае каде точно во Украина се дадени македонските донации. Тоа значи дека не може да се каже дека тие биле дадени токму во Херсонската борбена група. Само украинското Министерство за одбрана знае каде ги расподелило овие возила, а тоа не се открива.

На 3 август 2022 година, македонското Министерство за одбрана испрати порака до Москва околу тенковите за Украина кои ги донираше државата. Одлуката македонски тенкови како донација да заминат за Украина наиде на остри реакции од Москва.

Северна Македонија уште од самиот почеток ја осуди воената интервенција на Русија во Украина и застана во поддршка на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, а, пред сè, во поддршка на мирот, човековите права и меѓународниот поредок. Досега Владата на Република Северна Македонија донесе неколку одлуки за воено-техничка помош со кои ѝ се помага на Украина во одбраната на својот територијален интегритет кој е загрозен од воената интервенција, изјавија тогаш од МО, додавајќи дека земјава како членка на НАТО одлучко стои зад позицијата и решителноста на Алијансата да биде гарант на мирот и безбедноста на своите земји членки и да ги штити вредностите, слободата и безбедноста на сегашните и идните генерации.

Министерството за одбрана посочи дека земјава ѝ подарила тенкови на Украина од третата генерација, кои претходно беа купени од Украина за време на конфликтот во 2001 година. Со владина одлука земјава неколку пати донираше воена опрема за Украина во согласност со украинските барања и потреби, а во координација со сојузниците. Исто така, најавено беше дека тенковскиот баталјон во Македонија ќе биде расформиран и дека ќе се набавуваат лесни оклопни возила на тркала согласно договорот со американската влада започнат во 2019 година.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека нема докази дека Русите ги уништиле тенковите што Македонија ѝ ги донираше на Украина. Воопшто не е можно да се знае каде се тие распределени, а изворот на написот е само канал на Телеграм. А, пак, што се однесува до оклопните транспортери БТР-70, нема никакви информации дали такви возила ѝ се доделени на Украина.

 

Напомена: Со цел за дополнително појаснување, во рецензијата се додадени нови информации за да се потенцира разликата меѓу тенковите Т72, кои се спомнуваат во насловот на реценираните содржини и оклопните транспортери БТР70, кои се споменуваат текстот на истата соржина. (Редакција Вистиномер)

 

 



 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција