Нема докази дека СДСМ намерно подметнувал пожари или го труел народот преку водата

Пожар кај Визбегово, јули 2025 Фото: Вистиномер

Факт е дека во Македонија имаше големи пожари во 2025 и сериозен случај на загадување на водата во Гостивар во 2026 година, но не е факт дека СДСМ ги подметнувал пожарите или дека како партија се обидела да го отруе населението преку водата.

Факт е дека во Македонија имаше големи пожари во 2025 и сериозен случај на загадување на водата во Гостивар во 2026 година, но не е факт дека СДСМ ги подметнувал пожарите или дека како партија се обидела да го отруе населението преку водата

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

еС-Де-еС ОКГ предавничка, лани 2025 ги палеше шумите низ Македонија, оваа 2026 покуша да го труе народот преку вода од водоводите.

Тврдењето има реална основа во тоа што во 2025 навистина имаше голем број шумски пожари, а во 2026 навистина се случи сериозен случај со загадување на водата во Гостивар. Но, достапните докази не покажуваат дека СДСМ како партија ги предизвикала пожарите во 2025 или дека намерно ја загадила водата во 2026.

Во летото 2025 г. Македонија навистина беше погодена од серија големи пожари. И тогаш, како што пишуваше Вистиномер, се ширеа разни теории на заговор, како на пример дека државата намерно ги подметнувала за да спроведе некаква светска агенда. Министерството за внатрешни работи (МВР) тогаш објави дека полицијата, „Национални шуми“ и Шумската полиција преземале мерки токму поради опасноста од намерно или ненамерно предизвикување пожари. Во август, на пример, полициски хеликоптери исфрлиле над 100 тони вода врз пожарите во Јасен и кичевскиот регион.

Имаше и истраги за конкретни случаи на предизвикување пожари од човечки фактор. Така на пример, МВР на 18 август информираше дека во периодот од 01.04.2025 до 18.08.2025 година, во врска со пожари на отворен простор, биле приведени вкупно 39 лица, а по преземени мерки поднесени се 25 кривични пријави.

Но, тоа не е исто што и доказ дека зад пожарите стои СДСМ како политичка организација.

Напротив, во текот на 2025 имаше меѓусебни политички обвинувања: ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше опозицијата за саботажа, додека СДСМ ја обвинуваше Владата за неспособност и лошо справување со пожарите, но и тоа не претставува доказ дека СДСМ ги подметнувал пожарите.

Што се однесува до тврдењето во објавата дека СДСМ се обидел годинава да го труе народот преку водата од водоводите, и ова е политичка манипулација. На 17 јули 2026, Агенцијата за храна и ветеринарство забрани употреба на водата од гостиварскиот водовод поради сомнение дека е загадена и небезбедна. Инспекцијата била спроведена по пријави од граѓани, пријава од МВР и известување од Основното јавно обвинителство Гостивар.

Потоа случајот доби и кривично-правна димензија. Обвинителството отвори истрага против три лица од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, меѓу кои в.д. директорката и двајца раководители. Тие се осомничени за тешки дела против животната средина поврзани со загадување на вода за пиење.

Според полициските наоди пренесени во медиумите, се истражува поставувањето на пумпи преку кои отпадни води биле внесувани во водоснабдителниот систем.

Значи, загадувањето не е измислено. Станува збор за реален случај за кој има официјална истрага. Но проблемот е што на него му се дава политичка конотација и притоа, неосновано и без никакви факти и докази се обвинува опозициска политичка партија – СДСМ.

СДСМ во 2025/26 го поддржа Валбон Лимани на локалните избори во Гостивар. Лимани, сепак, беше кандидат за градоначалник на Националната алијанса за интеграција (НАИ), а не кандидат на СДСМ.

Токму оваа политичка врска се користи во објавата за да се обвини СДСМ за случајот. Но, тоа може да биде политички аргумент, а не доказ дека СДСМ наредил или организирал загадување на водата.

За да биде точно ваквото тврдeње, би требало да постои доказ дека партијата или нејзино раководство наредило загадување; организирало или финансирало таква операција; било директно вклучено во поставувањето/користењето на пумпите; или постои официјална истрага која ги поврзува партијата и нејзиното раководство со делото.

Во достапните официјални информации, таков доказ нема.

Факт е дека во Македонија имаше големи пожари во 2025 и сериозен случај на загадување на водата во Гостивар во 2026 година, но не е факт дека СДСМ ги подметнувал пожарите или дека како партија се обидела да го отруе населението преку водата.

Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција