Не е точно дека „бездомници без денар во џеб не се самоубиваат“

Фото: Alexander Krivitskiy on Unsplash

Тврдењето дека „секој ден тројца милионери си го одземаат животот“, иако крајно сомнително, не може сѐ уште да се побие во целост заради недостигот на податоци, но од друга страна, тврдењето дека „бездомници без денар во џеб не се самоубиваат“ е бездруго неточно што се докажува со студиите кои се цитирани овде од кои има и таква која покажува растечки тренд на самоубиства кај оваа популација

 

Тврдењето дека „секој ден тројца милионери си го одземаат животот“, иако крајно сомнително, не може сѐ уште да се побие во целост заради недостигот на податоци, но од друга страна, тврдењето дека „бездомници без денар во џеб не се самоубиваат“ е бездруго неточно што се докажува со студиите кои се цитирани овде од кои има и таква која покажува растечки тренд на самоубиства кај оваа популација

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Секој ден тројца милионери си го одземаат животот. Бездомници без денар во џеб не се самоубиваат.

Не постојат докази дека секој ден по тројца милионери си го одземаат животот, а бездомници не се самоубиваат.

Според Центарот за контрола и превенција на болести на САД, многу фактори може да го зголемат ризикот од самоубиство. Самоубиството е поврзано со други форми на насилство, на пример, луѓето што искусиле насилство, детска злоупотреба, булинг или сексуално насилство имаат повисок ризик за самоубиство. Поврзаноста со семејството и поддршката од заедницата, како и пристапот до здравствена нега може да ги намали суицидалните мисли и однесувања.

Стапките на самоубиства се зголемиле 36 проценти меѓу 2000 и 2022 година. Самоубиствата се одговорни за 49.316 смртни случаи во 2023 година што значи едно самоубиство секои 11 минути, пишува ЦДЦ.

Стапките на самоубиствата варираат според раса/етничка припадност, возраст и други фактори како местото на живеење. Така повисока стапка на самоубиства, според Центарот за контрола и превенција од болести на САД, имаат луѓето што се воени ветерани, луѓе што живеат во рурални средини и работници во одредени индустрии како рударство. Младите луѓе што се идентификуваат како лезбијки, геј или бисексуални имаат повисока преваленца за суицидални мисли и однесувања споредено со хетеросексуалците.

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, Центарот за контрола и превенција од болести на САД наведува дека сиромаштијата односно недостигот на услови претставува ризик фактор.

Самоубиството е афектирано од негативни услови. Овие услови некогаш наречени „социјални детерминанти на здравјето“ може да вклучат расизам и дискриминација, економски потешкотии како висока стапка на невработеност, сиромаштија, ограничено домување, недостиг на можности за образование и бариери за физичко и ментално здравствено лекување. Други фактори што може да го зголемат ризикот се проблеми во врските или недостиг на конекции со други луѓе, насилство, булинг или сериозна здравствена состојба, пишува на сајтот на ЦДЦ.

Според Светската здравствена организација повеќе од 720 илјади луѓе годишно умираат како последица на самоубиство. Тоа е третата водечка причина за смрт меѓу 15-29 годишни. Самоубиството не се случува само во земјите со високи приходи, туку е глобален феномен во сите региони во светот. Всушност 73 проценти од глобалните самоубиства се случуваат во земји со ниски и средни приходи. Причините за самоубиствата се повеќеслојни, под влијание на социјални, културни, биолошки, психолошки и фактори на животната средина присутни во текот на целиот живот, наведува СЗО.

Светската здравствена организација додава дека линкот меѓу самоубиството и менталните болести (депресија и болести на зависност) е воспоставено во земјите со висок приход.

Сепак, многу самоубиства се случуваат импулсивно, во моменти на криза и неможност за справување со животните стресови како финансиски проблеми, проблеми во врските со луѓето или хронична болка и болест. Дополнително, искусувањето на конфликт, катастрофа, насилство, злоупотреба и загуба или изолација, се силно поврзани со суицидално однесување. Стапките на самоубиство се високи меѓу ранливи групи кои доживуваат дискриминација како мигранти, затвореници, ЛГБТ лица, пишува СЗО.

Така што, тврдењето дека „секој ден по тројца милионери вршат самоубиство“ не е поддржана со кредибилни статистики и докази. Иако проблемите со менталното здравје може да влијае на индивидуи низ сите социоекономски категории, вклучително и милионери, специфични тврдења како ова честопати не се засновани на докази и претставуваат мисинформации.

Во врска пак, со тврдењето дека „бездомници без денар во џеб не се самоубиваат“, постојат докази односно студии кои го потврдуват спротивното. Така, оваа студија која траела 9 години покажа дека од 1192 бездомници, кои биле следени во вој период, 156 починале од кои 9 биле поради самоубиство (5,8 проценти од починатите). Сите лица биле од машки пол а средната возраст е 34 години. Само 1 од 9-те документирани смртни случаи меѓу бездомници како последица на самоубиство, бил со историја на злоупотреба на наркотични средства. Психијатриски коморбидитет бил регистриран кај 4 од 9-те лица.

Друга студија која е документирана овде, покажа дека самоубиството е голем јавноздравствен проблем кај бездомните млади луѓе во јужна Етиопија и таа студија пронашла врска меѓу суицидалното однесување и стресни настани, како бездомништво што траело 1 или 2 години и стигма.

Нашата студија покажа дека оние што спроведуваат политики и кои планираат програми, треба да развијат стратегија за превенција, детекција и менаџирање на самоубиственото однесување меѓу младите кои се без дом на улица, ранлива и премалку изучувана популација, пишува како заклучок од студијата.

Некои од организациите кои се занимаваат со ментално здравје, алармираат дека самоубиствата што се случуваат меѓу бездомната популација се растечки проблем, но и дека студиите покажале дека има 5.3–10 пати повисока стапка на суицидално однесување меѓу нив отколку кај генералната популација.

Моменталните достапни податоци и интервенции за адресирање на овој проблем се ограничени. Потребно е истражување за да се прегледаат достапните интервенции, особено за адресирање на самоубиственото однесување меѓу лицата што се без дом, пишува во официјалната публикација на Индиската психијатриска организација.

Иако има известувања во медиумите за високопрофилни самоубиства меѓу богати индивидуи поради што оваа тема станува јавна, сепак ограничена е достапноста до разбирлива статистика која специфично го поврзува статусот на милионер со стапката на самоубиства. Истражувањата на оваа тема не се екстензивни и наодите многу се разликуваат едни од други. Токму тоа што во медиумите се објавуваат случаи на самоубиства меѓу богати лица, може да создаде перцепција дека самоубиствата се почести меѓу милионерите, но таа перцепција не ја изразува целосната слика. Не постои дефинитивен доказ дека милионерите се посклони да извршат самоубиство отколку лицата во други социоекономски сталежи.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Тврдењето дека „секој ден тројца милионери си го одземаат животот“, иако крајно сомнително, не може се уште да се побие во целост заради недостигот на податоци, но од друга страна, тврдењето дека „бездомници без денар во џеб не се самоубиваат“ е бездруго неточно што се докажува со студиите кои се цитирани овде од кои има и таква која покажува растечки тренд на самоубиства кај оваа популација.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција