Нема докази дека Света Софија во Истанбул е „македонска црква“ изградена во „Македонско Царство“
Не постојат релевантни историски извори што потврдуваат дека Света Софија била изградена како „македонска црква“, дека постоела „Македонска царска патријаршија“ со седиште во неа или дека фотографијата од оловниот печат претставува доказ за такво тврдење.
Историските извори едногласно покажуваат дека Света Софија е изградена меѓу 532 и 537 година, по наредба на царот Јустинијан I, како главна катедрала на Цариградската (Вселенската) патријаршија во рамките на Источното Римско Царство. Не постојат релевантни историски извори што потврдуваат дека Света Софија била изградена како „македонска црква“, дека постоела „Македонска царска патријаршија“ со седиште во неа или дека фотографијата од оловниот печат претставува доказ за такво тврдење. Толкувањето на малите знаци на печатот како „МА“ и „ПА“ е непоткрепено со научна анализа
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
Ова е печат, од главната и нај големата христијанска право-славна црква во светот или Македонската црква Св. Софија, изградена од Македонците во Македонската царска патријаршија, која се наоѓа во Цариград или Константинопол денешен Истанбул. Македонското источно царство, подоцна прекрстено во Византиско царство за потребите на мејнстрим или лажната историја.
Јасно се гледаат иницијалите и јасно се читаат
МА-Македонска
ПА-Патријаршија
Објавата споделува фотографија од оловен печат за кој се тврди дека прикажува „доказ“ оти црквата Света Софија во Константинопол (денешен Истанбул) била „главната и најголема македонска православна црква“, изградена од „Македонците во Македонската царска патријаршија“. Како аргумент се посочуваат две групи букви на печатот, кои авторите на објавата ги читаат како „МА“ (Македонска) и „ПА“ (Патријаршија).
Овие тврдења не се поткрепени со историски извори и претставуваат погрешно толкување и на историјата на Света Софија и на самиот печат.
Стандардите на византиските и православните икони
Овој византиски оловен печат од 14 век ги прикажува царот Јустинијан I од левата страна и Богородица (Мајката Божја) од десната страна, како заедно држат макетен модел на црквата Света Софија. Грчките натписи ги идентификуваат фигурите, вклучувајќи го текстот „Ἡ Ἁγία Σοφία“ (Света Софија) за моделот на црквата и „Ἰουστινιανὸν δεσπ[ό]την“ (Деспот Јустинијан). Овие оловни печати биле користени од службени лица, во овој случај најверојатно од свештеници и црковни службеници поврзани со соборниот храм Света Софија во Константинопол.
Буквите што се гледаат горе лево и десно од главата на Богородица всушност не се „МА ПА“, туку се традиционална византиска кратенка МР ΘΥ (на грчки: ΜΗΤΗΡ ΘΕΟΥ), што во превод значи Мајка Божја (Богородица).
Поради староста, оштетувањето и специфичниот византиски фонт на оловниот печат, буквите лесно можат да се прочитаат погрешно: првите две букви над главата на Јустинијан (на левата страна) се М и Р (грчкото Ро, кое изгледа како нашето латинично или кирилично „П“). Ова е кратенка за Μήτηρ (Мајка). Буквите од десната страна, над главата на Богородица, се Θ (Тета) и Υ (Ипсилон). Ова е кратенка за Θεοῦ (Божја).
Овој монограм (симбол/тетраграм) е стандарден за сите византиски и православни икони, монети и печати каде што е насликан ликот на Дева Марија, за веднаш да се потврди нејзиниот идентитет во христијанската уметност.
Историчарите и нумизматичарите го потврдуваат ова преку илјадници други сочувани византиски предмети. Во православното и византиското сликарство постои строго правило (канон). Покрај ликот на Исус Христос секогаш стојат буквите ІС ХС (Исус Христос), а покрај ликот на Марија секогаш и без исклучок стојат буквите МР ΘΥ (Мајка Божја). Ниту еден византиски мајстор или црковен службеник не смеел да стави други букви покрај нејзиниот лик.
Кратенката „МА ПА“ нема никакво јазично значење ниту на старогрчки (јазикот на кој е напишан остатокот од печатот), ниту на латински, ниту на старословенски јазик за да означува религиозни фигури.
Кога и од кого е изградена Света Софија
Историските извори се едногласни дека денешната Света Софија е изградена меѓу 532 и 537 година, по наредба на царот Јустинијан I, откако претходната црква на истото место била уништена за време на Ника-востанието во 532 година.
Според енциклопедијата Britannica, изградбата започнала во 532 година, а била завршена во 537 година. Архитекти биле Антемиј од Трал и Исидор од Милет, двајца истакнати научници и инженери на своето време. Света Софија потоа станала катедрала (соборна црква) на Цариградската патријаршија и најважната црква на Источното Римско Царство.
Истото го потврдува и специјализираниот историски портал за Света Софија, каде се наведува дека денешниот храм бил подигнат по наредба на Јустинијан I, во периодот 532–537 година, како трета црква изградена на истата локација.
Во времето кога е изградена Света Софија (VI век), државата официјално била Римското Царство (Imperium Romanum), односно она што современата историографија го нарекува Источно Римско Царство.
Терминот „Византиско Царство“ навистина е подоцнежен научен назив што историчарите почнале да го користат векови по падот на Константинопол за полесно да го разликуваат средновековното Источно Римско Царство од античкиот Рим. Но тоа не значи дека официјалното име на државата било „Македонско Царство“.
Жителите на државата себеси се нарекувале Римјани (Rhomaioi), а државата Римско Царство.
Дел од забуната произлегува од постоењето на т.н. Македонската династија, која владеела со Источното Римско Царство од 867 до 1056 година (во некои историски прегледи до 1057 година, зависно од тоа дали крајот се смета со смртта на царицата Теодора или со стапувањето на власт на Михаил VI). Името „Македонска“ се однесува на владејачката династија основана од Василиј I Македонецот, а не на официјалното име на државата.
Таа династија нема етничка или државна врска со античкото Македонско Кралство на Александар Македонски ниту со средновековните македонски Словени.
Историските извори едногласно покажуваат дека Света Софија е изградена меѓу 532 и 537 година, по наредба на царот Јустинијан I, како главна катедрала на Цариградската (Вселенската) патријаршија во рамките на Источното Римско Царство. Не постојат релевантни историски извори што потврдуваат дека Света Софија била изградена како „македонска црква“, дека постоела „Македонска царска патријаршија“ со седиште во неа или дека фотографијата од оловниот печат претставува доказ за такво тврдење. Толкувањето на малите знаци на печатот како „МА“ и „ПА“ е непоткрепено со научна анализа.
Поради тоа, тврдењето дека Света Софија во Константинопол е „македонска црква изградена во Македонско Царство“ го оценуваме како невистинито.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар