Нема докази дека Тито силувал повеќе од 300 гимназијалки
Тврдењето дека Јосип Броз Тито бил педофил кој „силувал повеќе од 300 гимназијалки“ и дека тие во КПЈ биле нарекувани „партизанки“ за да се релативизира педофилијата, не е поткрепено со веродостојни историски докази што можат да се најдат во достапните архивски, академски и биографски извори
Тврдењето дека Јосип Броз Тито бил педофил кој „силувал повеќе од 300 гимназијалки“ и дека тие во КПЈ биле нарекувани „партизанки“ за да се релативизира педофилијата, не е поткрепено со веродостојни историски докази што можат да се најдат во достапните архивски, академски и биографски извори. Постои документиран историски факт: Тито како возрасен маж се оженил со Пелагија Белоусова кога таа имала 14 години. Тој факт може да се разгледува критички, но не може автоматски да се прошири во непоткрепено тврдење за стотици силувања
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Браварот кој без срам 40 години глумеше Маршал беше педофил кој според тврдењата на сведоци во текот на својата кариера силувал повеќе од 300 гимназијалки, кои жаргонски во КПЈ ги нарекувале „партизанки“ за да се релативизира педофилијата на Јосип Броз Тито што ја вршел перманентно. Денес претставува срам за нашата држава, па и за регионот неговото име да го носи токму гимназијата во престолнината на нашата татковина. Тоа е недостојно и поразително. Македонија е се што имаме!
Тврдењето во објавата дека „Јосип Броз Тито бил педофил кој во текот на својата кариера силувал повеќе од 300 гимназијалки, кои во КПЈ жаргонски ги нарекувале ‘партизанки’“ не е поткрепено со никакви докази.
Во објавата се изнесуваат сериозни обвиненија против поранешниот југословенски лидер Јосип Броз Тито, меѓу кои дека бил педофил и дека во текот на својата политичка и воена кариера силувал повеќе од 300 гимназијалки. Дополнително се тврди дека во КПЈ девојките биле нарекувани „партизанки“ за да се прикрие или релативизира сексуалното насилство.
Проверка на достапните историски извори не наоѓа потврда за овие тврдења.
Тито се оженил со девојка која имала 14 години
Првата сопруга, Пелагија Белоусова , според повеќе историски извори, Јосип Броз ја запознал во Русија во периодот по Првата светска војна. Таа имала околу 13–14 години, додека Тито бил во своите дваесетти години. Во 1920 година тие се венчале.
И академскиот текст објавен во Anthropology and Humanism го наведува податокот дека Пелагија имала 14 години кога се омажила за Тито.
Овој факт несомнено отвора сериозни прашања ако се гледа од денешни стандарди за заштита на децата. Но, фактот дека возрасен маж се оженил со 14-годишна девојка не е доказ дека тој силувал стотици други малолетнички.
Што е со тврдењето за „повеќе од 300 силувани гимназијалки“?
Во пребарувањето на достапни историски и академски материјали не може да се најде релевантен извор што потврдува дека Тито силувал повеќе од 300 гимназијалки, ниту документ, судски предмет, архивски запис или истражување за тоа.
Исто така, не најдовме кредибилен историски извор кој покажува дека постоела организирана пракса во КПЈ девојките кои наводно биле сексуално злоупотребувани од Тито да ги нарекуваат „партизанки“ за да се прикрие педофилијата.
Напротив, „партизанка“ е историски термин за жена што учествувала во партизанското движење. Во изворите зборот се користи токму во таа смисла. На пример, историските материјали ја опишуваат Драгицa Срзентиќ како „партизанка“ и дипломатка, без никаква врска со наводното значење што му се припишува во спорното тврдење.
Така што, тврдењето дека „партизанки“ било кодно име во КПЈ за малолетни девојки кои Тито ги сексуално злоупотребувал не е потврдено со достапните извори.
Тито имал повеќе врски и бракови, но тоа не ги докажува обвинувањата во објавата
Историските биографии сведочат дека Тито имал сложен приватен живот, повеќе бракови и љубовни врски.
Радио-телевизија Србија, повикувајќи се на материјали од својот архив, Музејот на Југославија, приватни архиви на историчари, истражувачи и членови на семејството, ги наведува неговите односи со Пелагија Белоусова, Лусија Бауер, Херта Хас, Дворјанка Пауновиќ и Јованка Броз.
Особено позната е неговата врска со Дворјанка Пауновиќ – Зденка, која била негова секретарка и љубовница во текот на војната. Таа е родена во 1921 година, а починала во 1946 година.
Оттука може да се дискутира за неговиот однос кон жените, за неговиот приватен живот и за огромната политичка моќ што ја имал. Но тоа е различно од тврдењето дека постоеле 300 силувани гимназијалки.
Тврдењето дека Јосип Броз Тито бил „педофил кој силувал повеќе од 300 гимназијалки“ и дека тие во КПЈ биле нарекувани „партизанки“ за да се релативизира педофилијата, не е поткрепено со веродостојни историски докази што можат да се најдат во достапните архивски, академски и биографски извори.
Постои документиран историски факт: Тито како возрасен маж се оженил со Пелагија Белоусова кога таа имала 14 години. Тој факт може и треба да се разгледува критички, но не може автоматски да се прошири во непоткрепено тврдење за стотици силувања.
Поради сето погоре, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар