Нема докази дека вакцините предизвикуваат глобална стерилизација и депопулација

Вакцини | Фото: Agência Brasília, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Нема научни докази дека ковид-19 вакцините предизвикале масовен стерилитет, ниту докази дека НАТО авионите со години прскаат отрови за да ја стерилизираат популацијата, ниту докази за план за ликвидација на шест милијарди луѓе до 2030 година. Достапните демографски податоци го потврдуваат падот на раѓањата, но сами по себе не го потврдуваат наводниот механизам за депопулација

Нема научни докази дека ковид-19 вакцините предизвикале масовен стерилитет, ниту докази дека НАТО авионите со години прскаат отрови за да ја стерилизираат популацијата, ниту докази за план за ликвидација на шест милијарди луѓе до 2030 година. Достапните демографски податоци го потврдуваат падот на раѓањата, но сами по себе не го потврдуваат наводниот механизам за депопулација

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

За време на Ковид ,,пландемијата,, Лук Монтење (нобеловец), Дидие Раул и Роберт Мелоне зборуваа и предупредуваа дека (лажните) вакцините ќе предизвикаат, помеѓу другото, и СТЕРИЛНОСТ кај светската популација. Јас ги објавував тие нивни видео изјави на Фејсбук, но сите беа блокирани и бришени. Затоа немојте сега да се чудите за драстичниот пад на наталитетот ! Истиот е предизвикан и од отровите кои што шест години ги прскаат НАТО авионите (отруени ,,глувци,, не можат да имаат пород). Падот на наталитетот не е само Балкански феномен, туку се случува во целиот свет. Очигледно е дека ДЕПОПУЛАЦИЈАТА добро функционира, само не со брзина со која било планирано. (Ликвидација на шест милјарди луѓе до 2030-та година).

Факт е дека наталитетот и стапките на плодност се намалуваат во голем број земји во светот, но нема веродостојни докази дека падот е предизвикан од ковид-19 вакцините, намерно прскање со отрови од авиони или план за ликвидација на шест милијарди луѓе до 2030 година, како што тоа го тврди објавата.

Светската здравствена организација наведува дека нема докази оти ковид-19 вакцините ја нарушуваат плодноста и дека нема биолошки докази оти вакциналните состојки или антителата создадени по вакцинацијата предизвикуваат проблеми со репродуктивните органи.

И американскиот CDC наведува дека досегашните податоци не покажуваат дека ковид-19 вакцините предизвикуваат проблеми со плодноста кај мажите или жените. Во студија со повеќе од 2.000 жени на возраст од 21 до 45 години и нивните партнери, вакцинацијата на ниту еден од партнерите не ја намалила веројатноста за зачнување.

Тоа не значи дека вакцините немаат никакви несакани ефекти. На пример, кај дел од жените се забележани мали и привремени промени во менструалниот циклус, но тоа не е исто што и стерилитет.

Понатаму, точно е дека Лук Монтение, Дидие Раул и Роберт Мелоун јавно изнесуваа сериозни тврдења и сомнежи за ковид-19 вакцините. Но, тоа што некој е научник, лекар или дури и нобеловец не е доказ дека секое негово тврдење е точно.

Особено важно е што за тврдењето на Мелоун дека ковид-19 вакцините предизвикуваат неплодност, постои конкретна проверка на фактите. Lead Stories го оценува тоа тврдење како неточно и наведува дека достапните студии не покажале дека вакцините предизвикуваат неплодност.

Монтение, на пример, тврдел и дека вакцинирањето е огромна грешка, дека вакцинацијата ги предизвикува новите соеви, а епидемиолозите знаат и молчат за истото, што Вистиномер веќе го оцени како дезинформација.

Фактот дека некоја изјава навистина била изговорена од познат научник не ја претвора автоматски во научно потврдена прогноза.

Плодноста навистина опаѓа глобално и тоа не е само балкански феномен. Но, демографите не го објаснуваат овој тренд со масовна стерилизација преку вакцини.

UNFPA во својот извештај од 2025 година наведува дека голем број луѓе не го остваруваат бројот на деца што го посакуваат поради трошоците за родителство, станбеното прашање, несигурноста на работните места, стравот од иднината и недостигот од соодветен партнер, меѓу другите фактори.

И други демографски анализи покажуваат дека падот на наталитетот е глобален феномен поврзан со долгорочни економски, социјални и демографски промени.

Во врска со тврдењето во објавата дека „НАТО авионите шест години прскаат отрови“, за исртото не се пронајдени докази дека НАТО спроведува тајна програма за прскање супстанции со цел стерилизација на населението.

Напротив, токму за слични тврдења за „отрови од авиони“, „кемтрејлс“ и намерно прскање, Вистиномер има објавено анализа. Трагите што ги оставаат авионите се кондензациски траги и нема докази за намерно распрскување отрови од авиони.

Постоењето на отрови за глодари не докажува дека тие се распрскуваат од НАТО авиони врз човечката популација, ниту дека предизвикуваат глобална стерилизација.

Всушност, еден документ на американското Министерство за одбрана што може да се најде на официјална страница содржи информации за родентициди за употреба против стаорци и глувци, но тие се наведени како мамки („bait“) — односно средства за контрола на глодари, а не како доказ за воздушно прскање врз населението.

За тврдењето дека се планира „ликвидација на шест милијарди луѓе до 2030 година“, исто така нема веродостојни докази.

Слично тврдење дека меѓународна конференција во Каиро во 1994 година наводно договорила намалување на светското население од шест милијарди на 800 милиони до 2030 година веќе е проверено и оценето како невистинито. Конференцијата се занимавала со репродуктивно здравје, права, образование и зајакнување на положбата на жените — не со план за физичко елиминирање на милијарди луѓе.

И Ројтерс има проверка на сродните тврдења за наводен план на Светскиот економски форум за смрт на милијарди луѓе, при што не е пронајден доказ за таков документ или план.

Нема научни докази дека ковид-19 вакцините предизвикале масовен стерилитет, ниту докази дека НАТО авионите со години прскаат отрови за да ја стерилизираат популацијата, ниту докази за план за ликвидација на шест милијарди луѓе до 2030 година. Достапните демографски податоци го потврдуваат падот на раѓањата, но сами по себе не го потврдуваат наводниот механизам за депопулација.

Поради тоа, објавата која ја анализираме, ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција