Нема докази дека видеото прикажува „вреќи со пари на Еди Рама“
Активноста на комбињата кои се прикажани на видеото кореспондираат со нивните пријавени деловни активности во централниот регистар на Албанија, каде се наведува дека освен обезбедување, гарантираат и безбеден транспорт на пари и вредни предменти за банки и комерцијални клиенти
На видеото се гледа дека различни комбиња од различни агенции за обезбедување едно по едно товарат стоки на авион, додека во позадината има полициско комбе. Активноста на комбињата кои се прикажани на видеото кореспондираат со нивните пријавени деловни активности во централниот регистар на Албанија, каде се наведува дека освен обезбедување, гарантираат и безбеден транспорт на пари и вредни предменти за банки и комерцијални клиенти
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
На социјалните мрежи се појави видео снимено на аеродромот во Тирана, на кое се гледаат вреќи со пари за кои се верува дека или му припаѓаат на премиерот Еди Рама, или ѝ припаѓаат на албанската мафија (24.07.2026)
„Вистиномер“ го пронајде материјалот објавен уште на 24 јули 2026 година. На видеото се снимени повеќе комбиња како поставуваат вреќи и пакети – во кои не се гледа што има, на движечка лента, за тие да бидат транспортирани со авион. Не постои никаков доказ дека во вреќите има пари, ниту пак дека тие му припаѓаат на Еди Рама или на албанската мафија.
И српски провладини медиуми кога ја објавувале оваа снимка во екот на протестите во Албанија летово, наведуваат дека „не постои независна потврда на тврдењата за потеклото на парите или наводното бегање на премиерот од земјата“ (во некои од објавите со истата снимка додавано беше и дека Еди Рама планира да бега од Албанија, што не се оствари).
На снимката јасно се гледа како копнениот персонал на аеродромот ракува со материјали или опрема покрај авион на Меѓународниот аеродром во Тирана. Но, видеото не утврдува што има во контејнерите односно торбите, кој е нивниот сопственик, кој наредил нивен транспорт, со кој патник или чартер-лет се поврзани и дали воопшто содржат готовина. Не постои официјален доказ, веродостојно истражувачко новинарство или владина потврда што ги поврзува торбите за транспорт од видеото со Еди Рама или со какво било заминување од земјата.
Гласината се прошири на интернет за време на бран бурни домашни протести во Тирана, насочени против владата на Албанија и контроверзните проекти за развој на крајбрежјето.
Во еден дел од видеоматеријалот забележливо е дека до авионот се приближува комбе со сина боја, на кое пишува „Анаконда секјурити“. Проверката на Вистиномер покажува дека „Анаконда Секјурити“ е приватна компанија за обезбедување со седиште во Албанија, која нуди услуги за физичко обезбедување и електронски надзор. Во основните услуги што ги нуди компанијата покрај физичкото обезбедување, заштитата на приватните и јавни згради, физичките средства и поединци – е наведен и транспорт на готовина и вредни предмети. Поточно, фирмата нуди безбедна придружба и транспорт на пари, вредни предмети и скапоцени материјали.
На видеото се гледа дека различни комбиња од различни агенции за обезбедување меѓу кои и „Назери 2000“ едно по едно товарат стоки на авион, додека во позадината има полициско комбе. Во описот на работата на „Назери 2000“, пишува дека управува со возила за безбеден транспорт на пари и вредни средства за банки и комерцијални клиенти.
Од овие информации произлегува дека активноста на комбињата кои се прикажани на видеото кореспондираат со нивните пријавени деловни активности во централниот регистар на Албанија, каде се наведува дека освен обезбедување, гарантираат и безбеден транспорт на пари за банки и комерцијални клиенти. Барем 4 различни агенции за обезбедување имаат комбе на видеото кое е прикажано во објавата што ја рецензираме, што укажува на регуларна деловна активност, која е надгледувана од полицијата, бидејќи во заднинскиот дел од видеото може да се види полициско присуство.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар