Нема докази дека Зеленски месечно трансферира 50 милиони долари на своја сметка во ОАЕ
Во објавата што ја анализираме, не се понудени никакви докази за тврдењето дека Зеленски месечно, на некаква своја сметка во ОАЕ, трансферира 50 милиони долари. И овие тврдења, како и претходните поврзани со наводно богатење на украинскиот претседател се неточни и имаат за цел да го дискредитираат Зеленски
Во објавата што ја анализираме, не се понудени никакви докази за тврдењето дека Зеленски месечно, на некаква своја сметка во ОАЕ, трансферира 50 милиони долари. И овие тврдења, како и претходните поврзани со наводно богатење на украинскиот претседател се неточни и имаат за цел да го дискредитираат Зеленски
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:
,,Зелениот,, секој месец трансферирал 50 милиони долари (дел од донации за Украина) на својата лична сметка во ,,Обединети Арапски Емирати,, . / Не кажувајте никому, ова е наша тајна
Објавата не наведува никаков извор за тврдењето, ниту пак, некакви докази и факти кои би го поткрепиле истото.
Вистиномер провери од каде потекнува оваа информација и најдовме дека прв ја пласирал турскиот весник Aydinlik, а ја пренела руската новинска агенција ТАСС.
На почетокот на нашата анализа вреди да се спомене дека Aydınlık е турски весник кој е поврзан со Партијата на патриотите (Vatan Partisi или претходно Workers’ Party of Turkey). Во 2023, извештај на Nordic Monitor обелодени дека екстремно националистичката група поврзана со Aydınlık формирала фирма која врши дезинформациски операции, во соработка со руски оператор санкциониран од западните земји. Целта била ширење лажни вести и влијај врз избори и јавното мислење, особено насочено против Западот.
Како што пренесува ТАСС, повикувајќи се на информации на Aydinlik, секој месец членови на внатрешниот круг на украинскиот претседател Владимир Зеленски префрлале приближно 50 милиони долари, добиени како резултат на корупциски шеми, на сметките на две компании во ОАЕ поврзани со поранешниот советник на претседателот на Фондот за државен имот на Украина, Андреј Гмирин.
Весникот напиша дека објавува тековни сметки каде што се префрлаат парите. Во исто време, не објави никакви документи што би ги докажале трансферите, забележува ТАСС.
Според турскиот венсик, помеѓу 2021 и 2023 година, семејството на Гмирин купило недвижен имот во Дубаи во вредност од над 14 милиони долари. Во мај 2021 година биле основани компаниите „Гмирин Фемили Холдинг“ и „ГФМ Инвестмент Груп“, каде што, според весникот, се префрлаат парите.
Не е првпат во рамки на руската дезинформациска кампања да се шират лаги во врска со богатството на Зеленски и со помошта што Украина ја добива од своите партнери.
Без никакви аргументи се тврди дека Зеленски ја злоупотребува финансиска помош од сојузниците за свое лично богатење. Патем, се појави и дезинформација за измислен билборд (поставен во Милано) за кој лажно се тврди дека се користи за донации за негово лично богатење.
На социјалните мрежи се ширеа и објави според кои Володимир Зеленски заработува 11 милиони долари месечно, има милијарди долари во средства, вклучувајќи куќа од 35 милиони долари во Флорида, и бројни други карактеристики на богатиот начин на живот. Ова е недокажано. Како што објави сервисот за проверка на фактите на АФП, јавните записи покажуваат дека претседателот на Украина не поседува имот на свое име во САД, финансиските откритија и независните истраги покажуваат дека тој е далеку од милијардер, а ниту едно од онлајн тврдењата не содржи докази за толку значајно богатство.
До слични сознанија дошле и проверувачите на факти на Ју-ес-еј тудеј.
Од почетокот на војната во Украина (февруари 2022 година) се објавуваат, реобјавуваат и споделуваат најразлични видеа преку една, па преку друга платформа, а главната намера на ваквиот тип објави е да се поткопа интегритетот на Зеленски, како и поддршката за Украина. Токму со таква намера се ширеа објави на Фејсбук во кои лажно се претставуваше дека првата дама на Украина, Олена Зеленска, купила луксузен накит, дека купила автомобил „бугати“ од 4,5 милиони евра, дека оружје наменето за Украина се продавало на Блискиот Исток… А, според некои „вести“ кои кружат во интернет просторот, инспирирани од информации споделени од проруски настроениот, украински опозициски политичар, Виктор Медведчук, Зеленски купил апартман во Дубаи вреден неколку милиони долари.
Сомнежите дека Зеленски и неговата придружба незаконски се богатат – кои Кремљ почна да ги форсира откако почна инвазијата (како пред тоа да немало корупција во Украина) – често се пласираат за да се дискредитира и самиот Зеленски, но преку него и цела Украина во очите на меѓународната заедница. Целта е да се предизвика раздор меѓу Западот и Украина и прекин, или барем намалување на воената и сета друга помош од која Украина бездруго зависи во својата одбрана. Проблемот е само што Русија е конзистентно оценета како покорумпирана од Украина според Индексот за прецепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл.
Во објавата што ја анализираме, не се понудени никакви докази за тврдењето дека Зеленски месечно, на некаква своја сметка во ОАЕ, трансферира 50 милиони долари. И овие тврдења, како и претходните поврзани со наводно богатење на украинскиот претседател се неточни и имаат за цел да го дискредитираат Зеленски.
Поради тоа објавата која ја анализираме ја оценуваме како невистина.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар