Нема докази дека жолтите светла на небото на неколку руски градови се ласерско оружје
Како потенцијален извор на светлата некои го посочуваат природниот феномен познат како светлосна колона или светлосен столб. Ова објаснување беше дадено од рускиот медиум РБЦ, кој го цитираше Михаил Леус, специјалист во метеоролошкиот центар Фобос. Кен Карслав, професор на Институтот за климатски и атмосферски науки на Универзитетот во Лидс во Обединетото Кралство во изјава за сервисот за проверка на фактите на Њузвик вели дека овие природни феномени се можни. Слични светлосни столбови над Белгород биле пријавени и претходно во 2020 година – жолти колони кои се протегаат до небото – и локалните медиуми ги објаснуваат како метеоролошки феномен, објаснување кое се чини најверојатно и во овој случај
Како потенцијален извор на светлата некои го посочуваат природниот феномен познат како светлосна колона или светлосен столб. Ова објаснување беше дадено од рускиот медиум РБЦ, кој го цитираше Михаил Леус, специјалист во метеоролошкиот центар Фобос. Кен Карслав, професор на Институтот за климатски и атмосферски науки на Универзитетот во Лидс во Обединетото Кралство во изјава за сервисот за проверка на фактите на Њузвик вели дека овие природни феномени се можни. Слични светлосни столбови над Белгород биле пријавени и претходно во 2020 година – жолти колони кои се протегаат до небото – и локалните медиуми ги објаснуваат како метеоролошки феномен, објаснување кое се чини најверојатно и во овој случај
Анализираме пост на Фејсбук во кој се тврди дека има снимка како Русија користи ласерско оружје. Притоа се споделуваат две фотографии за кои се вели дека се направени во Москва и во Омск, а на кои се гледа жолта светлина на небото:
06.10.2022
Москва, Омск
Ласерско против сателитско оружје
На социјалните мрежи, но и во некои руски и светски медиуми изминатиот период се шират фотографии на кои се гледаат вертикални светлосни ленти над руските градови кои допираат во височините.
Фотографиите се направени над Белгород, Москва, Омск и Мурманск и покажуваат како жолт зрак светлина сјае високо во темното небо.
Изворот на оваа светлина не е јасен на ниту една од фотографиите, бидејќи зградите или дрвјата обично го покриваат долниот дел од зракот.
Рускиот таблоид Комсомолскаја Правда на 5 октомври годинава објави видео од светлината на Јутјуб, опишувајќи го како: „Тест на супертајно оружје или вообичаен природен феномен? Жителите на Белгород се во забуна“.
Московскиот весник „Московски комсомолец“ на 4 октомври објави дека светлата би можеле да бидат ласери. Во текстот се тврди дека воениот дописник Андреј Руденко рекол дека армијата тој ден го користела „најновото оружје на Руската Федерација“.
Поради околностите тешко дека ќе дознаеме, но многу луѓе денеска видоа сјај на небото, додаде Руденко.
Ова би можело да сугерира дека светлата може да се припишат на употребата на ласерот „Пересвет“, но за него има многу малку информации и не е јасно дали тој создава жолт зрак.
Руските медиуми и воените коментатори постојано изјавуваат дека Русија има ласерско оружје кое може да ги заслепи сателитите на оддалеченост до 1.500 километри, пишува сервисот за проверка на факти на Њусвик.
Според веб-страницата за воени вести ArmyRecognition.com, „Пересвет“ е веќе во служба, а неговиот развој го најави рускиот претседател Владимир Путин уште во 2018 година.
Дел од корисниците на социјалните мрежи забележуваат дека е малку веројатно зракот што таргетира вселенски сателит да биде фиксиран во позиција и насочен директно нагоре.
Природен феномен е поверојатно објаснување
Како потенцијален извор на светлата некои го посочуваат природниот феномен познат како светлосна колона или светлосен столб.
Ова објаснување беше дадено од рускиот медиум РБЦ, кој го цитираше Михаил Леус, специјалист во метеоролошкиот центар Фобос.
Всушност, светлосните столбови забележани на небото се оптички феномен во атмосферата кој гоо носи името „светлосна колона“. Светлосните столбови во атмосферата се оптички феномен, вид на ореол создаден со прекршување на светлината на ледените кристали.
Ова може да се случи кога сонцето или месечината се наоѓаат ниско над хоризонтот околу изгрејсонце или зајдисонце. Други извори вклучуваат оранжерии, од кои има изобилство во Белгород, според извештаите на локалните медиуми, а некои наводно се во сопственост на рускиот олигарх Роман Абрамович.
Рускиот државен медиум РИА Новости, повикувајќи се на научници од Универзитетот во Белгород, исто така заклучи дека „ореолите“ најверојатно се предизвикани од оранжериите во областа.
Хрватскиот атмосферски физичар проф. д-р Бранко Грисогоно од Геофизичкиот институт на ПМФ во изјава за Индекс вели дека и тој смета дека е поверојатно да се работи за природна појава отколку за ласерско оружје.
Светлосните столбови се релативно редок феномен, но не и непознат, вели Грисогоно.
Тој истакнува дека му е чудно што луѓето не отишле на локациите каде што ја виделе светлината за да проверат дали навистина се работи за ласери.
Овој феномен е познат во физичката метеорологија која се занимава со оптиката на атмосферата. Кристалите на мраз се појавуваат во атмосфера која мора да биде многу пониска од 0°C. Во тој случај, небесни тела, улични извори, сообраќај и други силни извори на светлина можат да создадат изглед на овој феномен. Но, треба добро да се проучат фотографиите, вели Грисогоно.
Кен Карслав, професор на Институтот за климатски и атмосферски науки на Универзитетот во Лидс во Обединетото Кралство во изјава за сервисот за проверка на фактите на Њузвик вели дека овие природни феномени се можни.
Тие се случуваат во облаци со рамни ледени кристали кои се хоризонтално порамнети така што сите тие се рефлектираат надолу во иста насока над изворот на светлина, изјавил Карслав.
Слични светлосни столбови над Белгород биле пријавени и претходно во 2020 година – жолти колони кои се протегаат до небото – и локалните медиуми ги објаснуваат како метеоролошки феномен, објаснување кое се чини најверојатно и во овој случај.
Има ли Русија ласерско оружје?
Висок функционер на Кремљ во мај годинава изјави дека Русија распоредила напреден систем за ласерско оружје во борбите во Украина.
На конференција емитувана на државниот медиум Канал 1 Јуриј Борисов, заменик-премиер на Русија, рече дека најсовременото ласерско оружје на земјата, наречено „Задира“, се користи за соборување на украински беспилотни летала. Борисов рече дека „Пересвет“ веќе е широко распореден и може да ги заслепи сателитите до 1.500 километри над Земјата.
Но, воените експерти изразија сомнеж за тоа дали тврдењата на Русија се потврдени, пишува Дојче веле.
Неколку земји ја истражуваат технологијата и употребата на овој вид оружје. Русија веројатно би можела да биде една од тие земји. Поради доверливоста на ваквите проекти, сепак немаме сознанија за статусот, изјави за ДВ Мартен Лорцер, портпарол на ТНО, холандска истражувачка организација која работи на технологија за ласерско оружје.
Пентагон исто така посочи дека немаат индикации дека Русија користи ласерско оружје во Украина.
Немаме никакви индикации за употреба на ласери, барем вооружени ласери во Украина. Со ништо не можеме да го потврдиме тоа, изјави портпаролот на Пентагон, Џон Кирби на брифинг со новинари.
Пензионираниот австралиски армиски генерал Мик Рајан предупреди да не се земаат премногу сериозно тврдењата на Русија.
Земјата држи рекорд во фалби со својата воена моќ, изјави тој за Вашингтон пост, пренесува Дојче веле.
Од сето погоре може да заклучиме дека изворот на светлосните зраци видени во неколку руски градови во Русија е нејасен, но тие веројатно се метеоролошки. Експертите за метеорологија потврдуваат дека е можно светлата да се природен феномен. Имајќи предвид дека нема никакви цврсти докази дека Русија почнала да користи ласерско оружје, не може да се тврди дека светлата се доказ за тоа.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар