Нема драма, ниту агонија – „Информер“ дури сега ги виде казните за неносење маски

Фото: Принтскрин

 

Српскиот портал „Информер“ објави напис со тенденциозен наслов: НОВА ДРАМА НА НАШИТЕ ПАТНИЦИ ПРИ ВРАЌАЊЕТО ОД ЛЕТУВАЊЕ ВО ГРЦИЈА! Еве што се досетиле  Македонците! (NOVA DRAMA NAŠIH PUTNIKA PRI VRAĆANJU SA LETOVANJA U GRČKOJ! Evo čega su se dosetili Makedonci! – 21.07.2020)

„Драмата“ што се најавува во насловната конструкција, всушност, е предимензионирана, па и бајата, бидејќи  се однесува на казните од 20 евра кои веќе трет месец се изрекуваат (наплатуваат) во Република Северна Македонија заради неносење заштитна маска.

Написот во сензационалистички манир ја пренесува приказната што еден српски државјанин, извесен Владимир Симиќ, ја раскажал на социјалните мрежи, за тоа како поминувајќи транзит низ нашата земја му била наплатена казна поради тоа што во возилото не носеле маски. Оваа непријатна случка  е опишана како „агонија“, поточно како продолжување на агонијата која српските туристи, наводно,  ја доживуваат како резултат на сложените процедури за влез и престој во Грција поради коронавирусот. Во текстот има и назнака „предупредување за сите“, испишана со црвени букви.

Иако најверојатно се работи за вистинска случка, во написот таа е прикажана со видлива тенденциозност, што се забележува уште со изборот на насловот. Впечаток е дека се сакало да се направи драма онаму каде што ја нема.

Казните за неносење маска во Северна Македонија не се ништо ново. Тие се воведени уште на крајот на април, а стапија на сила од први мај и оттогаш се изрекуваат и за македонски и за странски државјани.

Денеска (23.04.2020) во „Службен весник на Република Северна Македонија“ е објавена Уредбата со законска сила за носење лична заштита заради спречување на ширењето, сузбивање на заразната болест предизвикана од коронавирусот КОВИД-19 и заштита на населението за време на вонредна состојба, што ја донесе Владата на својата 45-та седница.

Во уредбата се утврдува дека во случај на прекршување на одредбите од оваа уредба со законска сила, од денот на влегувањето во сила на оваа уредба со законска сила до 30 април 2020, надлежните органи ќе изрекуваат исклучиво опомени.

После 30 април, Уредбата утврдува дека глоба во износ од 20 евра во денарска противвредност, ќе се изрече за прекршок на секое домашно или странско физичко лице ако постапува спротивно на одредбите од оваа уредба со законска сила, соопшти Владата на С.Македонија на 23 април

Така што, не се работи за некакаква нова казна воведена сега во екот на туристичката сезона, односно како што зајадливо констатира текстот: „Еве што се досетиле  Македонците!“. Овие казни се изрекуваат неколку месеци, а позасилено во последниот период со оглед на тоа што се зголеми бројот на заразени со коронавирус. За ова исветуваа медиумите, а тука ќе посочиме  само неколку примери:

Па, како што може да се види, не станува збор за „драма“, уште помалку за „агонија“ – опишана во речниците како „состојба без свест, непосредно пред смрт“, туку за почитување на мерки во услови на пандемија со ковид-19.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција