Нема електрични скутери Сегвеј за само 123 денари

Во реклама на Фејсбук се нудат електрични скутери од марката Сегвеј (англ. Segway) за само 123 денари, но всушност се работи за измама, во која е злоупотребено и логото на компанијата А1. Забуна може да внесе и тоа што неточниот податок е објавен на Фејсбук-страницата Segway MK, чиј назив асоцира на веб-сајтот segway.mk, со кого таа нема никаква поврзаност, а тој ѝ припаѓа на фирма која реално ги продава тие е-скутери кај нас (или реално ги продавала во поблиското минато)

Во реклама на Фејсбук се нудат електрични скутери од марката Сегвеј (англ. Segway) за само 123 денари, но всушност се работи за измама, во која е злоупотребено и логото на компанијата А1. Забуна може да внесе и тоа што неточниот податок е објавен на Фејсбук-страницата Segway MK, чиј назив асоцира на веб-сајтот segway.mk, со кого таа нема никаква поврзаност, а тој ѝ припаѓа на фирма која реално ги продава тие е-скутери кај нас (или реално ги продавала во поблиското минато)

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук вели:

Готов да се возиш низ градот на електричен скутер Segway Ninebot, трошејќи само 123 денари? Тогаш приклучи се на нашата акција веднаш! Прими го својот шанс за авантура!

Објавата е илустрирана со фотографија, на која се гледа кутија од е-скутер и залепена налепница со наведена цена од само 123 денари, а на налепницата е претставено логото на компанијата А1, кај која ваква понуда воопшто нема. Тоа е всушност фотомонтажа.

Како што е тоа често кај ваквите лажни реклами, нивните автори не се од нашите простори, па тие прават разни граматички грешки („готов“ наместо „подготвен“ или „својот шанс“ наместо „својата шанса“). Така, објавата нè охрабрува да го „примиме својот шанс“ и да појдеме на еден веб-сајт, кај што ќе аплицираме за таа неверојатна понуда – електричен скутер за само 123 денари, но тој веб-сајт е лажен, исто како и објавата.

На неа има копче со натпис на англиски „Apply Now“ („Аплицирај сега“). Таквите копчиња сами по себе не се ништо лошо и тие се вообичаен елемент на Фејсбук, но во случајов тоа копче е така нагодено, за кликот врз него да води кон сомнителната веб-страница, која не препорачуваме да ја отворате: https://prizejackpot.shop/

Таму не нè чекаат никакви е-скутери, туку реклама за некаков спа-центар и тоа на полски јазик. На следниов (безбеден) линк ви претставуваме слика (скриншот) од тоа. Истото го имавме и во еден случај кога на Фејсбук беа рекламирани „е-велосипеди V8 за само 123 денари“, што значи дека тука најверојатно се работи за истите измамници.

Под објавата, која сега ја рецензираме, има доста коментари, кои се полни со пофалби за непостоечките „е-скутери Сегвеј за 123 денари“, а сите тие коментари доаѓаат од штури и лажни профили, што е дел од измамата. Меѓутоа, тука има и понекои реални коментари, а во еден од нив, еден читател се жали дека не може да се снајде со формуларот за регистрација на сомнителната веб-страница, која наводно била на бугарски јазик, а други читатели го предупредуваат тој да не се регистрира на неа (скриншот од таа дебата тука).

Ако добро ги сфативме овие коментари и ако тие се веродостојни, тоа значи дека на таа сомнителна веб-страница претходно имало некаков формулар за регистрација, кој потоа бил отстранет и заменет со онаа реклама за некаков спа-центар на полски јазик.

Но како и да е, тука дефинитивно не се работи за легитимна онлајн-продавница, а целите на ваквите измами можат да бидат разни: кражба на број од платежна картичка при плаќањето за понудениот производ или кражба на други лични податоци, додевање со несакани реклами (т.н. спамирање), заразување со компјутерски вируси итн.

Инаку, во 2016 г., компанијата Кузон (Kouzon) започнала со продажба на е-скутерите Сегвеј на нашиот пазар (примери: тука и тука), па токму тогаш таа го регистрирала сајтот segway.mk. Дали таа и натаму ги продава тие производи, ние не знаеме, но битно, сајтот segway.mk се однесува на реален бизнис, што не важи и за Фејсбук-страницата Segway MK, иако нејзиниот назив звучи слично. По сè изгледа дека вистинска Фејсбук-страница за тие е-скутери кај нас е всушност Segway Macedonia.

Таму има многу повеќе следбеници и објави отколку на лажната страница Segway MK, а кај неа отсуствуваат контактните информации (телефон, е-пошта, линк кон официјален сајт и сл.), кои кај Segway Macedonia ги има.

За полесно распознавање на легитимните од лажните Фејсбук-страници, најдобро би било оние првонаведените да извршат т.н. верификација, по што ќе бидат обележани со посебен син беџ, но за жал, кај фирмите кај нас овој обичај сè уште не е заживеан, па распознавањето мораме да го вршиме со поинакви методи.

Како и да е, никакви е-скутери не се продаваат за 123 денари, што веќе го аргументиравме, а објавата, која ја рецензиравме, ја оценуваме како невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција