Нема историски докази дека Архимед бил Македонец и дека „Сиракузија“ бил првиот патнички брод
Иако е точно дека Архимед бил исклучителен научник кој учествувал во проектирањето на бродот „Сиракузија“, нема историски докази дека бил Македонец, ниту дека Сицилија била дел од Македонската империја во негово време. Исто така, нема потврда дека „Сиракузија“ бил првиот патнички брод во историјата, а уште помалку дека станувало збор за „прв македонски патнички брод“
Иако е точно дека Архимед бил исклучителен научник кој учествувал во проектирањето на бродот „Сиракузија“, нема историски докази дека бил Македонец, ниту дека Сицилија била дел од Македонската империја во негово време. Исто така, нема потврда дека „Сиракузија“ бил првиот патнички брод во историјата, а уште помалку дека станувало збор за „прв македонски патнички брод“
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
Првиот патнички брод во светот конструиран од античкиот Македонец Архимед кој е роден во 287 година п.н.е. во Сиракуза, денешна Сицилија, за време на владеењето на Македонската империја. Архимед бил македонски математичар, физичар и машински инжинер, пионер во двете полиња, многу векови пред неговите современици. На пределот од денешна Сицилија кој бил под водство на Македонската империја во (270 – 215 п.н.е.), бил изграден првиот патнички брод со неверојатни димензии. Материјалот користен за изградбата на тој џиновски брод се изедначува со материјалот за 60 редовни бродови. Уште повеќе, тој брод требало да ги напушти безбедните крајбрежни ленти и да го премине Средоземното Море. Бродот добил име “Сиракузија” и го претставувал она што може да се нарече „првиот македонски патнички брод, во историјата на човештвото“.
Објавата тврди дека Архимед бил „антички Македонец“ и дека бродот „Сиракузија“ претставувал „првиот македонски патнички брод во историјата на човештвото“. Проверката на историските извори покажува дека ова тврдење содржи неколку неточности и историски интерпретации кои не се поткрепени со релевантна литература.
Според енциклопедијата Britannica, Архимед е роден околу 287 година п.н.е. во Сиракуза, на островот Сицилија, и се смета за еден од најголемите математичари, физичари и инженери на античкиот свет. Во истите извори тој е опишан како грчки (Greek) математичар од Сиракуза, а не како Македонец.
Тврдењето дека Архимед бил Македонец не е поткрепено со современата историографија. Освен Britannica, и проектот Archimedes Palimpsest, еден од најзначајните меѓународни научни проекти посветени на неговото дело, го опишува Архимед како научник од грчката интелектуална традиција во Сиракуза. Фактот што живеел во хеленистичкиот период, по освојувањата на Александар Македонски, не претставува доказ за негова македонска етничка припадност.
Неточно е и тврдењето дека Сицилија во времето на Архимед била дел од Македонската империја. Според Britannica, Сиракуза во III век п.н.е. била независно кралство под власта на Хиерон II. Во историските прегледи за античка Сиракуза не се наведува дека градот бил составен дел од македонска држава или империја.
Од друга страна, постојат историски податоци дека огромниот брод „Сиракузија“ навистина бил изграден по наредба на Хиерон II и дека неговиот дизајн традиционално му се припишува на Архимед. Според достапните историски извори, станувало збор за еден од најголемите и најлуксузни бродови на античкиот свет, со простории за патници, градини и други содржини.
Не пронајдовме релевантен историски или академски извор што го дефинира „Сиракузија“ како првиот патнички брод во светот. Историјата на поморството покажува дека различни видови пловни објекти за транспорт на луѓе и стока постоеле илјадници години пред времето на Архимед. Според Encyclopaedia Britannica, најраните докази за пловни објекти потекнуваат уште од четвртиот милениум п.н.е., а развојот на бродоградбата има континуитет од повеќе илјади години. И World History Encyclopedia во својот преглед на бродовите во античкиот Медитеран прикажува бројни египетски, феникиски, грчки и римски пловни објекти кои се користеле многу пред III век п.н.е. Поради тоа, тврдењето дека „Сиракузија“ бил првиот патнички брод во историјата не е поткрепено со достапните историски докази.
Оттука, иако е точно дека Архимед бил исклучителен научник кој учествувал во проектирањето на бродот „Сиракузија“, нема историски докази дека бил Македонец, ниту дека Сицилија била дел од Македонската империја во негово време. Исто така, нема потврда дека „Сиракузија“ бил првиот патнички брод во историјата, а уште помалку дека станувало збор за „прв македонски патнички брод“.
Поради тоа, тврдењето го оценуваме како делумно неточно и историски манипулативно.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар