Нема историски или научен доказ дека ознаката „Z“ на руската армија е „древен православен словенски симбол“

Напуштен руски тенк во Украина Фото: Ukrinform TV, CC BY 3.0, via Wikimedia Commons

Буквата „З“ напишана на латиница, односно „Z“, нема никаква врска со православната религија. Таа нема никакво значење во религијата, ниту пак, е поврзана со Светото Тројство. Оттука, погрешно е и тврдењето дека Западот „го мрази затоа што е христијански симбол“?

Буквата „З“ напишана на латиница, односно „Z“, нема никаква врска со православната религија. Таа нема никакво значење во религијата, ниту пак, е поврзана со Светото Тројство. Оттука, погрешно е и тврдењето дека Западот „го мрази затоа што е христијански симбол“?

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

„ШТО Значи Амблемот и Ознаката „Z“, што Руските Борци Гордо го Истакнуваат. Тоа не е Буква на Зет, на Руската Азбука, на Кирилица, не Постои. И зошто ги Загрижува Западните „Демократи“ до таа Мера што го Мразат и Сакаат да ги Процесуираат оние што го Промовираат? „Z“ е Древен Православен Христијански Симбол; многу важен за Словенските Народи, бидејќи обезбедува заштита од Темни Сили. Горната Лента на Буквата „Z“ ги Претставува Небото и Бога. Долната: Земјата и Синот. Дијагонала: Светиот Дух, кој Истовремено го Поврзува и Затвора просторот помеѓу Небото и Земјата, Спречувајќи го Влегувањето на Злото. Овој Древен Симбол е најстарата Словенска Молитва, која денес се Практикува како: „Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, Амин.“ Затоа го Мразат и Сакаат да се Ослободат од Него.“

Нема историски или научен доказ дека ознаката „Z“ што ја користи руската армија е „древен православен словенски симбол“ со значење „Отец, Син и Свет Дух“. Не постои признат древен симбол „Z“ со значењето што е наведено во објавата што ја анализираме. Историчари и експерти за Русија објаснуваат дека „Z“ се појави масовно дури со руската инвазија на Украина во 2022 година.

Буквата Z нема апсолутно никаква поврзаност со симболите на православната религија, ниту со Светото Тројство. Ваква теорија никогаш не е споделена во јавноста, ниту пак, кој било од руска страна некогаш ја споделил како вистинита. Исто така, сосема е неточно тврдењето дека „Z” е древен православен христијански симбол. Нема никаков податок дека во православното христијанство оваа буква, на латиница, има некакво значење.

Најпопуларната теорија за буквата „Z“, според воените експерти е дека буквите се напишани според соодветните области каде што обично се стационирани руските трупи, со тоа што Z потенцијално би значело Запад.

Други веруваат дека буквите се исцртани во обид да се избегне непријателски оган, додека некои руски воени про-Кремљ експерти шпекулираат дека буквата Z го означува името на украинскиот претседател Володимир Зеленски, а буквата V за Владимир Путин.

Но, најверојатната теорија за оваа буква е објаснувањето што го даде самото руско министерство за одбрана кое не коментираше ниту една од теориите и наместо тоа, после низата шпекулации, на својот канал на Инстаграм објави дека Z означува „За победу“ („за победа“), а V  „моќта на вистината“.

Други објави на руското министерство за одбрана користат фрази како „за мир“, „за вистина“, сите почнуваат со истиот знак „З“. Други го користат „з“ во средината на зборот „демилитаризација“ и „деназификација“ – едни од причините што рускиот претседател ги наведе како оправдување за инвазијата на Украина.

Буквата „З“ напишана на латиница односно „Z“, нема никаква врска со православната религија. Таа нема никакво значење во религијата, ниту пак, е поврзана со Светото Тројство.

Оттука, погрешно е и тврдењето дека Западот „го мрази затоа што е христијански симбол“.

Причината зошто симболот е контроверзен е што е директно поврзан со руската инвазија врз Украина и со поддршка за војната. Некои европски држави ограничија јавно промовирање на „Z“ кога се користи како поддршка за воена агресија. Но, тоа не е поврзано со православието како религија.

Поради сето погоре, објавата која ја анализираме,  ја оценуваме како невистинита.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција