Нема издание на поштенски марки со македонски револуционери во 1928 година од страна на САД
Во 1928 година, американската поштенска служба испечатила само шест различни тематски поштенски марки за целата година и меѓу нив не се оние од фотографијата од објавата што ја рецензираме.
Во 1928 година, американската поштенска служба испечатила само шест различни тематски поштенски марки за целата година и меѓу нив не се оние од фотографијата од објавата што ја рецензираме
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од поштенски марки и пишува:
Ако не сте знаеле, ова се поштенски марки издадени во САД во 1928 година со ликови на македонски револуционери и карта на обединета Македонија.
Во рамки на објавата се споделуваат фотографии од наводните поштенски марки со македонски револуционери и со карта на „обединета Македонија“ за кои пишува дека биле издадени во САД во 1928 година. Кога ќе се погледнат поштенските марки од објавата, евидентно е дека на нив никаде не стои обележјето на Пошта-САД (United States Postage). На поштенски марки кои се изработени во САД од страна на американската државна пошта, евидентно е дека ја пишува цената на марката (види линк) а наведен е и називот на ентитетот. За разлика од тоа, на поштенските марки од објавата што ја рецензираме, испишано е „Македонија“ и дел од имињата на револуционерите (Делчев, на првата поштенска марка подолу).
„Вистиномер“ ги пронајде поштенските марки кои американската пошта ги издала во 1928 година и од прикажаното е евидентно дека марки на кои се наоѓаат македонски револуционери и карта на „обединета Македонија“ не биле воопшто издадени во Америка во 1928 година.
Карактеристично за поштенските марки издадени во САД во 1928 година е дека на нив се наоѓа натписот „U.S. Postage“ или „United States postage“, што не е случај со марките кои се во склоп на објавата што ја рецензираме. На американските марки од тој период, исто така, испишана е и нивната вредност (на пример, 2 центи, 5 центи), што исто така не е случај на наводните марки со македонски револуционери, на кои нема цена.
Ако ја погледнете архивата (овде, овде или овде), на сите досега издадени поштенски марки во САД, станува евидентно дека вакви поштенски марки, какви што има во објавата, никогаш не биле издадени во САД.
Во 1928 година, американската поштенска служба испечатила само шест различни тематски поштенски марки за целата година, но не биле од македонски револуционери туку претежно биле посветени на почитта кон технолошките откритија на нацијата.
Кон крајот на 1920-тите американската јавност била фасцинирана од авијацијата и технологијата во тоа време, поради што и Државната пошта на САД се фокусирала на поштенски марки со такви мотиви како што пишува на веб страницата на Поштенскиот музеј.
На пример, по повод 25-годишнината од историскиот лет на браќата Рајт и Меѓународната изложба за цивилна аеронаутика во Вашингтон во 1928 година, Пошта – САД, издала две марки во чест на „цивилната аеронаутика“. Покрај тоа, ја прослави американската генијалност во 1929 година со издавање комеморативна марка по повод 50-годишнината од пронаоѓањето на електричната сијалица од страна на Томас Едисон. Марката на Едисон од 2 центи беше издадена и во фолија. Сите поштенски марки што се издадени во 1928 во САД се во боја, а оние кои што се во склоп на објавата што ја рецензираме се црно-бели и не содржат обележја кои што на некој начин упатуваат дека се поштенски марки издадени во САД. Исто така, со вкрстено пребарување на овие марки, во архивата на марки издадени во САД, не се пронаоѓаат совпаѓања.
Ова не е прв пат да се злоупотребува фотомонтажа за ваква невистинита објава. „Вистиномер“ и минатата година рецензираше друга објава со истата фотомонтажа.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар