Нема контрирање во изјавите на Заев и на Спасовски за изборниот датум

[Рецензија: Спасовски контра Заев за избори во јуни]

И во насловот и во самиот вовед од текстот се инсинуира наводен спротивен или контрирачки став на премиерот Оливер Спасовски и на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за датумот на одржување на парламентарните избори. Меѓутоа, такво „контрирање” не постои и тоа се гледа од самата изјава на Спасовски прикажана во написот.

Линк до оригиналниот напис: Спасовски контра Заев за избори во јуни

Датум и време на објавување: 9.5.2020

Датум на рецензија: 9.5.2020

Рецензент: Мирослава Бурнс

 

Кога некој ќе каже дека „не знае дали јуни е идеално време за да се одржат парламентарни избори”, тоа не значи дека тој не се согласува оти во јуни треба да има парламентарни избори. Освен тоа, во вториот дел на изјавата, Спасовски тврди дека изборите треба да се одржат што е можно побрзо, за државата да добие функционални институции за прашања важни за граѓаните и поради најавата за евентуална втора криза од корона-вирусот по септември. Во овој дел од изјавата, фактички Спасовски сосема се согласува со Заев, кој во интервју за „Алсат М“ го кажа истото.

Еве ги двете изјави, на Спасовски и на Заев:

Не знам дали јуни е идеално време за да се одржат парламентарните избори. Сепак, поради најавите дека е можно да се врати оваа криза уште еднаш по септември, мислам дека е неопходно да се одржат што е можно побрзо, имајќи предвид дека на државата и се потребни функционални институции, кои ќе можат да носат одлуки за сите прашања што се во интерес на граѓаните, ПОСОЧИ СПАСОВСКИ.

На лидерската средба ќе дискутираме за овие работи. Прво најважно е кризата да биде одмината и бројката на оздравени да биде јасно видлива. Потоа, изборите да бидат мониторирани од ОБСЕ и ОДИХР. Законските рокови за ажурирање на избИрачкиот список, тоа е процес застанат на пола пат. Не верувам дека ќе имаме друг прикладен период за избори. Сите гИ избегнуваат јули и август, средината на јуни е најдобар датум,  посочи Заев.

Понатаму, можната причина зошто Спасовски вели дека не знае дали јуни е идеалното време да се одржат изборите, е тоа што воопшто не е одржана лидерската средба на претседателите на политичките партии на која треба да се разговара за датумот на изборите. Во моментот кога е напишан текстот на „Курир“, воопшто не е одржан ниту партискиот состанок на СДСМ и коалициските партнери за тоа како ќе настапи оваа коалиција на лидерската средба кај Пендаровски на 12 мај. Оттука, без одржаната лидерска средба, сосема нормално е Спасовски да не знае дали изборите ќе се одржат во јуни.

Друга можна причина зошто Спасовски вели дека не знае дали јуни е идеалното време за одржување на изборите е тоа што уште се мониторира и следи бројот на новозаразените со корона-вирусот, а Комисијата за заразни болести, која го има главниот збор секојпат кога има здравствена опасност за јавното здравје, уште нема излезено со став во врска со изборите. Оттука, констатацијата дека Спасовски и Заев си контрираат околу изборниот датум е инсинуација.

Едноставно, во целиот процес на организирање на изборите има повеќе инволвирани страни (партии), кои не дошле до консензус за датумот, како и многу непознати за развојот на епидемијата со Ковид 19. И, ваквата ситуација во текстот е искористена за да се наметне перцепција за наводна нетрпеливост и несогласување меѓу премиерот и претседателот на СДСМ.

Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција