Нема кредибилни аргументи дека инцидентот во Волино е поради политички причини

Фото: Скриншот

 

Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, даде изјава за инцидентот во с. Волино во која меѓу другото наведува:

…Инцидентот кој се случи беше за време на натпреварот, надвор од теренот. При една погрешна судиска одлука, надвор од заградениот дел на теренот, кон еден од помошните судии вербално реагираше еден навивач, жител на селото, по што водичот на полициските службеници донесол, по мое лично убедување избрзана одлука, навивачот да се приведе. Во тој момент револтирано се спротиставија повеќе навивачи, исто така, жители на селото.

Во тие моменти интервенирав и ги истргав навивачите, со цел да се спречи поголем инцидент, по што ситуацијата се смири, а натпреварот за цело време се играше и безбедно заврши…

…Сакам да потенцирам, дека нема потреба на настанот да му се придаваат политички конотации, бидејќи на натпреварот немаше никакви знамиња или некакви скандирања. За веродостојноста на кажаното може да се погледне и снимката од натпреварот.

[ИЗВОР: Либертас/Фејсбук статус – датум: 10.09.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, дадена на неговата официјална фејсбук страна, ја оценуваме како вистина и како доследна изјава. Причината за ваквата оценка е најпрво споредбата со неговата кратка изјава дадена ден порано за порталот Скопје1, а потоа и поради прверката на повеќето извори, меѓу кои и видео снимката од инцидентот, кога во селото Волино полициски конвој беше блокиран од месното население со барање да се ослободат приведените.

Станува збор за инцидент случен на фудбалски натпревар од Третата лига помеѓу ФК Сатеска од Волино и ФК Црно Буки од Битола, кој поприми политички димензии поради одредени неименувани и именувани извори на кои се повикуваа дел од медиумите, а кои тврдеа дека приведувањето најпрво на еден, а потоа и на неколку други лица на натреварот се случило поради истакнување на знамето од Кутлеш и пароли „никогаш северна, само Македонија“.

Ако се погледнат внимателно сите објави што се достапни на агрегаторот Тајм.мк, нема релевантни факти со кои би се поткрепило тврдењето дека настанот има политичка позадина. На ваквото известување реагираше и МВР, упатувајќи барање до новинарските организации да реагираат на „непрофесионалното, неетичко и очигледно свесно дезинформирачко постапување со цел поттикнување на омраза, насилство и нетрпеливост на неколку медиуми..“, од каде потсетуваат дека уште истиот ден издале соопштение за инцидентот во кое тврдат дека станува збор за незадоволство на навивач кој влегол на теренот со цел да ги нападне судиите поради нивна одлука.

Медиумите имаат право да не веруваат во полициско соопштение, а МВР во овој случај постапува некоректно, бидејќи најпрво институцијата сама оценува кој медиум „очигледно свесно дезинформира со цел поттикнување на омраза“, а потоа ги повикува медиумските организации тие да реагирале. Зошто, ако се знае дека по закон имаат надлежност да покренат кривични пријави или да поднесат специјален поднесок до ЈО за говор на омраза?

Но и покрај ова, во конкретниот случај оние медиуми што известуваат дека причина биле знамиња или пароли, сепак не понудија доволно релевантни факти. Дури и самиот жител на Волино што бил прв приведен не е сигурен во своето тврдење, туку само изразува сомнеж дека причината била таа зашто утрото на денот на натпреварот на неговиот објект во селото ги ставил знамињата и некој го предупредил дека ќе има проблем.

Но, и од неговата изјава и од изјавите на Ногачески, и од виедеото со запрениот конвој на полицијата, може да се заклучи дека дека интервенирањето на полицијата за време на натпреварот не била поради знамиња или пароли, туку, како што вели Ногачески, од „навивачка и спортска природа“:

Инцидентот се случи надвор од спортскиот терен и нема врска со политика. Апелирам да не се политизира, да не се поврзува со некој историски случувања од пред повеќе од еден век, или да се поврзува со актуелни тековни политички процеси. Значи повторувам нема политика во инцидентот и целиот настан е од навивачка и спортска природа. (види тука).

Поради погоре наведените причини изјавата на Ногачески на ФБ ја оценуваме како вистина.

ИЗВОРИ:

 

Оценил: Тео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.