Нема лекари меѓу „договорците“ од Детска клиника што си ги бараат платите и решавање на статусот
Точно е дека кадар од Клиниката за детски болести – околу 50 лица, протестираат за решавање на нивниот статус и исплаќање на заостанатите плати, но не се работи за лекари туку за административен персонал и за медицински сестри за кои Министерството за финансии дало негативно мислење, односно решило да не им биде продолжен ангажманот на Клиниката
Точно е дека кадар од Клиниката за детски болести – околу 50 лица, протестираат за решавање на нивниот статус и исплаќање на заостанатите плати, но не се работи за лекари туку за административен персонал и за медицински сестри за кои Министерството за финансии дало негативно мислење, односно решило да не им биде продолжен ангажманот на Клиниката
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ЗДРАВСТВО НА ИНФУЗИЈА: Доктори и сестри со месеци работат без денар, Детската клиника пред колапс! Пет децении граден здравствен систем се крши врз грбот на педесетмина медицински и административно-технички работници од Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, кои веќе пет месеци извршуваат дежурства и спасуваат детски животи без да добијат ниту еден денар плата. Револтирани од институционалниот молк и егзистенцијалната криза, тие излегоа на мирен протест пред Министерството за финансии, барајќи ги своите заработени плати и итна трансформација на работниот статус.Административен лавиринт на штета на пациентите Овој скандал ја оголи суровата реалност во македонското јавно здравство, каде бирократијата е поважна од човечкиот живот. Овие луѓе од почетокот на годинава немаат потпишано нови договори за дело, но водени од професионалната етика, редовно доаѓале на своите работни места во клиниката. Шокот пристигнал дури во април, кога од надлежните институции било испратено негативно мислење за нивниот понатамошен ангажман. Додека Министерството за финансии се оградува со соопштенија дека „постапува согласно важечките законски прописи и во рамки на буџетските корисници“, реалноста на терен е алармантна. Меѓу измамените работници има професионалци кои веќе осум години се заглавени со привремени договори, без здравствено осигурување и без никакви работнички права. Менаџментот на Детската клиника отворено признава дека сите барања се навремено поднесени и дека без овие 50 лица, институцијата се соочува со целосен оперативен крах. Доколку овие кадри си заминат, нормалното функционирање и згрижувањето на најмладите пациенти од целата држава ќе биде сериозно нарушено. Глас на очајот: Клучни изјави од теренот „Која е логиката, работиме во здравство, а немаме здравство? Идеме на работа за да добиеме решение. Има колешки што со договор работат веќе 8 години.“ – Седат Буши, работно ангажиран на Клиниката за детски болести. „Некои викаат не е листата поднесена добро, не знаеме што е проблемот. Немаме никаков одговор конкретно.“ – Фљора Гаши, работно ангажирана на Клиниката за детски болести. Заклучок: Кога системот ќе ги изневери најранливите – Апсурдот да се работи во јавно здравство, а да се нема пристап до основните здравствени и егзистенцијални права, ја преминува границата на хуманоста. Детската клиника не е обична административна зграда за да трпи бирократски игри и префрлање на топката помеѓу министерствата. Додека државата се соочува со масовен одлив на медицински кадар во странство, оние кои останаа тука да се борат за нашите деца се казнети со петмесечен глад. Времето за политички изговори помина – решенијата мора да се најдат веднаш, пред да биде предоцна за целиот здравствен систем.
Не е точно наведеното во објавата дека меѓу оние коишто бараат решавање на нивниот работен статус и добивање решение, како и исплаќање на повеќемесечни плати, имало и доктори. Ниту едно од лицата кои излегоа на протестот, наспроти наведеното во објавата не е доктор/лекар.
Како што објави Канал 5 станува збор за 50-тина медицински сестри, техничари, лаборанти и административци кои 5 месеци одат на работа на Клиниката за детски болести без надоместок, поради што излегле на протест пред Министерството за финансии да бараат исплата на платите и решение за постојано вработување. Повикувајќи се на изјава од директорот на Клиниката за детски болести, доктор Реџеп Мемеди, телевизијата посочува дека се работи за помошен медицински персонал, од што произлегува дека не се работи за лекари/доктори, како што се тврди во објавата што ја рецензираме.
Станува збор за помошен медицински персонал, за кој како што секогаш правиме, од декември испраќаме барања ама овојпат одговорот патуваше 5 месеци, изјавил за Канал 5 меѓу другото директорот на Клиниката за детски болести доктор Реџеп Мемеди, додавајќи дека се работи за неопходен кадар и дека пациентите од внатрешноста завршуваат на оваа клиника од терциерно ниво за лекување и од Клиниката за детски болести би немало каде да се препратат.
Од Министерството за финансии одговориле дека постапиле во согласност со Законот за буџет. Според ТВ 21 меѓу персоналот од Клиниката за детски болести кој бара решавање на статусот односно да добијат решение за вработување наместо договор за дело, имало и кадар што 8 години непрекинато работи на Клиниката за детски болести.
И други медиуми кои известуваа за протестот пред Министерството за финансии, наведуваат дека се работи за кадар кој е помошен, односно не се работи за лекари. Покрај административниот кадар кој е со договор на дело, има и медицински кадар кој е со договор на дело што не бил продолжен, но не се работи за лекари туку за медицински сестри.
Персоналот, исто така, посочил и дека е небулозно да работат во јавното здравство без самите да имаат здравствено осигурување, а исто така негодуваат и зашто барањата за нивниот работен статус биле поднесени во декември, а негативното мислење од Министерството за финансии стасало во мај. Во целиот меѓупериод тие работеле, но не биле исплатени.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како делумна невистина. Точно е дека кадар од Клиниката за детски болести – околу 50 лица, протестираат за решавање на нивниот статус и исплаќање на заостанатите плати, но не се работи за лекари туку се работи за административен персонал и за медицински сестри за кои Министерството за финансии дало негативно мислење, односно решило да не им биде продолжен ангажманот на Клиниката.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар