Нема лекари во државното здравство што работат за 250 евра плата

Фото: скриншот од дел од објавата

Од три извори добивме потврда дека во Северна Македонија не постои лекар што зема 250 евра плата. Платите се многу повисоки

Од три извори добивме потврда дека во Северна Македонија не постои лекар што зема 250 евра плата. Платите се многу повисоки

 

Рецензираме објава на Фејсбук во кој е споделен текст со наслов ,,Само во Македонија: Пекар со плата од 600 евра, а лекар со 250 евра”.

Во самата содржина на текстот лекарите не се споменати ниту еднаш, односно на ниеден начин не е поткрепена информацијата дадена во насловот на текстот дека има такви меѓу нив што земаат плата од 250 евра. Таа информација е само дадена во насловот и спомената е еднаш.

„Вистиномер“ се обрати до првиот човек на Министерството за здравство, од каде што ни рекоа дека во државното здравство нема ниту еден лекар кој работи за 250 евра односно за 15.500 денари.

Во државното здравство нема лекар чија плата е 250 евра. Надоместот на стажантите е 30 илјади денари, рече за „Вистиномер“ министерот за здравство Венко Филипче.

Доктор Ненад Лазаров, претседател на Асоцијација на специјализанти и млади лекари, исто така, негираше дека во земјава лекари работат за 250 евра.

Државата одреди државен просек за млад општ лекар и тој е околу 26 илјади денари, потврди д-р Лазаров за „Вистиномер“.

Доктор Иле Кузмановски, од Здружението на специјализанти, исто така за „Вистиномер“, ја негираше оваа информација.

Не, во државното здравство нема лекар со толку ниска плата. Сите земаат подобри плати од тоа, рече д-р Кузмановски.

Оттука оценуваме дека информацијата изнесена во насловот на текстот кој го рецензираме е неточна, иако е лесно проверлива. Во земјава платите на лекарите не се движат во опсегот на 250 евра. Во Клинички центар „Мајка Тереза“, односно државна болница, според нашите неофицијални информации, основната нето плата на лекарот е барем околу 55 илјади денари, меѓутоа ова не значи дека ваква плата земаат сите лекари. Лекарите со повеќе дежурства заработуваат и многу повеќе, но и работат подолг број часови.

 

 

 

 

 


Овој напис е изработен во рамките на проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција