Нема линк меѓу коронавирусот и прскањето против комарци

Тврдењето дека не се работи за вирус туку за бактерија, е погрешно и е во спротивност со ставот на СЗО дека се работи за вирусна респираторна инфекција предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2 – Ковид–19. Најголемиот дел од земјите во светот, вклучително и здравствените власти во Република Северна Македонија, се држат до препораките и мерките на СЗО за заштита од коронавирусот. Досега не е познато дека средството за прскање против комарци има некаква врска со коронавирусот

 

На социјалната мрежа Фејсбук се шири објава со која се наведува јавноста на мислење дека нема епидемија на коронавирус, туку во прашање е бактерија која наводно се испушта при авионското прскање против комарци?!

Станува збор за манипулативен пост од два дела, при што на првиот е прикажана монтирана фотографија, за којашто проверката покажа дека е преземена од Фејсбук страницата „Форум Антиглобалиста“. Таму е објавена на 20 јули во пост,  во кој, исто така, се тврди дека се работи за „бактерија со која народот се труе преку средството за прскање комарци!“ На споменатата ФБ страница, инаку, може да се видат еден куп објави за тоа дека постои светски заговор со коронавирусот и објави против вакцините.

Монтираната фотографија, всушност, е преземена од  пост (напис) објавен на 14 јули на Фејсбук страницата на регионалната платформа N1, која, како што е наведено во нивниот импресум, има продукциски центри во Србија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а има и ексклузивно партнерство со CNN. Фактички се работи за информативен текст  со наслов: „Обдукцијата на починатите од Ковид-19 покажала згрутчување на крв во речиси секој орган“(Obdukcijom žrtava COVID-19 pronađeni krvni ugrušci u skoro svakom organu) . Написот е преземен од CNN и се повикува на студијата на  докторката Ејми Рапкивиц, главен патолог во Медицинскиот центар „Лангон“ во Њујорк. За ова, инаку, тогаш пишуваа и македонските  медиуми.

Во конкретниот случај напсиот е злоупотребен и тоа најпрвин за манипулација на Фејсбук страницата „Форум Антиглобалиста“,  каде  е направен принтскрин на постираниот текст од платформата N1 и на него е вметнат текстот:

Нема вирус, ова е бактерија со која нè прскаат, и која ја згрутчува крвта, не се пренесува од човек на човек, туку ја згрутчува крвта и тогаш секако отежнато дишете и на крајот умирате од запушување на крвните садови односно најчесто од мозочен или срцев удар.

Затоа САД излегоа од СЗО и сега полека обелоденуваат што е приказната со Ковид -19

А потоа е налепен и еден од коментарите под  постираниот текст на  платформата N1

Дали знаете какви се симптомите на труење со хлорцијаном? Идентични со оние  кои ѝ ги  припишуваат на корона зверот (бештијата). Идентично! Што е сега хлорцијан, а? Не, ни тоа не се мачка на леб. Тоа е воен отров со којшто ве прскаат против комарци. И не, тие не прскаат против комарци. Тие прскаат против – ВАС! СИТЕ НАС! Но, тоа не можевте да го слушнете во Задруга, нели?

Вака намонтираната илустрација на Фејсбук страницата „Форум Антиглобалиста“,  оди во комбинација со пост во кој има повик да се шири вистината за „шарадата со таканаречената корона“!

Сето ова, се разбира, дека не е точно.

Најпрвин, тврдењето дека не се работи за вирус туку за бактерија, е погрешно и е во спротивност со ставот на Светската здравствена организација (СЗО) дека се работи за вирусна респираторна инфекција предизвикана од новиот коронавирус SARS-CoV-2Ковид – 19,  кој никој не го спори. Напротив, најголемиот дел од земјите во светот, вклучително и здравствените власти во Република Северна Македонија, се држат до препораките и мерките на СЗО за заштита од коронавирусот.

Неточно е и тврдењето дека болеста не се пренесува од човек на човек. Познато е дека се пренесува преку човечки контакт, главно преку ситни капки кои завршуваат во воздухот кога заразениот човек зборува, кашла или кива. Затоа и се препорачува држење дистанца, носење заштитна маска и честа дезинфекција односно  миење на рацете.

Понатаму, текстот  којшто е искористен за манипулација, говори  за тоа дека кај пациенти починати од Ковид 19 е забележано згрутчување на крв во речиси секој орган, и тој не спори со постоењето на вирусот. Како што може да се види во написот, студијата на докторката Ејми Рапкивиц е правена со цел да помогне подобро да се разбере како Ковид-19 влијае на телото и организмот.

Целосно е невистинито и тврдењето: „Затоа САД излегоа од СЗО…“ (демек, не постоела болеста).

Соединетите Американски држави на почетокот на јули официјално се повлекоа од Светската здравствена организација (СЗО), но не затоа што „вирусот не постои“, туку поради „лошото менаџирање со пандемијата и поради прикривање на докази за ширење на коронавирусот“.

Исто така,  досега не е познато дека средството за прскање против комарци има некаква врска со  коронавирусот, како што се алудира на Фејсбук објавата што ја анализираме, а на која има кратко видео на кое е прикажан авион како испушта некаква материја. Меѓутоа, не може да се види од каде е симнато видеото и за што точно станува збор.

Арно ама, со него може да се манипулира и да послужи за креирање на лажна прецепција дека, наводно има линк меѓу прскањето против комаци и „измислениот“ коронавирус.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција