Нема медицински докази дека никотинот има антивирално дејство против коронавирусот

Фото: HFCM Communicatie, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Фактичките проверки и големите здравствени организации не го поддржуваат тврдењето дека никотинот е антивирално средство.

Во моментот нема силни медицински докази дека никотинот има директно антивирално дејство против САРС-КоВ-2 или дека може да го „блокира“ спајк-протеинот (spike) на вирусот, на начин што значајно ја спречува инфекцијата кај луѓе или ги лекува симптомите. Фактичките проверки и големите здравствени организации не го поддржуваат тврдењето дека никотинот е антивирално средство

 

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која меѓудругото вели:

Во Македонија ќе започне да се спроведува забраната за користење на тутунот..
Пишував,постирав и порано за ова
Сега од илјадници домашни грла,тутурутки во занес, громогласно ќе се прогласи конечната победа против страшниот непријател Тутунот и ќе се глорификува предавничката,анти државна политика за уништување на оваа благородна билка,која итекако е корисна за човековото здравје…
Најважната цел која стои позади оваа одлука е откритието дека глобалистичка агенда за депопулација спроведувана преку Ковид агендата не успеа во добар дел поради способноста на Никотинот да го анулира отровот инјектиран во луѓето,преку биолошкото оружје вакцината…
Нано структурите беа разложени во неколку минути од страна на Никотинот така да многу луѓе избегнаа повредување или смрт поради него…
Пушачите тоа и не го знаат…
Не знаат дека Никотинот не дозволи да бидат повредени, но тоа е најмалку битно бидејќи тие ќе продолжат да пушат..

Објавата споделува видео од Јутјуб, поткаст со извесен др. Брајан Ардис, во кое тој, според најавата во видеото, зборува за никотинот како лек особено во борбата против коронавирусот.

Објавата не нуди ниту еден „медицински факт“ дека никотинот има антивирално дејство и дека е лек против коронавирусот. Уште помалку дека анулира некаков отров од ковид-вакцините кој има за цел да ги убијат луѓето. Дека ковид-вакцините не убиваат туку штитат, Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.

Нашата проверка утврди дека тврдењето во објавата промовирано преку ставовите на наводниот доктор, е погрешно. Имено, во моментот нема силни медицински докази дека никотинот има директно антивирално дејство против САРС-КоВ-2 или дека може да го „блокира“ спајк-протеинот (spike) на вирусот, на начин што значајно ја спречува инфекцијата кај луѓе или ги лекува симптомите. Фактичките проверки и големите здравствени организации не го поддржуваат тврдењето дека никотинот е антивирално средство.

Вакви дезинформации се ширеа уште за време на пандемијата на ковид-19 и истите Вистиномер ги има дебанкирано.

Уште во 2020 година пишувавме дека во нашата земја, како и во регионот, се појавија вести за студии поврзани со пушењето како „лек” против вирусот.

Изворот на овие информации беше француската студија што ја објавија неколку француски научници на 22 април (2020) во магазинот „Qeios“, а која предизвика низа реакции во Франција и пошироко. Резултатите претставени од овие научници беа изненадувачки, бидејќи процентот (бројот) на пушачи кај луѓето заразени со ковид-19 беше мал.

Споменатата студија спроведена во париската универзитетска болница „Питие-Салпетриер“ се фокусираше само на 350 хоспитализирани пациенти и 130 полесни пациенти примени на лекување, сите тестирани и позитивни на ковид-19. Повеќе за ова прочитајте во анализата на Вистиномер.

На истата тема пишува и сајтот за проверка на фактите Сноупс.

Светската здравствена организација (СЗО) не препорачува никотин за спречување или лекување на ковид-19. СЗО ја анализираше врската помеѓу пушењето, никотинот и ковид-19 и изрази недоволно докази за заштитната улога на никотинот. Според СЗО, пушењето ја отежнува функцијата на белите дробови и ги зголемува ризиците од сериозни болести.

Ковид-19 е заразна болест која првенствено ги напаѓа белите дробови. Пушењето ја нарушува функцијата на белите дробови, отежнувајќи му на телото да се бори против коронавирусите и други болести. Тутунот е исто така главен фактор на ризик за незаразни болести како што се кардиоваскуларни заболувања, рак, респираторни заболувања и дијабетес, што ги става луѓето со овие состојби во поголем ризик од развој на тешка болест кога се погодени од ковид-19. Достапните истражувања сугерираат дека пушачите се изложени на поголем ризик од развој на тешка болест и смрт, пишува на официјалната веб-страница на СЗО.

Иако постоеле научни хипотези за можни механизми (вклучително и истражување за ACE2 или рецептори), доказите биле слаби и контрадикторни, и ништо не е докажано како ефективна терапија.

Што се однесува до др. Брајан Ардис, на чиишто ставови се повикува објавата презентирајќи ги како медицински факти, важно е да се напомене дека проверувачите на факти и претходно ги дебанкирале неговите тврдења дека никотинот е ефективен, на пример во лекување на невролошки заболувања, на Паркинсова болест и на тумори на мозокот. Притоа, др. Ардис е посочен како „здравствен инфлуенсер“.

Никотинот, стимуланс што предизвикува зависност и се наоѓа во растението тутун, може да го зголеми ослободувањето на допамин и други невротрансмитери во мозокот. Но, тврдењата дека хемикалијата не предизвикува зависност и дека може да спречи или излечи повеќе невролошки заболувања – како што се Паркинсонова болест, Алцхајмерова болест и глиобластомски тумори на мозокот – се лажни. Додека научниците ги истражуваат потенцијалните ефекти на никотинот врз когнитивните способности, експертите велат дека тврдењата за лековити својства се лажни, пишуваат проверувачите на факти на АФП.

Според Фактчек.орг др. Брајан Ардис е пензиониран киропрактичар кој продава наводни лекови за акни преку интернет. Фактчек ги дебанкирале неговите тврдења дека ковид-19 бил предизвикан од змиски отров.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција