Нема место за навреди во изборните спотови

Фото: Принтскрин колаж

 

Иако главната поента на видео записите е политичарите да ја пренесат до гласачите клучната порака на нивната идеја, сепак не е забрането ни да се критикува  политичкиот противник.  Но, во секој случај тоа мора да биде во границите на доброто однесување, без лични навреди  и омаловажување 

 

Пишува: Магдалена Андоновска

 

Анализираме два изборни спота на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои јавноста има можност да ги гледа на телевизиите и социјалните мрежи. Станува збор за спотот на ВМРО-ДПМНЕ насловен како „Заев падна на испит“ и спотот на СДСМ насловен „Во каква земја сакаме да живееме“.

Неретко сме биле сведоци на дебати, во кои политичарите во желбата да доминираат над својот противник знаеле да бидат и погласни и со послободен речник. Но, што правиме со оние кои свесно или несвесно се повторуваат по 50 пати на ден и со илјадници прегледи на социјалните мрежи. Тука пред сè мислиме на комерцијалните видео записи, односно спотовите во кои нечија креативност го надминала добриот вкус и тргнала во погрешен правец.

 

„ЗАЕВ ПАДНА НА ИСПИТ“

Еден од нив е спотот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ насловен како „Заев падна на испит“. Овој спот чија замисла била преку ученикот да го престават претседателот на СДСМ Зоран Заев, односно неговото, според нив, непознавање на историјата, сервилноста кон меѓународната заедница и договарање на бизнис зделки, е адекватен пример за претерување во креативноста. Колку истиот да изгледа како приказна што ќе насмее многумина гледачи, сепак изобилува со навредливост, пред сè поради фактот што претседателот на СДСМ го поистоветува со лош ученик, кој не само што нема познавање од ниту една наука, туку е на ниво на првоодделенец. Од друга страна главната поента на спотот е преку ученикот да се истакне наводната коруптивност, која овде е задскриена со едноставна математика.

 

„ВО КАКВА ЗЕМЈА САКАМЕ ДА ЖИВЕЕМЕ“

Владејачката СДСМ, пак, веројатно водена од желбата да направи разлика од владеењето со ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше  Никола Груевски, со спотот насловен како „Во каква земја сакаме да живееме“, сепак се обидува да спинува.

Во него преку сцени од кумановските настани  кажува дека тогашната власт – предводена од Никола Груевски,  „ја користела секоја можност за разгорување на етнички тензии, верски и политички поделби“. Истовремено во спотот се истакнува и „изолираноста на земјата во тој период“, со порака дека повторно ќе се случи истото доколку ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите.

Сепак,  Груевски веќе не е лидер на ВМРО-ДПМНЕ, па не мора да значи дека при евентуална промена на власта  по дефиниција би се пресликала потполно истата ситуација како во времето до 2016 година.

Во каква земја сакаме да живееме?

Во каква земја сакаме да живееме?❌ Во изолирана земја каде се користеше секоја можност за разгорување на етнички тензии, верски и политички поделби?✅ Или во пријателска земја која ги реши децениските спорови со соседите, кои ни ги отворија вратите во НАТО и ЕУ!

Posted by СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија on Friday, 26 June 2020

 

Изборната кампања за предвремените парламентарни избори 2020 година е во полн ек – трибини, средби со граѓани, презентација на изборните програми, ветувања…Овие избори се одвиваат во време на сè уште активен коронавирус, што  им ја отежнува работата на политичарите со оглед на фактот дека токму за време на кампањата кандидатите за освојување на власта се обидуваат да посетат што повеќе населени места во земјава. Поради ваквата ситуација тие сакале или не мораат да се потпрат на други форми на испраќање на пораки до гласачите, односно да го искористат влијанието на социјалните медиуми и секако традиционалните канали, односно телевизиите и радијата.

И, иако, главната поента на видео записите е политичарите да ја пренесат до гласачите клучната порака на нивната идеја, сепак не е забрането ни да се критикува политичкиот противник. Но, во секој случај тоа мора да биде во границите на доброто однесување, без лични навреди и омаловажување.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција