„Нема нација без документација“

Напуштениот и изгорен магацин на јавните училишта во Деторит, сојузна држава Мичиген, САД, после пожарот кој се случи на 4 март 1987 година во 9.20 часот наутро. 100 пожарникари со часови работеа на тоа огнот да не се прошири. Во магацинот се чуваше целиот школскиот прибор за потребите на училиштата во градот и документацијата наназад до 1918 година, која беше целосно уништена. Фотографии: Jo Guldi, 2009 и Shane Gorski, 2008
Напуштениот и изгорен магацин на јавните училишта во Деторит, сојузна држава Мичиген, САД, после пожарот кој се случи на 4 март 1987 година во 9.20 часот наутро. 100 пожарникари со часови работеа на тоа огнот да не се прошири. Во магацинот се чуваше целиот школскиот прибор и учебници за потребите на училиштата во градот и документацијата наназад до 1918 година, која беше целосно уништена. Фотографии: Jo Guldi, 2009 и Shane Gorski, 2008

 

Една од суштинските задачи на новинарството е секогаш да потсети на нешто што се случило во минатото, а се случува и сега. Зашто во политиката особено, сите работи се повторуваат еднаш од незнаење, другпат од глупост, третпат заради заборавање

  

Пишува: Александар Шољаковски

 

Секогаш кога ќе прочитам или чујам некоја новинарска некомплетна информација, се присеќавам на една досетка на Димче Мире, основачот на Архивот на Македонија, кој, за пластично да го објасни значењето на дејноста рекол: „Нема нација без документација“. Оваа негова досетка е применлива особено во новинарството, и би гласела: „Нема новинарство без документација“, зашто секој сериозен текст има амбиција да потсети и упати на нешто, да извлече поука и така да остане запаметен и покрај, нели, минливоста на дневната новинска креација…

Но, во политиката и животот многу работи се повторуваат. Се повторуваат како ситуации, како комбинации, а настаните, иако нови, ретко кога се први, единствени и оригинални.

Нашето новинарство, за жал, ретко кога ги исполнува овие функции. Пред сè, ретко кога користи документација во својата работа. Дали заради обемот на работата, дали заради слабото вреднување на нивниот труд, едноставно новинарите ретко своите написи и прилози ќе ги збогатат,посочувајќи некој сличен настан или состојба од минатото. Ако се навратат, тогаш тоа е повеќе по сеќавање. Затоа кај нас сите работи или „нѐ изненадуваат“ или „за првпат се случуваат“ или се „историски“. Штосот е во тоа што најчесто не се такви.

 

ПОРАНО СЕ СЕДЕЛО ДОМА ЗА НОВА ГОДИНА (?!)

Пред година-две, во една скопска редакција на дневен весник, случајно имав прилика да видам текст на една млада новинарка која зборува за традицијата на прославите на Нова година кај нас. Па вели дека во минатото, (а, тоа за неа биле годините на социјализмот или многу далечните шеесетти години), Новата година практично не се славела и дека луѓето главно си седеле дома. Фала Богу, уредникот имаше некои други сеќавања и го врати текстот на запрепастување на младата новинарка, која упорно тврдеше дека тоа било така и дека некој така и кажал.

Да се потруделе малку, во некоја документација или да се распрашале новинарите немаше пред десетина години посетата на прославениот француски шансониер Шарл Азнавур да ја прогласат за негова прва посета на Македонија. Да се распрашале ќе дознаеле дека Азнавур одржа целовечерен концерт во Скопје во „далечната“ 1968 година. Истото се повтори и со Зубин Мехта, големиот светски диригент кој гостуваше во Скопје во 1967 година со филхармонијата на Лос Анџелес. Вакви примери има колку сакате. И тоа можете да го припишете на небрежност, несериозност, неукост.

Но, има многу посуштински денешни состојби слични или исти со минатото, а кои не се нотираат, иако се работи за настани од пред петнаесетина или дваесет години.

Да се потсетевме на некои слични настани од минатото, немаше да чекаме индиските власти да го уапсат Субрата Рој, па да знаеме дека се работи за измамник од голем калибар. Требаше да си приспомниме, на пример, на Марк Гут, изнајмениот глумец кој одеше божем да го купува рудникот Бучим по нечиј налог, а на работниците им ветуваше дека тој од мензата ќе направел – Мекдоналдс ресторан! Полесно ќе преминевме и преку појавата на емирот од Катар од кого пред година-две се очекуваа некои извонредни инвестиции. Но, такви потсетувања немаше.

 

ОСУМТЕ МИЛИЈАРДИ ЕВРА КАКО ГОДО

Ако се направи список на сите ветени, а нереализирани инвестиции кај нас во последниве неколку години овој простор ќе биде недоволен. Ако споредиме со некои многу скорешни инвестициски соништа би можеле да констатираме дека ветувањата за фабрики со илјадници вработени сѐ некако се смалуваат, па сега се нудат некои други со по стотина или педесетина вработувања. Секако во тие потсетувања би стигнале и до прашањето што стана со програмата за инвестирање на осумте милијарди евра, кои Груевски така помпезно ги најави, за во наредните години, кои, еве, скоро да поминаа. Но, такви потсетувања не се направија, па ветувањата се нижат.

Во сегашната парламентарна криза и отсуството на опозицијата, не ќе беше лошо медиумите да потсетеа дека на сегашната партија на власт ѝ беше „специјалност“ бојкотирањето на работата на Собранието. Се разбира, додека беше во опозиција. И дека методот на напуштање на парламентот е нивен „патент“. Тој метод на притисок и незадоволство ВМРО-ДПМНЕ здушно го користеше уште во почетоците на плуралниот систем. Некој во телевизиите би можел да побара во документацијата снимки од Груевски и неговите пратеници, како застанати пред пултот на претседателот на Собранието со викање и тропање не му дозволуваа на спикерот да ја води седницата и ги грабаа микрофоните. А тоа беше пред десетина години. Заради слично такво однесување, власта минатата година употреби специјалци и ги исфрли пратениците од Собранието.

Би било поучно во ова сегашно меѓуетничко испробување на силите, да откриеме кои се намерите, што се крие зад тоа и да се потсетиме на периодот пред настаните од 2001 година. Непосредно пред вооружениот судир премиерот Георгиевски тврдеше дека никогаш во историјата не сме имале „порелаксирани меѓуетнички односи“. Тоа би било поучно, особено за сегашниот премиер кој очигледно има некаков смер и планови во разврската на меѓуетничките тензии.

 

ВИСТИНАТА НЕ СЕ СЛУЧУВА САМО СЕГА

Можеби ќе ни биде полесно да ги свариме решенијата и однесувањето на Уставниот суд од кој толку се очекува во ставањето ред во правниот хаос кој го создава власта, ако се потсетиме на низа срамни решенија на истиот суд од минатото. На пример, на одбивањето на Судот да решава по иницијативата на 170.000 граѓани за предвремени избори во 1996 година!

Вакви потсетувања можеби ќе посочат дека главните новинарски поддржувачи на Груевски некогаш беа исто толку острастени обожувачи на Црвеновски. И тоа не беше толку одамна. Ако тоа се знае, прашање е дали сегашните нивни ставови би го имале истиот кредибилитет?

Ова не се само злобни потсетувања на некој кој памети малку подобро и подолго. Ова е, пред сѐ, заложба за сериозно новинарство, кое се потпира на документи, факти и реални настани и ги нарекува состојбите и настаните со вистинското име. Зашто низ целата новинарска кариера сум се убедил дека не може да се биде објективен известувач ако не знаете и не посочите некое друго претходно искуство, настан или состојба. И дека вистината не се случува само сега. Таа се случувала и порано.

Дали сте забележале дека големите светски весници и програми секогаш во секој нов настан ќе потсетат на нешто слично од минатото? За секоја случка се бара некој репер во минатото, блиско или подалечно. Скоро без исклучок. Добрите големи весници во секој текст ќе ви посочат и други текстови и извори кои можете да ги консултирате. Секоја солидна програма, веднаш, по некој значаен настан ќе направи емисија или прилог кои се потпора и го објаснуваат настанот… Едноставно, сериозно новинарство без потсетување, без бекграунд- нема! Таквото новинарство не држи, не е убедливо.

Да се навратам на почетокот на текстот. Ако без документација нема нација, тогаш без докази, без бекграунд нема ни сериозно, добро и конзистентно новинарство.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција